ИНФО                                           
     
  ВЛЕЗОТ НА ХРВАТСКА ВО ЕУ ВО 2011 ГОДИНА СЕ ПОНЕРЕАЛЕН, СМЕТА ХАНЕС СВОБОДА

Хрватска би требало до 2009 година да ги заврши преговорите со Европската унија и во 2011 година да стане нејзина членка, што е план како на ЕУ, така и на Загреб, но тие термини стануваат се понереални, смета известувачот за оваа земја во Европскиот парламент Ханес Свобода.
Тој во изјава за виенскиот весник „Пресе“ истакна дека постојат 25 до 30 проценти шанси Хрватска да ги реализира поставените рокови.
За Свобода досегашниот конзервативен премиер Иво Санадер имал волја, но не и способност во својот тим да го наметне спроведувањето на реформите потребни за влез во ЕУ.
„Пресе“ потсетува дека хрватската Влада според оценките на Европската комисија заостанува во реформите во три области - праводуството, индустријата и риболовот.
- Откако на ноемвриските избори зајакна опозицијата, тоа ќе биде уште потешко, оценува австрискиот политичар.
Хрватска за да стане членка на ЕУ во 2011 година, мора најдоцна до јануари 2009 година да ги заклучи преговорите. Потоа на експертите им се потребни два до три месеци за детално да ја формулираат спогодбата, а потребна е и одлука од Европскиот парламент.
- Бидејќи веќе во јуни ќе се избира новиот состав на Парламентот, тој текст мора најдоцна до април да биде пред пратениците. Потоа следи процес на ратификација кој трае една и пол година. Доколку се чека на новиот состав на Европскиот парламент и на Комисијата на ЕУ, пристапувањето на Хрватска кон Унијата би било на подолго одложено, појаснува „Пресе“.
Свобода истакна дека грешките кои се направени за време на приемот на Бугарија и Романија не смеат да се повторат, бидејќи тие земји се примени, иако не беа спроведени повеќето од неопходните реформи.
Свобода нагласи дека иако ЕУ побарала „корекција“ по приемот, Бугарија и Романија и натаму не ги спровеле потребните реформи. - Сега недостасува притисок, констатираше тој.

ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ И МАСКИ
ОД ОБИЧАИТЕ ЗА ПРАЗНУВАЊЕ НА ВАСИЛИЦА


Во Музејот на Македонија утревечер ќе биде отворена изложбата „Сурва, сурва година“, на која ќе бидат претставени фотографии од обичаи со маски изведувани на повеќе места во Македонија, како и неколку маски и други реквизити користени во таа пригода.
Изложбата се реализира во пресрет на Нова година според стариот калндар, попознат како Василица. Тое е време кога се изведуваат василичарските обичаи за да се обезбеди плодност, бериќет и здравје во текот на целата година. Во разни краишта тие различно се именуваат: василичари, џоломари, џамалари, суроварскари.. Карактеристично за овие обичаи е што во нив учествуваат само мажи.
На отворањето на изложбата група василичари од тетовското село Рогачево ќе изведат василичарски обичај. Автор на концепцијата за изложбата е м-р Владимир Боцев, кустос - советник во Етнолошкиот оддел при Музејот на Македонија. Изложбата ќе ја отвори д-р Зоранчо Малинов, професор на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЗА ДЕЛ ОД ГОЛЕМИТЕ ПОТРОШУВАЧИ НА СТРУЈА ПРИФАТЛИВА ВЛАДИНАТА ПОНУДА

Дел од големите потрошувачи на електрична енергија ја прифаќаат цената од 75 евра по мегаватчас што им ја понуди Владата во петокот, а дел сметаат дека им се поконкурентни договорите за набавка на струја што ги имаат склучено со трговците на слободниот пазар, не во однос на цената, туку во однос на флексибилноста.
Ова го изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски по завршувањето на денешната средба во Владата на премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставревски со претставници на девет компании големи потрошувачи на електрична енергија. Тој не прецизира кој и колку од големите потрошувачи ја прифатиле предложената цена од Владата.
Боцевски најави дека ќе се одржи уште еден состанок со големите потрошувачи за распределба на вишоците струја што се јавуваат во електросистемот. Одговарајќи на новинарско прашање што се прави со вишокот на ноќна струја, владиниот портпарол истакна дека во моментов нема вишок на ноќна струја бидејќи енергетскиот систем во Македонија е балансиран. МЕПСО и ЕЛЕМ прават дневни дијаграми врз основа на кои се произведува и дистрибуира електрична енергија. Владата, како што рече, за продажба го нуди вишокот ноќна струја што се произведува на годишно ниво.
За претставникот на радовишки „Бучим“ Николајчо Николов, понудата на Владата е неприфатлива бидејќи во договорот што рудникот веќе го склучил со ЕТФ им се гарантира цена од 79 евра за мегаватчас, додека понудената владина цена не е гарантирана и ќе зависи од цената на мазутот и производната цена на ТЕЦ Неготино.
- Во договорот со ЕТФ, на „Бучим“ кој троши 11 мегавати на час електрична енергија, му се остава флексибилност да троши од седум до 13 мегаватчасови по цена од 79 евра, додека со владината понуда доколку се потроши повеќе или помалку од 11 магеватчасови се плаќаат многу големи пенали, изјави Николов. Тој додаде дека Владата го нуди на продажба вишокот струја во ноќните часови, која можат да ја искористат само „Силмак“ и „Фени“.