ИНФО                                           
     
  ЗАВРШУВА СУДЕЊЕТО НА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Со соочување на аргументите од завршните зборови на одбраната и на обвинителството, денеска во Хашкиот трибунал ќе финишира судскиот процес против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски.
Во изминатите два дена одбраната на Бошкоски и на Тарчуловски побара ослободителна пресуда бидејќи обвинителството не понудило докази за нивна вина во случајот Љуботен.
Едина Рашидовиќ, адвокатката на Бошкоски, тврди дека нема докази за командна одговорност на поранешниот министер за внатрешни работи, ниту пак за негово директно влијание врз полициските резервисти во село Љуботен во август 2001 година. Според одбраната, Бошкоски ги презел сите законски мерки да се спроведе истрага за случајот, веднаш биле информирани судските органи, а МВР формирало комисија и соработувала со истражните органи при истрагата во селото. За жртвите во Љуботен била информирана и Канцеларијата на Хашкиот трибунал во Скопје.
Антонио Апостолски, адвокатот на Тарчуловски, во завршниот збор нагласи дека обвинителството не докажало оти Јохан споделувал заеднички криминален план за извршување незаконско дело - напад на цивили или цивилни објекти. Тој посочи дека Тарчуловски дејствувал законски преку почитување на наредбите на претседателот Борис Трајковски и не треба да биде казнет поради тоа. Според Апостолски, ослободителната пресуда е единствената правична одлука што треба да ја донесе Судскиот совет.
Хашкото обвинителство, пак, побара 12 години затвор за Љубе Бошковски и 15 години за Јохан Тарчуловски. Обвинителите во завршните зборови се обидоа да го оправдаат обвинението за командна одговорност на Бошковски и за лична одговорност на Тарчуловски за настаните во Љуботен на 12 август 2001 година кога настрадаа седуммина жители од албанска националност. Обвинителството тврди и дека биле уништени 14 домови кои не биле воени цели и дека сурово се постапувало со цивилите.
На крајот од судењето, накратко пред Судскиот совет ќе можат да се обратат и двајцата обвинети.
Судењето на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во Хашкиот трибунал почна на 16 април 2007 година. И двајцата пред Судот се изнјаснија како невини по сите точки на обвинението. Во судскиот процес беа сослушани вкупно 64 сведоци на обвинителството и на одбраната, презентирани околу 1 200 доказни предмети, а записникот од исказите на сведоците е на над 11 000 страници.
По завршните зборови, вообичаено е Судскиот совет да ја донесе пресудата во рок од три месеци.

ПОПЛАВИ ВО ЛИПКОВСКО

Поплавени 40-тина куќи и околу 100-тина хектари обработливо земјиште се последиците од поплавите што ноќеска го зафатија липковскиот регион.
Од поројните дождови беа зафатени атарите на селата Опае, Лопате и Режановце при што причинета е значителна штета на површните со земјоделски култури и во домовите.
Според изјавите на жителите на Опае и Лопате, до поплавата дошло поради затрупаност со земја, шут и дрвја на коритото на реките Липковка и Слупчанка. Дел од жителите ги евакуирале своите семјства кај роднини, а се уште не е нормализирано снабдувањето со вода.
Поплавените жители од селото денеска ги посети министерот за земјоделство Ацо Спасеновски заедно со тимот од Центарот за спавување со кризи.
- Планираме да донесеме механизација, да ги исчисти каналите на реките зашто тоа е прво и неопходно. Ќе обезбедиме и помош во храна за жителите затоа што слушнав дека водата се поплавила. Ќе формираме и тим кој понатаму ке ја следи сотојбатам, изјави министерот Спасеновски при посетата на полавените села.
Штетата од поплавите ќе ја проценуваат екипите од Инспекторатот за Земјоделство.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА И САД ПОТПИШАА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО И СОРАБОТКА

Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратешко партнерство и соработка со која се афирмира посветеноста на двете влади понатаму да ги развиваат и продлабочуваат партнерските односи меѓу двете земји врз основа на заеднички цели, интереси и вредности.
Декларацијата, која содржи три основни елементи, во Стејт Департментот во Вашингтон синоќа ја потпишаа шефот на дипломатијата на Македонија Антонио Милошоски и државниот секретар на САД Кондолиза Рајс.
Првиот елемент, јави известувачот на МИА од Вашингтон, се однесува на зајакнување на соработката во однос на трговијата и економијата, вториот е за зголемување на соработката во рамките на безбедносниот сектор, додека третиот е за изнаоѓање поконкретен начин за доближување и поинтензивни контакти на општествено ниво меѓу Македонија и Америка.
Во Декларацијата е истакнато и силното македонско-американско партнерство во борбата против глобалниот тероризам и во промовирање на меѓународната стабилност. Изградбата на стратешко партнерство, се наведува во документот, бара интензивирање на високо ниво на нашите цивилни и воени контакти, вклучувајќи и заеднички тренинг и можност за воени вежби.
Исто така, во Декларацијата се подвлекува заложбата на САД за суверена, демократска и просперитетна Македонија која ги споделува вредностите на мирот, слободата, владеењето на правото и слободниот пазар.
На крајот од Декларацијата се истакнува долгогодишната поддршка на САД за македонската безбедност, стабилност и економски развој на патот кон целосна евроатлантска интеграција и се наведува дека двете земји гледаат напред за Македонија да се приклучи кон НАТО што е можно поскоро.
По потпишувањето на Декларацијата, државниот секретар на САД Рајс изјави дека овој договор помеѓу, како што рече, американскиот и македонскиот народ е мал знак на трајната соработка и пријателство меѓу САД и Македонија.
- Ние сме горди на реформите што Македонија ги спроведува. Познато е дека САД го поддржува членството на Македонија во НАТО, бидејќи Македонија заслужува да биде членка на НАТО. Откако ќе се разреши спорот со Грција околу името, се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро, Македонија ќе стане членка на Алијансата и ќе придонесе за зајакнување на просперитетот и демократијата, рече Рајс.
Се радуваме на денот, додаде таа, кога македонските војници ќе служат заедно со американските во силите на НАТО.
Министерот Милошоски истакна дека ова е многу важен настан за Македонија кој покажа дека односите меѓу САД и нашата држава се базираат на взаемна доверба и партнерство.
- Во САД ние гледаме верен партнер и сојузник кој ги поддржува нашите напори за остварување на заедничките цели и вредности. Повторно докажавме дека сме подготвени да продолжиме на патот на реформите и негување партнерство со САД. Нашите војници служат рамо до рамо со американските и со војниците од останатите земји членки на НАТО, рече Милошоски.
Тој додаде дека Македонија докажа оти може да продонесе за мирот, стабилноста и економскиот развој во Југоисточна Европа.
- Затоа, ова се смета за важен историски чекор кој ќе стане оперативен на повеќе нивоа, особено во однос на економската размена и соработката меѓу двата народа, истакна министерот Милошоски.
Одговарајќи на новинарско прашање Кондолиза Рајс изрази надеж дека спорот со Грција може да се реши со доволно добра волја и напори бидејќи, како што рече, за време на Самиот на НАТО во Букурешт беше јасно дека сите членки на НАТО сакаат и Македонија да стане членка.
- Го охрабруваме посредникот Нимиц да ги зголеми своите напори, ги охрабруваме и двете земји, Македонија и Грција, да работат интензивно, бидејќи нема ништо подобро од разрешување на овој спор, рече Рајс уште еднаш потенцирајќи дека Македонија заслужува да биде членка на НАТО.
По Вашингтон, министерот Антонио Милошоски доцна вечерва отпатува за Брисел.