ИНФО                                           
     
  ГЕРМАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ХОРСТ КЕЛЕР
ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА


На покана на македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска и утре во официјална посета на Република Македонија ќе престојува претседателот на Сојузна Република Германија Хорст Келер.
Црвенковски и Келер ќе разговараат за натамошното унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на интезивирање на економските релации. Ќе стане збор и за македонските евроатлантски интеграции и поддршката што СР Германија ја дава на Република Македонија, а ќе се разменат и мислења за состојбите во регионот.
Германскиот претседател, покрај со својот македонски колега, ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски, со претседателот на неодамна распуштеното Собрание Љубиша Георгиевски, како и со претставници на политички партии. Келер ќе има средби и со претставници на невладиниот сектор и на верските заедници, а ќе посети и повеќе образовни и културно историски обележја во земјава.
Пред средбата, пред платото на Собранието на Република Македонија ќе се одржи церемонија на пречек со највисоки воени почести.

ДЕНОВИ НА ОБРАЗОВАНИЕ И КАРИЕРА НА СКОПСКИ САЕМ И „ОБРАЗОВНО РАНДЕВУ 2008“ ВО МОБ

Под мотото „Образованието - влог за иднината“, од денеска до 19 април во втората хала на Скопски саем по 11-ти пат ќе се одржуваат Деновите на образование и кариера. Во исто време во Македонската опера и балет ќе се одржи средношколска и образовна манифестација - саемот „Образовно рандеву 2008“.
Целта на манифестацијата е да им овозможи на идните академски граѓани на едно место да добијат информации за понудите на домашните и странските образовни институции, за студиските програми, условите и критериумите за запишување, можностите за стипендирање и да им го олесни изборот за професионална определба.
На површина од 2.000 метри квадратни ќе се претстават 126 државни и приватни образовни институции од Македонија и од странство. Од нив 121 ќе имаат свои штандови. Меѓу 95-те домашни излагачи се и државните универзитети, со исклучок на Државниот универзитет во Тетово. Странски учесници се 31 - од Бугарија, Хрватска, Кипар, Турција, Грција, Унгарија, Холандија, Велика Британија и од Норвешка.
Планирано е во трите саемски дена да бидат одржани околу 60 презентации, како и експертската тркалезна маса „Квалитетот на високото образование во Македонија“ и работилницата „Потребата од и можностите за професионална практика за време на студиите во Македонија“.
Одржувањето на манифестацијата се совпаѓа со Деновите на книга и биро опрема (15 - 20 април). Организатори се Скопски саем и Образовниот информативен центар - Скопје.
Во Македонската опера и балет ќе се одржи средношколската и образовна манифестација - саемот „Образовно рандеву 2008“, во организација на Младинската асоцијација на средни стручни училишта во Македонија (МАССУМ), а под покровителство на проектот на УСАИД - СЕА и Министерството за образование и наука.
На манифестацијата со свои штандови ќе се претстават околу 65 средни и стручни училишта од Македонија. На саемот повеќе од 1.200 ученици ќе учествуваат во голем број работилници, презентации, натпревари за интервју за работа, за јавно говорење, за најдобар маркетинг и бизнис план, за најдобра реална училишна компанија, веб страна, постер и видео реклама за училиштето.
На отворањето на манифестацијата треба да се обратат амбасадорот на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ, министерот за образование и наука Сулејман Рушити и основачот на ФОН и Петата приватна гимназија Фијат Цановски.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОСРЕДНИКОТ НА ОН МЕТЈУ НИМИЦ ВО СКОПЈЕ

Посредникот на ОН во преговорите меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц денеска треба да допатува во Скопје на средба со македонскиот државен врв.
На средбата на Нимиц ќе му биде пренесен ставот дека Република Македонија без оглед на изборите ги продолжува преговорите за разликите со Грција околу употребата на уставното име, што е заклучок кој произлезе од вчерашната координативна средба на претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, шефот на дипломатијата Антонио Милошоски и македонскиот преговарач за името Никола Димитров
- Клучната порака која ќе му биде пренесена на медијаторот Нимиц, е дека, и покрај парламентарните избори, преговорите за разликите околу името продолжуваат. Тоа е став договорен и меѓу партиите на лидерската средба одржана минатата недела, соопшти по средбата кабинетот на претседателот Црвенковски.
Нимиц од Скопје утре патува за Атина на средба со грчкиот премиер Костас Карамалис и шефицата на дипломатијата Дора Бакојани.
Според најавите и во Скопје и во Атина, целта на овие посети на Нимиц е да ги слушне ставовите на двете страни во врска со преговарачкиот процес по Самитот на НАТО во Букурешт на кој Грција стави вето на поканата за членство на Македонија во Алијансата.