ИНФО                                           
     
  ШЕФОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА МИЛОШОСКИ НА
МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК НА ОБСЕ ВО МАДРИД


Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски учествува на 15-от состанок на Советот на министри на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) што денеска и утре се одржува во шпанската престолнина Мадрид.
На состанокот, на кој покрај министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ присуствуваат и претставници на повеќе светски организации меѓу кои и од Обединетите нации, Советот на Европа, НАТО и Пактот за стабилност, предвидено е да се одржат три панел дискусии.
Се очекува на маргините на состанокот министерот Милошоски да има повеќе билатерални средби.

ГЕРМАНСКО - МАКЕДОНСКИ БИЗНИС ФОРУМ ВО БЕРЛИН

Министерката за економија Вера Рафајловска денеска, на вториот ден од престојот во Берлин, ќе учествува на Германско-македонскиот бизнис форум, на покана од Германско македонската асоцијација и Сојузната германска комора за индустрија и трговија.
Пред учесниците на Форумот Рафајловска ќе ја презентира бизнис климата во Македонија.
На Форумот од Македонија ќе присуствуваат претставници на 13 компании, а најавено е присуство и на претставници од германски фирми кои инвестираат во Македонија. Оваа активност на Министерството за економија е согласно програмата за подобрување на конкурентноста на македонските производи за странските пазари.
Според агендата предвидено е министерката Рафајловска да има средби со министерот за животна средина и еколошка технологија Габриел Зигмар, со заменик-министерот од Сојузното министерство за економија Хартмут Шауерте и да го посети претставништвото на Германската техничка помош (ГТЗ) во Берлин.

МАНУ НЕ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Македонската академија на науките и уметностите на синоќешното редовно изборно собрание не успеа да го избере новиот претседател на највисоката научна институција во Македонија за наредните четири години.
По два круга гласање, ниеден од тројцата кандидати - Никола Кљусев, Бојан Шоптрајанов и Блаже Ристовски не го доби потребното мнозинство гласови.
Академиците в понеделник повторно ќе се обидат да го изберат наследникот на се уште актуелниот претседател на МАНУ Цветан Грозданов, чиј мандат завршува на крајот на годинава.
Новоизбраниот ќе биде осми претседател во историјата на Академијата, која оваа година одбележува 40 години постоење.
МАНУ има 86 членови, од кои 41 во редовниот состав, 43 надворешни и двајца почесни членови.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ: „ЏОНСОН МЕТИ“ ЌЕ ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ФУНТИ ВО МАКЕДОНИЈА

Бордот на компанијата „Џонсон Мети“ донесе конечна одлука за инвестирање во технолошко-развојната зона „Бунарџик“ во Македонија, изјави за МИА македонскиот премиер Никола Груевски.
Според премиерот, станува збор за инвестиција вредна околу 100 милиони фунти (140 до 150 милиони евра). Компанијата „Џонсон Мети“, која има седиште во Лондон, е една од најкрупните групации во рамките на „Џонсон контролс“ и покрива околу 40 проценти од светскиот пазар за производство на катализатори за автомобилската индустрија.
- Инвестицијата ќе донесе над 500 нови работни места и што е уште поважно ќе даде работа на многу други помали компании во Македонија кои ќе бидат нивни кооперанти и ќе произведуваат делови за нивното производство, нагласи Груевски.
Тој рече дека планот е „Џонсон Мети“ да почне позначајни извозни активности при што до 2013 година се планира извозот на фабриката во Македонија да достигне 3,5 милијарди евра.
- Три и пол милијарди евра е многу сериозен извоз за Република Македонија. Се разбира, нема да почне со тој извоз, туку секоја година ќе го зголемуваат, рече Груевски.
Тој информира дека освен првичната идеја за изградба на фабрика во „Бунарџик“ компанијата планира дел од капацитетите што ги има во друга држава да ги пренасочи во Македонија.
- Станува збор за едно големо производство, голема инвестиција која не само што ќе има финансиски ефект и ефект врз вработувањето во Македонија, туку ќе има ефект и врз имиџот во борбата за привлекување странски инвеститори, нагласи македонскиот премиер.
Груевски истакна дека оваа инвестиција, заедно со најновата вест дека е една од најсилните компании на Балканот, хрватскиот „Дукат“ влезе со свои инвестиции во „Идеал Шипка“, потоа отворањето на шведската млекара „Сведмилк“ што треба да се случи овие денови, како и информациите за други инвеститори што влегуваат во Македонија, преставува навистина добар тренд.
- Тоа е одличен тренд кој верувам дека како што тече времето ќе го имаме се повеќе и повеќе, потенцира Груевски.
Тој информира дека во рамките на кампањата „Инвестирајте во Македонија“ владина делегација ќе ја посети Германија каде ќе се сретне со голем број бизнисмени на кои ќе им ги објасни предностите за инвестирање што ги дава Македонија.
- Паралелно одиме и со многу други активности и верувам дека кампањата „Инвестирајте во Македонија“ се повеќе дава и ќе дава ефекти, истакна премиерот Груевски.