ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНСКА ПАРЛАМЕНТАРНА ДЕЛЕГАЦИЈА
ВО ПОСЕТА НА БРИТАНИЈА


Претседателот на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски денеска престојува во Лондон, во рамките на посетата на Велика Британија, каде се наоѓа на чело на делегација од триесетина пратеници од македонскиот Парламент кои ќе учествуваат во работата на форумот Вилтон Парк.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, во текот на денешното претпладне, Георгиевски ќе го посети британскиот Парламент каде ќе има средби и разговори со заменик спикерот на Долниот Дом, со пратеникот на конзервативната партија Џон Рендал, кој е секретар на парламентарната комисија за соработка меѓу Собранието на Македонија и британскиот Долен Дом, а ќе се сретне и со раководството на Фондацијата за демократија Вестминстер.
Во текот на средбите се очекува да стане збор за меѓупарламентарната соработка, како и за македонските евроатлански аспирации.
Попладнето во Вилтон Парк почнува тридневната конференција на тема „Собранието на Република Македонија и проширувањето на Европската унија“. Од македонска страна на конференцијата учествуваат пратеници од сите пратенички групи застапени во Собранието на Македонија.

ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ЗА ХУМАНАТА АКТИВНОСТ НА ТОШЕ

Во спомен собата - Музеј на Мајка Тереза вчера е отворена изложба на 27 фотографии за хуманата активност на Тоше Проески, во организација на Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
- Се собравме за да го возвишуваме неговото дело бидејќи тој ни порача, ни остави аманет како и што да работиме и дека во светот и во вековите треба да живееме горделиви на она што го оставаме зад себе, рече претседателот на Граѓанската асоцијација Стојан Тренчевски во обраќањето пред присутните.
Заедно сме денеска, рече тој, да се потсетиме и да повикаме на добрина, на хуманост, на човекољубие, на разбирање.
- Сето тоа го воспејуваме и воскреснуваме со 27 портрети од неговата хуманитарна мисија со неговиот препознатлив боженствен лик кои се создадени од многу автори, посочи Тренчевски.
Уметникот на мирот на УНЕСКО, маестро Борис Трајанов ја откри првата бронзена статуа со ликот на Тоше, изработена од вајарот Митко Ташев.
- Му упатуваме голема љубов на нашиот Тоше. Тоа беше човек, кој со тоа што го направи, како да имаше не 26 години, туку 126 години. Тоа е неговата големина. Треба да и заблагодариме на неговата менаџерка Љиља Петровиќ која му помогна да стане толку познат, рече Трајанов.
Фотографската постановка во текот на годинава ќе патува во повеќе градови во Македонија, а ќе биде претставена и во Србија, Хрватска, Босна и Хрцеговина, Словенија, Англија, Ватикан и Индија.
Бронзената статуа на Тоше на неговиот роденден на 25 јануари ќе им биде врачена на родителите Доминика и Никола Проески.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  КАЦИН: МАКЕДОНИЈА ШТО ПОСКОРО ВО ЕУ

Словенечкиот европратеник и известувач на пратеничката група АЛДЕ за Македонија Јелко Кацин вчера во Брисел пред Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент рече дека е важно што поскоро да почнат преговорите за присоединување на Македонија кон ЕУ, и за тоа да се определи датум.
- Се надевам дека наскоро македонскиот ќе стане официјален јазик на ЕУ, и тоа токму под тоа име, не поинакво што некои соседни земји би сакале да го применуваат, рече Кацин, нагласувајќи дека последниот круг од преговорите околу името меѓу Грција и Македонија се уште не донел решение, но оцени дека е поттикнувачка изјавата на посредникот на ОН, дека преговорите биле конструктивни.
- Би сакал и Димитриј Рупел, претседавачот со Советот на министрите за надворешни работи, да биде исто толку ентузијастичен кон Македонија, како што е кон Србија. Уште повеќе, би сакал пред почетокот на разговорите за укинување на визите за државјаните на Србија, тоа да биде сторено и за државјаните на Македонија..“, рече Кацин и додаде дека македонската Влада сторила многу на тоа поле, а и веќе воведе биометриски пасоши.
- Верувам дека Македонија и нејзините државјани тоа го заслужуваат, рече Кацин во Брисел.