ИНФО                                           
     
  ПРИТВОРЕНИ ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА ПУКАЊЕТО ВО РАКОВЕЦ

Вулнет Џелили (28), осомничен дека заедно со 31 - годишниот Фарук Иљази завчера го предизвикале инцидентот во селото Раковец, кога беше пукано врз возила на ДУИ, денеска нешто по 16 часот доброволно се предаде во СВР Тетово откако МВР по него распиша интерна потрага.
МВР против двајцата поднесе кривични пријави за „предвизвикување општа опасност“, а истражен судија им одреди притвор од 30 дена.
Фарук Иљази беше приведен доцна синоќа, додека Џелили до попладнево и беше недостапен на полицијата.
Иљази и Џелили се сомничат дека на 12 овој месец за време на предизборниот собир на ДУИ во Раковец, дошле во селото и извадиле автоматско оружје и на присутните им наредиле да го прекинат собирот и да го напуштат селото. По вербалните закани отвориле оган при што оштетиле четири партиски возила на ДУИ и две приватни вопзила на граѓани, а со прострелна рана во леавата натколеница се здоби Мухамед Сума (30) од скопската општина Чаир.

ФЕСТИВАЛ НА АМАТЕРСКИ ТЕАТАРИ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“
ОД 16-ТИ ДО 20 МАЈ


Младинскиот културен центар годинава по пауза од пет години го возобновува меѓународниот аматерски театарски фестивал „Лица без маски“, на кој од 16 до 20 мај ќе гостуваат театарски ансамбли од седум словенски земји.
Фестивалот ќе биде отворен в петок со претставата „Нелинеарна еволуција“ на театар „Арлекин“ од Русија. На фестивалската програма се и претставите „Кралство“ на полскиот „Театар на една песна“, „Подобро врапче в рака отколку гулаб на гранка“ на театар „Дрски и убави“ од Словенија, словачката претстава „Мурлин Мурло“ на театар „Дивалди“, „Харакири“ на театарот „Полихимнија“ од Бугарија, литванската претстава „Јас сум проклето осамен“ на театар „Рокискис“ и „Нашиот мал живот врамен во сон“ на театар „Брод“ од Србија.
Покрај нив, на „Лица без маски“ ќе бидат изведени и две претстави од Македонија - „Скица за театар“ на театарот „Чекори“ и „Отпушоци“ на „Театар 007“.
- Аматерските театари се расадник за идни режисери и актери. Наша желба е „Лица без маски“ да ги допре корените и почетоците на Младиот отворен театар, преку синтагмата да се биде млад, отворен и достапен за секого, рече на прес-конференција извршниот директор на фестивалот Љубиша Никодиновски-Биш. Тој додаде дека Младинскиот културен центар со низата активности што ги прави во различни видови уметности станува замена на еден студентски културен центар што го немаат студентите во државата.
Селектор на фестивалот е Игор Ивковиќ, кој заедно со Русе Арсов и Роза Нолчева е меѓу основачите на „Лица без маски“ пред десет години. Тој истакна дека се работи за нови естетики кои истражуваат во создавање театарски концепти. Ивковиќ додаде дека се избрани претстави од кои можат да научат и професионалци и кои имаат чести гостувања низ светот и притоа посочи дека изразот аматерски не значи неквалитетно.
„Лица без маски“ е натпреварувачки фестивал и ќе додели Гран при за театарска претстава во целина и специјална награда. За најдобрите ќе одлучува жири во состав Снежана Коневска, Тодор Кузманов и Роберт Велјановски.
По претставите ќе бидат организирани средби на публиката со авторите, а на програмата се и работилници за пантомима, жонглерство и уличен театар, сликарство и изработка на накит.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ
ЌЕ СЕ СРЕТНЕ
СО ШЕФОТ НА МИСИЈАТА
НА ОБСЕ


Македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска ќе има средба со шефот на набљудувачката мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Македонија. амбасадорот Роберт Бери.
По средбата што ќе се одржи претпладне во Собранието не се предвидени изјави за новинарите, се наведува во кусото соопштение од кабинетот на претседателот.
Црвенковски и Бери се очекува да разговараат околу изборниот процес што ОБСЕ и ОДИХР ќе го следат со вкупно 280 набљудувачи.
Тие одблизу ќе ги мониторираат активностите во текот на кампањата, работата на изборната администрација и на релевантните владини служби, имплементација на законодавството, медиумскиот покривање и решавање на проблемите кои ќе се појават во текот на изборите закажани за 1 јуни.
Екипите на ОБСЕ на терен излегоа уште првиот ден од официјалниот почетокот на кампањата, кога во неделата беа нападнати штабовите на ДУИ во селото Неготино гостиварско, Камењане и Мала Речица.
Изборната кампања во средата за прв пат од почетокот мина без инциденти, што беа карактеристични за северозападниот дел од државата.