ИНФО                                           
     
  ВО ОХРИД СОСТАНОК НА ДРЖАВНИТЕ СЕКРЕТАРИ ОД МИНИСТЕРСТВАТА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ОД РЕГИОНОТ

На иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија, денеска и утре во Охрид ќе се одржи состанок на државни секретари од министерствата за животна средина од регионот.
Состанокот е во насока на зајакнување на соработката од областа на заштитата на животната средина и природата, а во функција на зајакнување на билатералната соработка помеѓу земјите од регионот.
Пред присутните претставници од Албанија, БиХ, Косово, Македонија и Србија во име на Владата на Република Македонија ќе се обрати министерот за животна средина и просторно планирање Џелил Бајрами.
Домаќин и медијатор на состанокот е државниот секретар при МЖСПП на Македонија Дејан Пановски.
На состанокот ќе се разговара за статусот на процесот за усвојување на правото на ЕУ, ќе бидат разменети информации за националниот статус за заштитни подрачја, а ќе бидат дадени и предлози за развој на заеднички регионални и прекугранични проекти.

МАКЕДОНСКИОТ ПОЕТ СРБО ИВАНОВСКИ И ПОЕТЕСАТА ЉУБОВ ГОЛОТА ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДАТА „КНИЖЕВНО ЖЕЗЛО“

Македонскиот поет Србо Ивановски и поетесата од Украина Љубов Василевна Голота се добитници на високото литературно признание, наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Наградата се доделува на поетски опус, а ќе биде врачена во јуни идната година, во рамките на Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“, а Писателската асоцијација на Македонија ќе објави и избор од поетското творештво на добитниците на оваа награда.
Поетот Србо Ивановски е роден 1928 година и е истакнат претставник на втората поетска генерација во современата македонска поезија. Автор е на голем број поетски, прозни и драмски дела. Дебитираше во 1950 година со книгата „Лирика“, а потоа, меѓу другите, ги објави и стихозбирките „Средби и разделби“, „Желби и меѓи“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „ Пена од планината“, „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Близу до животот“, „Близу до смрта“ и други. Добитник е на наградата „Кочо Рацин“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Григор Прличев“ за поема и други.
Украинската поетеса Љубов Василивна Голгота е родена во 1949 година. Автор е на стихозбирките „Родена во степите“, „Пролетна рамнодневница“, „Гороцвет“, „ Прозорци“, „ „Жени и птици“, „Огледало“, „Озрачено со времето“ и други. Уредник е на списанието „Збор“, а добитник е на наградата „Владимир Мајаковски“ и „В.Сосјура“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  АНДРЕАС ГРОС: ИМА ЕЛЕМЕНТИ ЗА ОТВОРАЊЕ НОВА ИСТРАГА ЗА СМРТТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ

Инцидентот со падот на владиниот Кингер во кој што загина претседателот Борис Трајковски и уште осум лица пред повеќе од три години, најверојатно бил несреќен случај во кој не се одговорни само пилотите, заклучува швајцарскиот парламентарец Андреас Грос во извештајот до бирото на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Во извештајот до кој дојде радиото Дојче Веле програма на македонски јазик, пред денешната расправа во Бирото на ПССЕ, се наведува дека, наспроти заклучоците на официјалната истрага, одговорност за несреќата можат да имаат и силите на СФОР, пред се „поради нивната небрежност, која можеби довела до неоткривање на вистинските причини за несреќата“.
Уште во почетокот на документот, кој што, според Дојче веле, наликува на полициски извештај, Андреас Грос препорачува истрагата да продолжи да се води за да се разјаснат причините за падот на авионот, при што животот го загуби претседателот Борис Трајковски и осум други лица. Тоа, според швајцарскиот парламентарец го сакале и политичките раководители на земјата, без разлика на нивната политичка припадност.
Според Дојче веле на македонски јазик, особено важен е заклучокот на Грос, дека тој не успеал да открие групи или лица во Македонија, „кои би имале сериозни причини да го одземат животот на претседателот Трајковски“.
Од друга страна, тој е изненаден од „некохерентноста и противречностите во официјалната истрага за причините на несреќата“, особено делот кој се однесува на првите 24-26 часови по несреќата, односно времето кое беше потребно да се пронајде авионот.
Парламентарецот поставува и многу прашања и за противречните информации околу минираниот терен, разменетите факсови меѓу босанските и македонските власти, односно за сомневањата дека авионот бил пронајден многу порано отколку што тоа го тврди официјалната везрија.
Швајцарскиот парламентарец го поставува прашањето и за состојбата на патниците на авионот и нивните лични предмети, од кои некои биле јагленисани, додека другите не биле. Тој смета дека треба да биде извршена нова експертиза на записот на „црната кутија“ на авионот поради исчезнувањето на 18 секунди од снимката. Во официјалниот извештај не стои дали францускиот контролор на летање бил сослушан од истражните органи.
Овие елементи, според Андреас Грос, заслужуваат да бидат испитани во една нова истрага. Тој е изненаден и поради тоа што македонските парламентарци не оцениле дека е потребно да се формира специјална парламентарна анкетна комисија за случајот.
Затоа тој бара една нова и солидна истрага, која ќе ги расветли околностите за смртта на претседателот Борис Трајковски, наведува Дојче веле на македонски јазик.
- Истрагата ќе дозволи да се стави крај на гласините и ќе доведе до зацврстување на демократската легитимност на младата република, тврди Грос.
Тој советува на македонската истражна комисија да и се придружи еден член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, со што, според него, „ќе се отворат вратите на НАТО и на СФОР“.
Според Дојче веле, на седницата во Братислава, Бирото на ПССЕ ќе се одлучи каков тек ќе му даде на извештајот на Андреас Грос.