ИНФО                                           
     
  ДОНАЦИЈА ВО ТЕРЕНСКИ ВОЗИЛА ЗА МВР
ОД ЕАР ВРЕДНА 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА


Во касарната „Ѓорче Петров“ денеска на пригодна свеченост програм менаџерот на Европската агенција за реконструкција Пол Партнер на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе и ја предаде донацијата вредна 1,3 милиони евра.
На свеченоста ќе присуствува и амбасадорот на Велика Британија во Македонија Ендрју Ки, чија Влада помогна во обезбедувањето на донацијата.
Станува збор за 34 теренски возила „ландровер дифендер 110“ наменети за Единицата за брзо распоредување, погодни за дејствување при активности во рурални средини и генерално за обавување на полициските должности.
Целта е преку оваа донација да се зајакне мобилноста и оперативните капацитети на ЕБР, односно поддршка во нејзиниот развој, во рамки на Националната стратегија за реформа на полицијата, согласно препораките од Твининг проектот за советодавна поддршка на полициските реформи, менаџиран од ЕАР, а имплементиран од германската сојузна држава Бранденбург.

СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОН
ДЕНЕСКА ЌЕ РАСПРАВА ЗА КОСОВО


Советот за безбедност при Обединетите нации по барање на Србија за денеска закажа седница на која ќе се расправа за ситуацијата на Косово, јави Танјуг повикувајќи се на извори од ОН.
Србија официјално побара денеска да се одржи специјална седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се расправа за ситуацијата во покраината по намерата на лидерите на Косово еднострано да прогласат независност.
Во барањето до претседавачот со Советот за безбедност, амбасадорот на Панама Рикардо Аријас, амбасадорот на Србија во ОН Павле Јевремовиќ потенцира дека Советот за безбедност треба да заседава поради “опасната ситуација на Косово, кое се подготвува за еднострано прогласување на независноста“.
Ова барање на Србија го поддржа и Русија, како постојана членка на Советот за безбедност.
На седницата ќе присуствува и српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, кој ќе го изложи ставот на српската страна дека Белград не може да прифати „никаков нелегален акт на сецесионизам на Косово“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИНИСТЕРОТ МИЛОШОСКИ ВО ПОСЕТА НА ЛУКСЕМБУРГ

Очекувањата на Македонија да добие покана за членство во НАТО на априлскиот Самит во Букурешт и датум за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годинава ќе бидат централни теми на средбите што шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски денеска во Луксембург ќе ги има со владиниот врв на таа земја.
Милошоски ќе разговара со премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, со министерот за надворешни работи Жан Аселборн, како и со членовите на Комисијата за надворешни и европски работи, за одбрана, соработка и иселеништво.
Македонскиот министер за надворешни работи ќе информира за реформите што ги спроведува Владата на Република Македонија во насока на целосна интеграција во НАТО и ЕУ. Ќе стане збор и за можностите за интензивирање на политичките и економските односи меѓу Македонија и Луксембург.
Милошоски со своите соговорници ќе размени мислења и за состојбите во регионот, со акцент на прашањето за Косово.
Шефот на македонската дипломатија во Луксембург доаѓа од Белгија, каде што имаше средба со министерот за надворешни работи Карл де Гихт.