ИНФО                                           
     
  ДЕСЕТИНА ПОЖАРИ СЕ УШТЕ АКТИВНИ

На територијата на Македонија се уште се активни дестина пожари, а во гаснењето на некои од нив вклучени се и припадници на АРМ и хеликопетри, соопшти Центарот за упрвавување со кризи.
Во околината на Македонски Брод активни се пожарите во атарот на с.Белица во правец кон с.Тажево, во атарот на с.Русјаци во правец на планината Песјак и во атарот на с.Локвица. На некои места се уште е активен и пожарот кај селото Дворци. Под контрола е ставен огнот во атарот на с.Црешнево, од кој е зафатена деградирана неквалитетна нискостеблеста шума, а локализирани се и пожарите во селата Сланско и Грешница.
Во гаснењето се вклучени лица од локалното Шумско стопанство, од Националнаиот парк „Јасен“, од Дирекцијата за заштита и спасување, како и над стотина припадници на АРМ. Регионалниот штаб за управување со кризи од Македонски Брод донесе одлука и денеска да се ангажираат хеликоптери на АРМ.
Во Кичевско гори во село Горно Добреноец. Огнот се проширил кон с.Јаорец и Црн Камен во боровата шума во насока на с.Осој. Според инспекторот за заштита од пожари и експлозии во Полицијата во Кичево, се претпоставува дека пожарот е настанат поради невнимание од чистење на селското игралиште во Горно Добреноец.
Пожарот кај местото Коџа Чаир на планината Беласица и натаму е активен од северната страна меѓу селата Банско и Свидовица. Вчера попладне огнот кај с.Сводивица е локализиран. Од утринските часови екипите повторно се заминати на терен. Денеска ќе се продолжи со правењето засек на потегот Шумски пат - с. Банско – Свидовска крстосница, со цел да се спречи проширување на огнот.
Во скопската околина, пожарот над с.Кучково, кај Полициската станица Чашка каде горела мешана шума, вчера претпладне е локализиран, но во попладневните часови поради силен ветар, од територијата на Косово пожарот се префрлил на македонска страна и повторно се разгорел. Во текот на ноќта Бригадата за противпожарна заштита интервенираше со неколку пожарникари.
Пожарот што се префрли на територијата на Македонија од соседна Грција на Кајмакчалан, меѓу местата Флока и Милетина Коса, Битолско, се уште е активен, а непристапниот терен им ги отежнува напорите на лицата од локалното Шумско стопанство за ставање на огнената стихија под контрола.
Се уште е активен и пожарот во атарот на с.Матејче, Кумановско. Поради непристапниот терен гаснењето е можно само од воздух, соопшти Центарот за управување со кризи.

ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА НОВ ТРГОВСКИ ЦЕНАР ЗАД РАМСТОР

На улица „Железничка“ зад трговскиот центар Рамстор денеска ќе биде поставен камен-темелник на трговскиот центар, што ќе го гради британскиот конзорциум Еквест-Елан Пропертис.
Компанијата го доби земјиштето на јавно наддавање за цена од 400 евра за квадрат, односно за 133.622.400 денари за парцелата со вкупна површина од 5.388 квадратни метри.
„Елан пропертис“ во изминатов период ги доби сите потребни документи од општина центар и Град Скопје и се обврза дека трговскиот центар ќе биде изграден најдоцна за две години. Британската компанија е сопственик на најголемите и најпознати трговски центри во Романија и Бугарија.
На поставувањето камен темелник на новиот трговски центар е најавено да присуствува премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и Кари Хаатаја, преставник од Equest partners.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ПО ТРЕТ ПАТ ГИ ДОНЕСЕ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА

