ИНФО                                           
     
  БУШ ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО ЦРВЕНКОВСКИ И ГРУЕВСКИ

Американскиот претседател Џорџ Буш попладенво во Букурешт ќе има средба со македонскиот претседател Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски.
Известувачите на МИА од Букурешт јавија дека средбата ќе се одржи по завршувањето на состанокот на Северноаталанскиот совет на кој се решава за приемот на Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО.
Состанокот се уште трае, поради што на неодредено време е одложена прес-конференцијата на генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер, што беше закажана во 11:35 часот.

KОМЕНТАРИ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ИЗДАНИЈА НА СТРАНСКИОТ ПЕЧАТ ЗА СРЕДБАТА НА ВРВОТ НА НАТО

Средбата на врвот на НАТО, која што вчера започна во Букурешт со неформална работна вечера на шефовите на држави и на влади е меѓу главните теми во странскиот печат.
Џорџ Буш беше напуштен од своите најверни сојузници, кога на неговиот повик Украина и Грузија да бидат определени за кандидати за членство во НАТО се спротивставија Велика Британија, Франција и Германија, пишува британскиот весник „Тајмс“.
При последното учество на средбата на врвот на Алијансата во улога на американски претседател, Буш повика двете поранешни советски републики да бидат примени во Акцискиот план за членство, што е првиот чекор кон членство во НАТО.
Позицијата на Лондон, Париз и Берлин, дека дури и да има целосна поддршка за Украина и Грузија, прашањето кога ќе се присоединат треба да остане отворено. Весникот одбележува дека Буш се сретнал со германскиот канцелар Ангела Меркел и оти двајцата изработиле формула за дејствие. На двете потенцијални членки ќе им биде соопштено дека можат да се присоединат кон НАТО, но официјални чекори ќе бидат преземени на следната средба на врвот идната година.
Според „Тајмс“, Грција одбива да ги повлече приговорите против присоединувањето на Македонија кон НАТО, додека земјата не се согласи да го промени своето име. Во сегашниот момент, Грција не е во состојба да се согласи со присоединувањето на Македонија и прво ќе бидат примени Хрватска и Албанија, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Мигел Анхел Моратинос.
Друго клучно прашање беше Авганистан, пишува весникот. Иако се полагаат сите напори да се демонстрира единство, се уште остануваат сомневањата дека лидерите на земјите на НАТО ќе ја искористат средбата за да предложат воена поддршка.
Гордон Браун ја зазеде страната на попретпазливи европски сојузници против претседателот Џорџ Буш по прашањето за американската поддршка за присоединување на поранешните советски републики Грузија и Украина во НАТО, пишува весникот „Индипендент“.
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи се очекува да предложи драстично зголемување на авганистанската армија денеска и да ги повика своите војници да ја преземат одговорноста за безбедноста во Кабул од НАТО, пишува „Гардијан“, повикувајќи се на делегати од средбата во Букурешт. Веста дојде кон крајот на еден мрачен ден за лидерите на НАТО, одбележува изданието.
Според планот, авганистанската армија ќе ја преземе одговорноста за безбедноста на Кабул до крајот на годината. Таа на крајот ќе ја зголеми бројноста од 55.000 на 120.000. Портпаролот на НАТО Џејмс Апатурај изјави дека францускиот претседател Никола Саркози предложил еден баталјон од 700 војници што ќе биде испратен на источниот фронт на Авганистан. Тоа меѓутоа е помалку од очекуваното, додава „Гардијан“.
Весникот „Интернешенел хералд трибјун“ го цитира летонскиот претседател Валдис Затлерс, според кого, ако се одложи доставувањето Акциски план за членство на Украина и на Грузија, тоа може да ги успори значајните внатрешни дебати во НАТО. - нема Акциски план, нема акција, изјави тој.
Изданието го цитира и Роналд Асмус, поранешен заменик-помошник државен секретар во Владата на Клинтон и актуелен шеф на бриселската канцеларија на Маршаловиот германски фонд. Според него, драматичната битка, која што ќе се води во следните два дена, ќе биде исклучително важна за определување на тоа, кое што Буш го остави зад за себе, и за американската улога во НАТО.
Американскиот претседател Џорџ Буш даде индикации за омекнување на американското спротивставување за посилни одбранбени можности на ЕУ, при што првпат го омекна ставот дека тоа може да му помогне, наместо да го ослабне НАТО, пишува весникот „Фајненшел тајмс“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА НЕ ДОБИ ПОКАНА ЗА НАТО ВО БУКУРЕШТ

Македонија не доби покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт. Лидерите на Алијансата на денешниот состанок на Северноатланскиот совет се согласиле покана да и биде упатена штом се реши прашањето за името.
- Поканата за Македонија се уште не е можна. Се согласивме дека поканата ќе и биде упатена веднаш штом се постигне решение за името. Го охрабруваме процесот што се води под покровителство на ОН и жалиме што досегашните разговори не дадоа резултат, изјави попладнево на прес-конференција во Букурешт генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер.
НАТО, рече Шефер, ги признава тешката работа и посветеноста што ја демонстрираше Македонија за исполнување на вредностите на Алијансата и учеството во операциите на НАТО.
Генералниот секретар на Северноатланската алијанса им честита на Хрватска и на Албанија кои денеска во Букурешт добија покани за членство.