ИНФО                                           
     
  ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ НА КЛАСИЧНА МУЗИКА „ИНТЕРФЕСТ“

Фестивалот на класична музика „Интерфест“ почнува вечер во НУ Завод и Музеј-Битола со гала оперски концерт на Џована Манчи, сопран од Италија, во придружба на Тамара Марковиќ, мецосопран од Србија, Михајло Арсенски, тенор и Игор Дурловски, бас, двајцата од Македонија.
Тие ќе изведат дела од Доницети, Росини, Пучини, Верди и од Прокопиев. На програмата на „Интерфест 2008“ ќе учествуваат светски познати уметници од Франција, како што е пијанистот Иг Леклер, од Германија доаѓа Франк Васер-пијано, од Турција својот настап го потврдија Чихат Аскин-виоилина и Џана Гурман-пијано, а ќе има гости и од Австрија, Норвешка и, секако, од Македонија.
За време на Фестивалот на класична музика што се одржува по 17-ти пат и е под покровителство на Министерството за култура, ќе бидат одржани и работилници со Мерал Јапали, пијано од Турција и Андреа Кардинале, виолина од Италија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  РЕН: ИЗВЕШТАЈОТ ЌЕ БИДЕ ОБЈЕКТИВЕН И ИЗБАЛАНСИРАН - ОСУМТЕ ОДРЕДНИЦИ, ФЕР ИЗБОРИ, НО И ИМЕТО, КЛУЧНИ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ

Исполнување на осумте одредници, овозможување на организирање фер и демократски избори, но и решавањето на спорот за името со Грција, се предусловите кои Македонија треба да ги исполни за да добие датум за почнување преговори за членство во Европската унија, посочи денеска во Брисел евркомесарот за проширување Оли Рен, по средбата со македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
- Критериумите за почнување преговори се многу јаси и дефинирани, тоа се осумте одредници кои ги презентиравме во март, со фокус на реформите во судството и во јавната администрација. Тука е и деветтиот критериум, односно организирање слободни и фер избори, кои целосно ќе соодветствуваат со меѓународните стандарди, рече Рен по состанокот на кој присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски, кој е во составот на македонската делегација во Брисел
Тој, јави известувачот на МИА, додаде дека истовремено е важно да се реши и спорот со Грција околу името, кој како што напомена, е билатерно прашање, за кое верува дека двете страни вложуваат доволно напори за да пронајдат најприфатливо решение.
Рен посочи оти е забележан напредок во однос на неколку важни политички прашања, при што ги спомена законот за јазиците, судските реформи и политичките реформи. Додаде дека ЕК ќе направи детална анализа во извешајот, кој ќе биде презентиран во почетокот на ноември, нагласувајќи оти тој ќе биде објективен, правичен и избалансиран.
- Политичката стабилност е важен фактор за секоја земја кандидат и важно да постои добар консензус меѓу политичките партии и меѓу институциите во однос на европските цели на земјата, рече еврокомесарот, додавајќи дека Европската комисија и земјите-членки на ЕУ ја поддржуваат европската интеграција на земјата.
Рен истакна дека исполнувањето на таа цел зависи од напредокот што ќе биде постигнат во имплементацијата на политичките критериуми. - Најважните критериуми за пристапување се политичките, односно демократските критериуми од Копенхаген, кои бараат стабилни институции, што ќе ги гарантираат демократијата и владеењето на правото, додаде еврокомесарот.
- Република Македонија е цврсто решена успешно да го продолжи процесот на интегрирањето во ЕУ. Нашата прва цел на тој пат е добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и целосна либерализација на визниот режим, истакна претседателот Црвенковски.
Тој напомена дека Македонија во изминатиот период постигнала значителни резултати во однос на критериумите и додаде дека сепак постои свест за слабостите во изминатите неколку месеци. Црвенковски рече дека очекува извештајот на ЕК да биде објективен, да ги вреднува резулатите, но и да ги посочи клучните приоритети, на кои треба да се фокусираме во наредниот период.
- Во Република Македонија постои политичка волја и институционален капацитет за да се зголемат напорите и да се надомести она што беше пропуштено во изминативе месеци, истакна претседателот Црвенковски.
На средбата Црвенковски го информирал Рен и за текот на процесот на преговорите со Грција околу спорот за името.
- Во овој период се наоѓаме во една сензитивна, чувствителна и одлучувачка фаза на преговорите. Претпоставувам дека многу скоро ќе имаме можност да видиме и некои конкретни предлози од страна на Метју Нимиц, додаде Црвенковски.
Тој нагласи оти има информации дека во вторник Нимиц во Њујорк ќе организира нова рунда разговори меѓу претставиниците на двете земји.
- Целта на средбата е двете страни да ги изложат своите забелешки во однос на последниот предлог на Нимиц и врз основа на тоа можно е Нимиц натаму да го конкретизира предлогот, но можно е да се даде и финална верзија, истакна Црвенковски. Тој додаде дека Македонија е подготвена за фер решение, кое сепак на ниту еден начин нема да го поткопува македонскиот нацонален и културен идедентиет.
Одговарајќи на новинарско прашање Црвенковски рече дека меѓу него и премиерот Никола Груевски постојат одредени разлики по ова прашање, но нагласи дека тие разлики се внатрешно прашање, кое ќе се решава во Скопје.
Црвенковски и Рен разговарале и за регионални прашања, при што бил истакнат конструктивниот однос на Македонија кон косовското прашање.
- Го информирав Рен дека според мое мислење истекува периодот во кој се правеа анализи и се градеше позицијата кон прокламираната независност на Косово и очекувам Владата, која според Уставот има единствени ингеренции за таква одлука, мошне скоро и јавно да го објави ставот на нашата земја кон независноста на Косово, нагласи македонскиот претседател.
Шефот на државата попалденво ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, а потоа и со високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Хавиер Солана.