ИНФО                                           
     
  ФЕРХАГЕН: СРБИЈА ТРЕБА ДА СЕ ОПРЕДЕЛИ
ЗА ИЛИ ПРОТИВ ЕВРОПА


Холандија го блокира потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Србија поради тоа што смета дека предуслов за тоа е целосна соработка со Хашкиот трибунал, изјави во интервју за франкфуртски „Вести“ министерот за надворешни работи на Холандија Максим Ферхаген.
- Ова што го понудивме не е преодна Спогодба за стабилизација и асоцијација, туку политички дијалог кој отвора можност за приклучување на Европа во иднина, изјави Ферхаген.
- Како Советот на министри на ЕУ завземавме свој став дека за потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација неопходна е целосна соработка со Хашкиот трибунал, обасни тој.
- Мислам дека ЕУ јасно даде до знаење дека ние не сакаме само да и понудиме европска перспектива на Србија, туку исто така планираме интеграција на Србија во европските структури и нејзино вклучување во ЕУ. Ние и нудиме политички дијалог и дијалог за укинување на визите. Тоа е можно доколку се прифатат европските критериуми и вредности онака како што сме ги формулирале во минатото, изјави тој говорејќи за тоа што ЕУ и нуди со овој документ на Србија.
Прашан дали на соработката на Србија и ЕУ може да влијае и резултатот од претседателските избори, шефот на холандската дипломатија порача дека на српскиот народ е да одлучи за кого ќе гласа.
- Она што ние го направивме е тоа дека ја отворивме можноста Спогодбата да се потпише по изборите. Според тоа, на народот е дали ќе избере проевропска перспектива со можност од економски размени, политички дијалог... Србите сега треба да се определат дали се за Европа или против нејзе, заклучи Ферхаген во интервју за франкфуртски „Вести“.

ОСВЕТУВАЊЕ НА ОБНОВЕНАТА КАТЕДРАЛНА ЦРКВА
„РАЃАЊЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СКОПЈЕ


На левиот брег на реката Вардар во Скопје, во непосредна близина на кејот кај некогашната Градска автобуска станица, денеска на празникот Свети Атанасиј ќе биде осветена обновената катедралната црква „Раѓање на Пресвета Богородица“.
Црквата, што се градеше четири години, е лоцирана на просторот на истоимениот храм осветен во 1835 година, кој во Втората светска војна во 1944 година беше опожарен и уништен.
Црквата е со катедрални димензии. Иако не е целосно завршена, главните престолни икони потребни за осветување се поставени. Останува да се доврши мермерниот иконостас и да се фрескописаат ѕидовите на храмот.
Ктитор на обновениот храм е скопскиот градоначалник Трифун Костовски.
Ова е трета црква во Скопје и Скопско посветена на Мајката божја Богородица, позната како заштитничка на градот.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОЧНА СОСЛУШУВАЊЕТО НА ПРВИОТ СВЕДОК НА ОДБРАНАТА НА БОШКОСКИ

Софија Галева, правник, вработена во МВР од 1 април 2002 година во Одделот за соработка со Интерпол, а актуелен началник на Сектор за прекршоци во Министерството, е првиот сведок на одбраната на Љубе Бошкоски пред Хашкиот трибунал.
Галева денеска пред Судскиот совет со кој претседава судијата Кевин Паркер, рече дека кон средината на април 2002 била повикана од раководителот на Одделот за криминалистичка полиција Спасен Софески, кој ја прашал дали е запзнаена со процесот на ексхумација на телата на настраданите во Љуботен и оти со нејзиното искуство би било добро да се вклучи во таа постапка која била во тек.
Таа посочи дека нејзините сознанија за Љуботен дотогаш биле базирани од информации од медиумите.
Галева потврди дека имала средба со министерот Љубе Бошкоски кон крајот на април 2002, по задолжението што го добила од раководителот на Одделот за криминалистичка полиција да го следи процесот на ексхумација во Љуботен. На средбата бил присутен и директорот за јавна безбедност Горан Митевски.
- Со Бошкоски и Митевски разговаравме за мојот конкретен ангажман во овој случај. На средбата бев информирана дека на овој случај работела и Катица Јовановска, аналитичар од Секторот за аналитика при МВР, која беше ито така повикана да се приклучи на разговорот за да информира за собраните информации за Љуботен, рече Галева.
По завршувањето на разговорот од Катица Јовановска добила информација (материјали, документи, извештај од Хјуман рајтс воч и други анализи) за случајот Љуботен. Информациите кои ги добивла од Јовановска биле исклучиво аналитички.
Галева рече дека со Бошкоски потоа имала уште средби, колегиуми, затоа што тој се интересирал сето тоа брзо да заврши.
Едина Рашидовиќ, адвокатот на Бошкоски побара пауза од половина час, по што ќе продолжи сослушувањето на првиот сведок на одбраната.
Адвокатскиот тим на Бошкоски најави вкупно 15 сведоци. Од нив во живо ќе сведочат четворица и еден вештак, а за преостанатите 11 се приложени писмени изјави.
Судењето на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски во Хашкиот трибунал почна на 16 април 2007 година. Во досегашнит тек од судењето беа сослушани 50-ина сведоци на Обвинителството.
Бошкоски и Тарчуловски се обвинети за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот Љуботен.
Бошкоски е обвинет за командна одговорност, односно дека како министер за внатрешни работи му одобрил на Тарчоловски да ја формира и предводи полициската единица која во август 2001 година спроведе акција во Љуботен во која настрадаа седуммина жители од албанска националност.
Судскиот совет на Трибуналот и покрај дадените гаранции од страна на македонската Влада не одговори позитивно на досегашните три барања Бошкоски и Тарчуловски да се бранат од слобода.