ИНФО                                           
     
  СОСТАНОК НА КОМИТЕТОТ ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА

Петтиот редовен состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација ќе се одржи денеска и утре во Скопје. На оваа средба претставници од министерствата и другите релеватни институции од Република Македонија ќе го презентираат напредокот што е постигнат за исполување на политичките и економските критериуми, како и активностите за усвојување на правото на Европската унија, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Со Комитетот ќе претседава Малинка Ристевска Јорданова, државен советник во Секретаријатот за европски прашања, а делегацијата на Европската комисија ќе ја предводи Пјер Мирел, директор во Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, Ивица Боцевски ќе има воведно излагање за политичките состојби во Република Македонија.
Македонската страна на состанокот ќе ја нагласи цврстата заложба за продолжување со реформите за исполнување на критериумите за членство во ЕУ и отпочнување на преговорите. Поконкретно ќе биде презентиран напредокот постигнат во исполнувањето на клучните приоритети од Партнерството за пристапување и тоа во областа на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, сеопфатен политички дијалог, имплементација на Законот за полиција, судските реформи, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација, како и преземените мерки за подобрување на деловната средина и намалување на невработеноста.
Комитетот за стабилизација и асоцијација се грижи подготовките за средбите и работата на Советот за стабилизација и асоцијација, ги имплементира одлуките на Советот за стабилизација и асоцијација и се грижи за континуитетот на односите на асоцијација и соодветното функционирање на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ИНСТИТУТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА: МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО, НО НЕ ПО ЦЕНА НА ПРОМЕНА НА ИМЕТО

Влезот на Македонија во НАТО го поддржуваат 85,2 отсто од македонските граѓани, покажува телефонската анкета што ја спровел Институтот за демократија во соработка со Министерството за надворешни работи во периодот од 7 до 10-ти септември годинава. На евентуален референдум, против членството на Македонија во НАТО би се изјасниле 6,1 отсто од граѓаните.
Сепак, и покрај големата поддршка за влезот на Македонија во НАТО најголем дел од испитаниците, дури 69,9 проценти, се изјасниле дека не се за промена на името за сметка на македонското членство во Алијансата. Околу 23 проценти се изјасниле дека Македонија треба да го промени името за да влезе во НАТО, а 7,6 проценти не дале одговор на ова прашање.
Со анкетата биле опфатени вкупно 1.113 испитаници. Од нив 539 биле мажи, а 574 жени. Според етничката структура, најголем дел од испитаниците се Македонци односно 72 проценти, а втори по бројност етничките Албанци 23,4 проценти.
На прашањето на што најпозитивно би влијаел влезот на Македонија во НАТО најголем дел од испитаниците или 19,2 проценти одговориле дека со тоа би се зајакнала стабилноста на земјата, 16,1 процент сметаат дека би се развила економијата, а 15,4 проценти немале одговор на прашањето.
Околу 45 проценти од анкетираните граѓани не го промениле односот кон НАТО по Самитот во Букурешт, 12,8 го промениле кон лошо, а 21,3 кон добро.
На прашањето која земја е најголем поддржувач на Република Македонија за влез во НАТО, 61,4 отсто од испитаниците одговориле дека тоа се САД, 22,3 проценти немале одговор, 8,4 отсто сметаат дека најголем поддржувач е Словенија, а 4,8 проценти дека тоа е Турција.