Собранието на Република Македонија со 61 глас „за“, 21 „против“ и без „воздржани“ гласови денеска по трет пат ги донесе измените и дополнувањата на Законот за експропријација.
Веднаш по гласањето во процедурална забелешка пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ побара да се спроведе поединечно гласање и да се затворат вратите во салата бидејќи се сомневаше дека 61 пратеник гласале „за“. Таа го толкуваше Уставот според кој за донесување закон чиј указ за прогласување не го потпишал претседателот на државата е неопходно да се изјаснат половината од пратениците, односно 61. На тоа реагираше Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека за донесување закон се неопходни 41 глас од пратениците, а со 61 глас претседателот на државата е обврзан да го потпише указот за негово прогласување. По серијата процедурални забелешки потпретседателот на Собранието Светлана Јакимовска даде пауза од 10 минути. По паузата потпретседателот на Собранието остана на првичните резултати од гласањето и не дозволи поединечно гласање.
Во образложението за потребата од измени на овој и на Законот за енергетика, при нивното прво носење, министерот за финансии Трајко Славески рече дека се насочени кон усогласувањето со одлуката на Уставниот суд, според која повеќе не може да постои монополска положба во вршењето на дејностите во сферата на пренос на електрична енергија и природен гас и оти нив покрај јавните претпријатија во државна сопственост може да ги вршат и други субјекти.
- При состојба кога се упатува на потреба од постоење на конкуренција при преносот на електрична енергија и природен гас, дејности кои се од јавен интерес и се окарактеризирани како природен монопол поради потребата од огромни вложувања во инфраструктурата, може да се создаде еден субјект да биде носител на лиценца, а друг сопственик на системот за пренос. За да не дојде до нарушување на јавниот интерес, односно до застој во снабдувањето со електрична енергија или природен гас неминовно се налага потреба од промена на носителот на правото на сопственост на системите, а во функција на нивно користење, рече тогаш Славески.
Тој посочи дека со предлог измените на Законот за енергетика е предвидено сопственикот на системот и новиот носител на лиценца да можат договорно да ги уредат имотно-правните односи, вклучувајќи ја и сопственоста на системот.
- Во спротивно Законот за енергетика упатува на Законот за експропријација да може да се изврши експропријација на системот за пренос на електрична енергија или на природен гас, рече Славески и нагласи дека со тоа ќе се овозможи непречено вршење на пренос на електрична енергија и гас.
Славески прецизира дека со измените се предвидува рокот за жалба во однос на решението за експропријација да изнесува осум дена од денот на доставување на решението, а рокот за поднесување на тужба до Управниот суд да изнесува 15 дена од денот на доставување на решението.
Претходно во денешната расправа по текстот на законот Јани Макрадули од СДСМ рече дека тој е донесен набрзина со цел да се уништи претпријатието за дистрибуција на гас „Гама“, и на негово место да се формира ново претпријатие кое ќе стопанисува со гасот.
- И за овој закон нема потврда од Брисел дали е во согласност со европската регулатива. Веројатно Македонија ќе биде првата земја во Европа во која државата се решава да влезе во национализација на еден инфраструктурен објект поврзан со енергетскиот сектор. Доколку ова остане политички неказнето не ме чуди во иднина тоа да се направи и со телекомуникацискиот систем, рече Макрадули, нагласувајќи дека со тоа се одбиваат потенцијалните странски инвеститори.
Според него, со донесувањето на овој закон следна цел за национализација може да биде Топлификација и нивната гасна централа која се гради во моментов.
Пратеникот Ристо Пенов од ЛДП истакна дека пратениците од неговата партија нема да го поддржат законот бидејќи со него повторно се враќа на сцена национализацијата.
- Со години се мачевме да го денационализираме одземениот имот и да им го вратиме на сопствениците, а сега повторно на сцена се враќа национализацијата, рече Пенов.
Тој посочи дека во Законот е предвидено доколку носителот ја изгуби лиценцата за дистрибуција на гас или електрична енергија, новиот имател на лиценца може да побара да добие сопственост на дистрибутивниот систем што го изградил претходниот имател. Пенов смета дека тоа ќе предизвика големи штети.
Владо Бучковски како противуставни ги оцени измените на Законот, бидејќи, како што кажа, во нашиот Устав приватната сопственост е „света“. Законот, според него, е насочен против ЕВН Македонија и Макпетрол.
- Со донесувањето на овој Закон никој нема да инвестира во енергетиката. Со него само ќе се врши протисок на ЕВН Македонија, на Макпетрол и на Топлификација, рече Бучковски.
Пратениците на денешното продолжение на 18. седница треба уште еднаш да се изјаснат и за законите за работни односи, за лобирање, за адвокатура и за надворешни работи, чии укази за прогласување одби да ги потпише претседателот Бранко Црвенковски.