ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ ВО ХОЛАНДИЈА

Македонските филмови „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Боли ли?“ на Анета Лешниковска, „Превртено“ на Игор Иванов, „Илузија“ на Светозар Ристовски, „ДАЕ“ на Столе Попов и „Воајер“ на Александар Спасовски ќе бидат прикажани на првиот филмски фестивал „Источни соседи“ (Eastern Neighbours) што од денеска до 9 ноември ќе се одржува Утрехт, Холандија.
На фестивалот ќе учествуваат 13 земји од Источна и Југоисточна Европа и, покрај македонските, ќе бидат прикажани и филмови од Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Турција и од Украина.
Презентацијата на македонската кинематографија се реализира со поддршка на Министерството за култура и Филмскиот Фонд на Македонија. Предвидени се средби на македонските претставници со голем број режисери, продуценти и филмски работници од Холандија. За време на фестивалот Фондот пред филмската фела во Холандија ќе ја промовира Македонија како атрактивна туристичка дестинација.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЗА МАКЕДОНИЈА 448,8 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИПА
ВО ПЕРИОДОТ 2008 - 2012


Македонија во наредните четири години ќе може да користи 448,8 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА).
Во Стратегијата за проширување 2008-2012 и извештаите за напредокот на земјите кандидати и аспиранти за членство што ги објави вчера Европската комисија, за Македонија догодина се предвидени 81,8 милиони евра од ИПА, во 2010 - 92,3, во 2011 - 98,7, а во 2012 - 105,8 милиони евра. Според податоците на ЕК, од фондовите на Европската унија за претпристапна помош, Македонија годинава можела да користи 70,2 милиони евра.
Од државите кандидати за членство во ЕУ најмногу средства од ИПА во периодот 2008 - 2012 се предвидени за Турција 3,44 милијарди, а за Хрватска 769 милиони евра.
Целта на инструментот ИПА што почна да се применува од 2007 година е да се стави во единствена рамка целокупната претпристапна помош за земјите кандидати за членство во ЕУ - Македонија, Хрватска и Турција, како и за државите аспиранти - Албанија, БиХ, Србија и Црна Гора. ИПА опфаќа пет компоненти: земјоделство и рурален развој, транзиција и институционална соработка, прекугранична соработка, развој на човечки ресурси и регионален развој. Средставата од ИПА се одобруваат врз основа на поднесени проекти во тие пет области, а потенцијални корисници се државните институции, општините, универзитетите, компаниите, земјоделците...