ИНФО                                           
     
  ВЛАДАТА ПРЕПОРАЧУВА СКРАТУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ ЗАРАДИ ЖЕШТИНИТЕ

Владата по најавите за пораст на температурата во следните неколку дена и зголеменото УВ зрачење во земјата, усвои заклучоци според кои, на работодавците им се препорачува да им го намалат работното време од 7 до 14 часот на вработените кои работат во затворен простор во неклиматизирани услови.
Владата, како што се наведува во соопштението од Министерството за здравство, препорачува бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени за време на топлотниот бран, а за вработените кои работат на отворен простор и директно се изложени на сончево зрачење да се воведе двократно работното време од 7 до 11 часот и од 18 до 20 часот.
Владата и Министерството за здравство, се додава во соопштението, континуирано ја следат состојбата со високите температури и доколку е потребно, покрај важечките општи препораки, ќе се предложат и дополнителни мерки за намалување на штетните ефекти од високите температури.

ПОЧНУВААТ 47. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, вечер во Домот на поезијата во Струга ќе биде отворен 47. фестивал Струшки вечери на поезијата, на кој ќе учествуваaт педесет домашни и 70 странски поети од 45 земји во светот.
Добитникот на Златниот венец на годинашното фестивалско издание, албанскиот поет Фатос Арапи, во Струга дојде вчера. Тој изјави дека балканските поети со своите стихови градат мозаик кој никој не може да го разнебити, бидејќи така поезијата станува мошне силна.
- Колку повеќе учиме еден за друг, толку повеќе се цениме, осознаваме и се сакаме. Јас во Струга сум како поет, а не како Албанец, зашто поезијата не прави разлика. Јазикот и културата, исто така, рече Арапи, кому Златниот венец ќе му биде врачен в недела, на манифестацијата „Мостови“ со која, традиционално, ќе биде затворен најголемиот поетски фестивал во земјава.
Во негова чест денеска во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрво, а книжевниот портрет на лауреатот ќе биде одржан в сабота во црквата „Св. Софија“ во Охрид, со реч на академик Гане Тодоровски.
По официјалното отворање на Струшките вечери на поезијата вечер, на првиот фестивалски ден, ќе биде содржина и традиционалната „Ноќ без интерпункција“ за претставување на младата хрватска поетеса Антонија Новаковиќ, која ја доби Наградата на УНЕСКО „Мостовите на Струга“ за најдобар млад поет.
Меѓу настаните на Струшките вечери на поезијата се и симпозиумот „Јазикот, поезијата, идентитетот“, чествување на 100-годишнината од раѓањето на Кочо Рацин, претставување на книгата „Среде“ на Ристо Лазаров, кој ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2008 година, поетско читање во предворјето на црквата „Св. Богородица“ во Калишта, излет на учесниците во Св. Наум и меѓународен поетски митинг „Мостови“, на кој ќе биде врачен Златниот венец и другите награди за оваа година и ќе биде затворен фестивалот.
Традиционалната Вечер на национална поезија оваа година е посветена на Украина, така што ќе биде промовиран избор на современата украинска поезија. Ќе бидат претставени и фестивалските изданија - книгата поезија на венценосецот Арапи, поетските книги од едицијата „Плејади“, избор македонска поезија „Песна меѓу две лета“.
По завршувањето на СВП, в понеделник поетите ќе учествуваат на манифестацијата „Поезија на пат“ и ќе посетат други градови на Македонија. Во вторник ќе има поетско матине кај Матка и меѓународен поетски митинг во Сули-ан во скопската чаршија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  НИМИЦ ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ, УТРЕ ВО СОЛУН

Посредникот на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција за разликите околу името Метју Нимиц денеска во Скопје ќе разговара со македонскиот државен врв за идеите што ги презентирал на последната средба со претставници на двете земји во Њујорк на 13. овој месец.
Нимиц ќе има одделни состаноци со претседателот Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски. Државниот врв, како што беше соопштено по завчерашната координативна средба Црвенковски - Груевски, го пречекува медијаторот со усогласена позиција за неговите идеи.
По одделните средби со македонските и грчките преговарачи во Њујорк, Нимиц изјави дека се разгледуваат нови идеи, но и варијации на стари за кои претходно било разговарано и оти и двете страни се согласни дека основно прашање за кое треба да се разговара е името. Медијаторот оцени дека спорот е решлив и оти неговото затворање ќе отвори пат за решавање и на многу други прашања.
Во меѓувреме, во одговорот на писмото што генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го испрати до премиерот Груевски, се потенцира дека неговиот пратеник Метју Нимиц ќе продолжи со своите напори за изнаоѓање решение за спорот за името. Вели дека е свесен оти постојат и други прашања кои треба да бидат предмет на дискусија меѓу Скопје и Атина, но дека се надева оти со решавањето на спорот за името, ќе се трасира и патот за подобри односи кои ќе придонесат за нивно решавање.
Нимиц утре од Скопје заминува за Солун на состанок со грчкиот преговарач Адемантиос Василакис. Засега нема најави за средби на повисоко ниво. Грчките медиуми објавуваат дека Атина се обидува да ги ескивира обидите на Вашингтон да се затвори спорот за името пред истекот на мандатот на претседателот Џорџ Буш. Грција, како што наведуваат, веќе го информирала Нимиц дека нема потреба од дополнителни средби бидејќи нејзините позиции за прашањето биле јасни.