ИНФО                                           
     
  ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ ДИГИТАЛЕН АРХИВ
НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК


Првиот Дигитален архив на македонски јазик е промовиран денеска во Македонската академија на науките и уметностите. Проектот е одобрен од Владата на Република Македонија во рамките на манифестацијата „Година на македонскиот јазик“.
- Многу е важно ако ние се грижиме за македонскиот јазик, за неговата чистота, правилна употреба и вистинско значење. Се надевам дека постепено овој Дигитален архив ќе се збогатува, ќе се зголемува неговата опфатност и ќе се подобрува неговиот технички квалитет, рече на денешната промоција потпретседателот на МАНУ академик Бојан Шоптрајанов.
Претседателот на Програмско-организацискиот одбор на манифестацијата „Година на македонскиот јазик“, Љиљана Поповска истакна дека значајно во овој проект е што на електронски начин ќе бидат претставени најзначајните текстови на македонски јазик.
- Секој ќе може да види да пребарува, да дознае, да цитира делови од македонскиот јазик, од македонските текстови. Значајно е и тоа што првпат во електронска верзија ќе бидат претставени говорите од Солунско од пред 80 години. Автентични говорители од Солунско од денешна северна Грција ќе бидат претставени на Интернет. Подобра аргументација за длабочината на македонските корени, за автентичноста на македонскиот идентитет мислам дека не можеме да пронајдеме, појасни Поповска.
Ова, рече таа, ќе биде вовед во многу идни истражувања на многу вљубеници во македонскиот јазик и негови почитувачи и на многу идни пријатели на Македонија кои ќе можат да научат повеќе за нас и за нашиот идентитет преку овој материјал.
- Мислам дека на Македонија ќе и биде потребна декада на македонскиот јазик за да можеме да ги заокружиме сите оние значајни работи кои една нација ја прават нација со свој столб, со свој стожер и нација која ќе биде вековита, додаде Поповска.
Координаторот на проектот проф. д-р Марјан Марковиќ рече дека со овој проект на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика и со манифестацијата ќе се придонесе овие книги во дигитална форма да бидат достапни до целиот свет.
Според него, сите оние кои сакаат да се занимаваат со македонскиот јазик и да дознаат повеќе за него и за работите кои се случувале на почетокот на 20 век ќе можат слободно да ги симнат од Интернет и да ги испечатат.
- Ова се најголемите аргументи не само за постоењето и самобитноста на македонскиот јазик, туку и за историјата на македонскиот јазик бидејќи се работи за странски научници кои пред 70,80 години имале неверојатно голем интерес за македонските говори од јужните делови - тоа се работи за Егејска Македонија, конкретно за Солунскиот регион и за регионот околу Корча во Албанија, рече Марковиќ.
Уште неколку книги, посочи тој, сметавме дека ќе придонесат за афирмација на македонскиот јазик, а тие се „Македонски студии“ на Ватрослав Облак од крајот на 19 век, „Абецедарот“ издаден 925 во Атина, а од периодот по Втората светска војна имаме „Првата македонска граматика“ од Круме Кепески од 1946 година, „Првиот македонски правопис“ од Блаже Конески и Крум Тошев од 1950 година и „Првата македонска граматика на англиски јазик“ од 1952 година.
- Овие книги кои ќе станат достапни не само до научниците туку до целиот свет ќе придонесат не само за зголемен интерес за проучување на македонскиот јазик, туку и за негова афирмација, додаде Марковиќ.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО ХАГ УТРЕ ЌЕ БИДАТ ОБЈАВЕНИ ПРЕСУДИТЕ ЗА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Судскиот совет на Хашкиот трибунал утре треба да ги соопшти пресудите за Љубе Бошкоски и Јохан Трачуловски во врска со случајот „Љуботен“.
Судиите Кевин Паркер, Кристине Ван ден Вингерт и Кристер Телин пресудата ќе ја објават во 14:15 часот во Судницата 1.
Во Судот во Хаг ќе присуствува македонска делегација во чиј состав се министрите за правда, за внатрешни работи и за транспорт и врски, Михајло Маневски, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, како и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.
Судењето на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во Хашкиот трибунал почна на 16 април 2007 година, а заврши на 8 мај годинава со соочување на аргументите од завршните зборови на одбраната и на обвинителството. Одбраната побара ослободување, а обвинителството затворски казни од 12 години за Бошкоски и 15 години за Тарчуловски.
Одбраната смета дека обвинителството не понудило докази за нивна вина во случајот „Љуботен“.
Обвинителите, пак, се обидоа да го оправдаат обвинението за командна одговорност на Бошкоски и за лична одговорност на Тарчуловски за настаните во Љуботен на 12 август 2001 година кога настрадаа седуммина жители од албанска националност.
Во кратките завршни зборови на крајот од судењето, и Бошкоски и Тарчуловски повторија дека не се чувствуваат виновни и оти очекуваат ослободителна пресуда.
Во судскиот процес беа сослушани вкупно 64 сведоци на обвинителството и на одбраната, презентирани околу 1.200 доказни предмети, а записникот од исказите на сведоците е на над 11. 000 страници.
Ова е единствен предмет на Меѓународниот суд во врска со шестмесечниот конфликт во Република Македонија.
Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски се обвинети за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот „Љуботен“. Бошкоски е обвинет за „командна одговорност“ односно дека како министер за внатрешни работи му одобрил на Тарчуловски да ја формира и предводи полициската единица која во август 2001 година спроведе акција во Љуботен.
Љубе Бошкоски беше екстрадиран во Хаг од Хрватска на 24 март 2005. Бошкоски до заминувањето во Хаг, неколку месеци беше во истражниот затвор во Пула. Хрватската полиција го уапси по барање на македонските власти откако беше обвинет за случајот „Раштански лозја“, за кој Основниот суд Скопје 2 и Апелацискиот суд минатата година донесоа ослободителна пресуда.
Јохан Тарчуловски замина од Скопје во Хаг на 16 март 2005.
Судскиот совет на Трибуналот и покрај дадените гаранции од страна на македонската Влада, не дозволи Бошкоски и Тарчуловски да се бранат од слобода.
Хашките иследници во 2002 година почнаа истрага за пет случаи поврзани со конфликотот од 2001 година. Од петте случаи што беа предмет на нивен интерес, формална постапка пред Трибуналот во Хаг е покрената само за случајот „Љуботен“.
Преостанатите четири случаи за кои водеше истрага: затворањето на браната Липково, малтретирањето на работниците од ГП Маврово, гробницата во Непроштено и раководство на ОНА, Хашкото обвинителство ги врати на процесуирање во Македонија.