ИНФО                                           
     
  КАРАМАНЛИС: РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ
Е СЛОЖЕНО ИМЕ ЗА СЕВКУПНА УПОТРЕБА


Решението за спорот меѓу Атина и Скопје треба да биде сложено име што ќе се употребувa во билатералните односи, на меѓународен план, но да се користи и за домашна употреба, изјави грчкиот премиер Костас Караманлис пред пратениците во Парламентот на Грција во дебатата по поднесената иницијатива за гласање недовреба на неговиот кабинет.
- Не се доволни изјавите дека е постигнат договор, туку е неопходно решение кое нема да дозволува повлекување или одолговлекување на договорот. Таквото решение треба да го носи печатот на ОН и Советот за безбедност, рече Караманлис.
Тој пред пратениците уште еднаш се закани дека без взаемно прифатливо решение за името нема да биде отворен патот за Скопје кон НАТО. - Грција досега направи огромни отстапки, но е загубено драгоцено време, не по вина на Атина, рече грчкиот премиер.
Караманлис утре ќе се соочи со гласање доверба на неговата Влада во Парламентот. Иницијативата ја поднесе најголемата опозициска партија ПАСОК, која има забелешки на владините мерки во врска со пензиските реформи.
Медиумите во Грција денеска информираат дека не е исклучено во деновите пред Самитот на НАТО во Букурешт да се одржи нова средба меѓу претставници на владите во Атина и во Скопје. Не е исклучено, наведуваат грчките медиуми, Грција да поднесе свој предлог како решение за името, со цел да ја тргне одговорноста од себе за евентуалното вето на приемот на северниот сосед во НАТО.

РУПЕЛ: БАЛКАНОТ ЌЕ БИДЕ ЦЕНТРАЛНА ТЕМА НА
УТРЕШНАТА МИНИСТЕРСКА СРЕДБА НА ЕУ ВО БРДО КРАЈ КРАЊ


Шефот на словенечката дипломатија, Димитриј Рупел денеска во Љубљана изјави дека Западниот Балкан ќе биде една од централните теми на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија што ќе се одржи утре во Брдо крај Крањ.
Министрите за надворешни работи на ЕУ утре ќе се сретнат во Словенија на дводневен неформален состанок, на кои се повикани и шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан.
Како што е најавено првиот ден ќе се разговара за мировниот процес на Блискиот Исток, за подготовките на самитот ЕУ-Русија, за Тибет и меѓукултурниот дијалог, додека вториот ден ќе биде посветен на Балканот, за што министрите како основа ќе го земат извештајот на Европската комисија и Солунската агенда.
- Словенија сака да изнајде одговор на главното прашање, односно како во исто време да и помогне на Србија полесно да се приближи до ЕУ и како да ја среди ситуацијата на Косово, при што нас не интересира прашањето за улогата на европската комисија ЕУЛЕКС, изјави шефот на словенечката дипломатија и претседавач на министрите за надворешни работи на ЕУ, Димитриј Рупел.
Словенечкиот министер за надворешни работи наведе дека на конференцијата во Брдо крај Крањ ќе се бара и одговор на прашањата како да се забрза напредувањето на Македонија, приближувањето на Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Хрватска според Рупел е на добар пат, откако дошло до замрзнување на еколошко-риболовната зона.
Рупел изјави дека приближувањето на Албанија кон ЕУ зависи од исполнувањето на условите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
- Но во овој момент секако најактуелно прашање е поттикнувањето на Србија и прашањето за нејзината европска перспектива, нагласи шефот на словенечката дипломатија.
Според Рупел, Србија ќе биде членка на ЕУ и тоа веќе било договорено во Солун, а конференцијата во Брдо крај Крањ претставува потврда и освежување на Солунската агенда.

ПОЧНУВААТ 17-ТИТЕ „СКОМРАХИ“
- ДЕНЕСКА Е СВЕТСКИ ДЕН НА ТЕАТАРОТ


Со претставата „Метаморфози“ на Овидиј, во драматизација на Александар Поповски вечер во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје почнува фестивалот „Скомрахи“ на кој се најавени 200 учесници.
Гостите на 17-тиот по ред меѓународен фестивал на студентите од факултетите и академиите за драмски уметности ќе се претстават со своите најдобри дела.
Пред публиката со свои претстави, филмски проекции и работилници ќе настапат гости од Германија, Австрија, Босна, Албанија, Србија, Романија, Словенија, Бугарија и Косово. Гостите од академијата од Солун го откажале своето присуство.
Годинава театарските пораки, кои традиционално се читаат пред претставите, по повод Светскиот ден на театарот - 27 март, овојпат ќе им бидат поделени на присутните преку промотивните материјали. Фестивалот „Скомрахи“ ќе заврши на 2 април.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНСКАТА ПОЗИЦИЈА ЗА ПРЕДЛОГОТ НА НИМИЦ ЌЕ СЕ ДЕФИНИРА ПО ВРАЌАЊЕТО НА ДИМИТРОВ ОД САД

Претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски вчера попладне во кабинетот на шефот на државата го разгледаа последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц за надминување разликите со Грција околу употребата на уставното име на Република Македонија.
Македонската позиција, како што информира владиниот портапрол Ивица Боцевски, ќе биде дефинирана по враќањето на амбасадорот Никола Димитров од Њујорк.
Предложеното решение од Нимиц, премиерот Груевски вчера го доставил до лидерите на политичките партии во Собранието на Република Македонија.
- Во текот на вчерашниот ден ја изнесовме нашата позиција во врска со ова прашање. Со вчерашната средба почна процесот на проценка и анализа на предложеното решение кое посредникот Метју Нимиц го достави на последната средба во Њујорк. Имајќи го предвид значењето на предлогот, посебно значењето на секој детаљ од наведениот предлог, ќе почекаме амбасадорот Никола Димитров да се врати од Њујорк, со цел темелно да ги брифира политичките чинители во Република Македонија за текот на разговорите, како и за сите подробности од предложеното решение. Процесот на проценка и анализа ќе продолжи и во наредните неколку денови, наведува Боцевски.
Нимиц на последна рунда македонско-грчки преговори што се одржа во вторникот во седиштето на ОН во Њујорк понуди ново предлог име со географска одредница.
Посредникот не го обелодени предлогот, но медимите во Грција денеска информираат дека најверојатно станува збор за името „Република Македонија (Скопје)“.
Известувачите на македонските медиуми од Њујорк, пак, повикувајќи се на дипломатски извори, јавија дека новиот предлог на Нимиц предвидува името што би било прифатено, во англиска транскрипција да се користи за меѓународна комуникација, а уставното за внатрешна употреба. На земјите кои ја признале Република Македонија под уставното име би им се сугерирало, но без задолжение, да го користат новиот назив. Придавката македонски ќе можат да ја употребуваат и двете земји.