ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА БАРА ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК
НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ


Вицепремиерот задолжен за европски прашања Ивица Боцевски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски денеска и утре во Брисел на средби со високи претставници на Европската комисија ќе го презентираат напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграција и ќе побараат датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Боцевски и Милошоски денеска ќе се сретнат со потпретседателот на Европската комисија Жак Баро, со еврокомесарот за проширување Оли Рен, со генералниот директор на Директоратот за проширување Мајкл Ли, како и со неколкумина европратеници.
Вицепремиерот Боцевски вчера пред заминувањето за Брисел изјави дека очекува Македонија од ЕУ да биде оценета според она што го постигнала.
- Ние таму одиме да ги презентираме нашите достигнувања и да покажеме до каде ги реализиравме одредниците. Имаме што да покажеме и одиме да ги браниме нашите позиции и да го побараме датумот за почеток на преговори со Европската унија, рече Боцевски.
Во врска со спорот за името со Грција вицепремиерот Боцевски рече дека тој не е дел од Копенхашките критериуми и не е дел од обврските што треба да се исполнат за членство на Република Македонија во ЕУ.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ:
НЕ ОЧЕКУВАМ ПРОМЕНА ВО АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈА


Премиерот Никола Груевски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик рече дека не очекува сериозна промена во американската политика кон Македонија по претседателските избори во САД што ќе се одржат во ноември.
- Очигледно е дека постојат некакви разлики во однос на Ирак и други прашања. Меѓутоа, што се однесува до Македонија, не очекувам промени. Генерално САД тешко ги менуваат надворешните политики - не така нагло, особено кога се работи за стратешки партнерства. Македонија и САД имаат стратешко партнерство и од досегашното, би рекол - историско искуство, гледајќи ги надворешните политики на САД, очигледно е дека тие не ги менуваат стратешките партнерства преку ноќ, не ги рушат изградените, ниту пак така лесно ги градат оние што не се изградени - исто така преку ноќ. Значи, не очекувам некоја сериозна промена во однос на надворешната политика кон нас, истакна Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се можни промени на американската политика кон Македонија ако на изборите победи демократот Барак Обама и неговиот потпретседателски кандидат Џо Бајден, со оглед на наводната блискост со грчкото лоби, премиерот Груевски рече дека не очекува драстични промени.
- Можеби ќе има некоја разлика во нијанси. Меѓутоа, сите кои досега сум ги сретнал од Стејт департментот и од партиите во САД, велат дека не би требало да се очекува некоја крупна и сериозна промена. Но, останува да видиме, посочи Груевски.
Во врска со најавите дека во септември ќе има нов предлог за името, за време на Генералното собрание на ОН, премиерот Груевски истакна дека постојат континуирани заложби за изнаоѓање некое решение за надминување на проблемот со името.
- Ние континуирано се залагаме да се најде некое решение за надминување на проблемот со името. Како што се залагавме во минатото, ќе се залагаме и во септември, а и потоа. Не сме фокусирани дали тоа ќе биде во септември, или октомври. Тоа за нас е крупно и историско прашање и важно е да се заврши на добар начин што за нас ќе биде прифатлив, а не поради тоа што тој месец е годишното собрание на ОН, или пак во октомври има нешто друго. Значи, не го поврзуваме со такви настани, додаде Груевски кој престојува во работна посета на САД.
Тој присуствуваше на конвенцијата на Републиканската партија.