ИНФО                                           
     
  СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД ЗАВРШУВАЊЕТО НА УЧЕСТВОТО НА МАКЕДОНСКИТЕ МИРОВНИЦИ ВО МИСИЈАТА „АЛТЕА“ ВО БИХ

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска ќе се одржи свеченост по повод успешното завршување на учеството на хеликоптерскиот детачмент на АРМ во мировната мисија „АЛТЕА“ предводена од силите на ЕУФОР во базата Бутмир, во Босна и Херцеговина.
Од Генералштабот на АРМ соопштуваат дека со извршување на задачите за потребите на мисијата „АЛТЕА“ во изминатите две години, хеликоптерскиот детачмент од составот воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на АРМ ја заврши својата прва меѓународна мировна мисија, во која неговите припадници покажаа висок степен на обученост, професионализам и пред се компатибилност со силите на ЕУФОР. Како што е најавено, на свеченоста ќе присуствуваат заменик началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Адил Газафер, Командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Зоран Димов и други високи гости.
Хеликоптерскиот детачмент од составот на воздухопловниот ВИНГ на АРМ учеството во мисијата „АЛТЕА“ го започна во јули 2006 година, при што во оваа мисија во изминативе две години учествувале преку 70 припадници на вВИНГ.
Како резултат на достигнатиот степен на интероперабилност како и оперативната способност на вВИНГ на АРМ, Република Македонија позитивно одговори на барањето на ЕУФОР да испрати во јули 2006 година еден хеликоптерски детачмент во мисијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
Припадниците од транспортниот сквадрон на вВИНГ на АРМ, најпрво задачите ги извршуваа во составот на Белгискиот контингент во воздухопловната база „Ортјеш“ кај Мостар, а подоцна беа дислоцирани во базата на ЕУФОР во Бутмир кај Сараево, каде и го завршија учеството во оваа мисија на ЕУ.
За време на извршувањето на мисијата „АЛТЕА“ хеликоптерскиот детачмент на АРМ беше ангажиран за превоз на трупите, транспорт на материјално-технички средства, превоз на ВИП личности и други патници за потребите на ЕУФОР.
Покрај овие задачи, македонскиот хеликоптерски детачмент во содејство со останатите контингенти, извршуваше и задачи за пребарување и спасување и медицинска евакуација со прелет на целата територија на Босна и Херцеговина.

ПОЧНУВА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ТОПОЛ КУЛТУРЕН БРАН“

Министерството за култура во соработка со голем број национални и локални институции, ансамбли, културно уметнички друштва, фестивали, еминентни уметници во македонската култура денеска почнува со реализација на проектот „Топол културен бран“.
Целта на проектот, кој ќе трае до крајот на идниот месец, е сите граѓани да имаат можност да ги видат програмите на националните институции и останатите програми од национален интерес, финансирани од страна на Министерството.
Програмата ќе биде поделена во два дела и тоа од 16-ти до 30 јули и од 20 август до 1 септември. Ќе бидат опфатени градовите Струмица, Радовиш, Крива Паланка, Делчево, Кичево, Дебар, Гостивар, Велес, Демир Хисар, Кратово, Демир Капија, Македонски брод, Неготино, Берово, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Валандово, Дојран, Крушево, Струга, Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Куманово и Тетово. Завршната манифестација ќе се одржи во Скопје.
Во проектот се опфатени претстави на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар од Скопје, Албанскиот театар од Скопје, Штипскиот, Велешкиот, Прилепскиот театар, МОБ, Танец, изложби на Битолскиот монмартр, Кинотеката на Македонија.
Исто така концерти ќе одржат македонските популарни пејачи Јован Јованов, Александра Пилева, Елвир Мекиќ, Андријана Јаневска, неколку културно-уметнички друштва, како и групите Стринг форсис, Фолтин и Bei the fish. Составен дел од програмата ќе бидат фестивалот на детски песни „Златно славејче“, како и фестивалот на албански детски песни „Виножито“ и Театарот за деца и младинци.
Планирано е изведбите, доколку овозможуваат временските услови, да бидат под отворено небо, а влезот ќе биде бесплатен. Целосната програма ќе биде објавена во некои електронски и печатени медиуми.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО
ГИ УСВОИ ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА БУЏЕТОТ ЗА 2008 ГОДИНА


Собранието на Република Македонија во вчера рамки на седмата седница со 67 гласови „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Буџетот за 2008 година.
Во амандманската расправа Владата прифати два амандмана на пратеникот Ивица Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој меѓудругото предложи во рамки на ист буџетски корисник - Агенцијата за млади спорт да се изврши прераспределба на пет милиони денари. Амандманите стануваат составен дел на текстот на измените на Буџетот за 2008 година. Владата прифати неколку амандмани на пратениците Силвана Бонева, Илија Китановски, Оливер Шамбевски и Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на потребите на одделни служби од Собранието и за неговите тековни расходи. Владата прифати амандман на пратениците Неждет Мустафа и Амди Бајрам за кој предложи измени.
Како што стои во образложението на ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на износ од 144 милијарди и 706 милиони денари, вкупните расходи се на ниво од 150 милијарди и 371 милиони денари, а дефицитот е оценет на 5 милијарди 665 милиони денари и е во рамки на проекцијата од 1,5 проценти од бруто домашниот производ.
Вишокот средства во Буџетот се насочени во образованието, за ублажување на негативните ефекти од порастот на цените на нафтата, за поттикнување на вработеноста, за стечајците...
Во делот на образованието 1,5 милијарди денари ќе се искористат за имплементација на задолжителното средно образование, за проектот компјутер за секое дете, за бесплатни учебници за социјално загрозените семејства, за новите факултети и Универзитет за информатика, како и за бесплатен интернет во студентските домови и за унапредување на научно-истражувачката работа во земјава.
Со ребалансот се обезбедени 750 милиони денари за предложените мерки на Владата за ублажување на негативните ефекти од порастот на цените на нафтата, пред се за субвенции за земјоделците за кои се планирани 300 милиони денари и за намалување на приходите по основ на патарината и регистрацијата во износ од 450 милиони денари.
За поттикнување на вработеноста се одвоени 56 милиони денари предвидени како финансиска поддршка на работодавачите за субвенционирање на придонесот за здравствено осигурување во првите 18 месеци за ново вработени лица до 27 години и лица прогласени за стечајци.
Предвидени се и 90 милиони денари за материјално обезбедување на 6.000 невработени лица по основ на стечај и ликвидација на претпријатија со доминантна државна сопственост до нивно повторно вработување или пензионирање.
За новото Министерство за информатика и реализација на проектите во него се предвидени 231 милиони денари, за купување на амбасадата во Лондон и на канцеларии за врски во Јапонија и Казахстан 200 милиони денари и 20 милиони денари за исплата на додаток за кариера на државни службеници, 21 милијарда за редовна исплата на пензиите, 1,615 милијарди денари за паричен надомест преку Агенцијата за вработување, 18,142 милијарди денари за финансирање здравствени услуги, како и 102 милиони денари за борба против корупцијата.
Ревидираните проекции не предизвикуваат поместувања на дефицитот и тој е во рамки на 1,5 отсто од БДП. - Одржувањето на вакво ниво на дефицитот ќе има позитивен антиинфлациски ефект врз стабилизирањето на цените и значителна поддршка на режимот на фиксен девизен курс и зголемување на кредибилитетот на државата во меѓународни рамки.
По усвојувањето на измените и дополнувањата на Буџетот за 2008 година пратениците со 68 гласови „за“ ја донесоа и програмата Ревизорско тело за претпристапни фондови на Европската унија во Република Македонија.