ИНФО                                           
     
  СОСТОЈБАТА ВО ТЕТОВСКО МИРНА

Состојбата во Бродец и во другите потшарпланински села по вчерашната полициска акција против вооружена криминално-екстремичка група, денеска е мирна.
Полицијата и натаму е присутна на теренот и има пунктови на патните правци кон Бродец, Вешала и Вејце. Според последните сознанија на МВР, во акцијата „Планинска бура“ се убиени шест припадници на вооруженaта криминално-екстермистичка група, 13 се приведени, а полесно е повреден и еден полицаец. Нема загинати или повредени цивили.
Истражен судија и заменик-јавен обвинител извршија увид на местата каде што имаше престрелки. Претставник на Основниот суд Тетово информира дека е констаирано оти едно од мртвите тела е распарчено, најверојатно лицето се самоубило со рачна бомба. Се претпоставува дека е Рамадан Шити. Телата на мртвите се пренесени во Скопје каде што треба да бидат идентификувани и да биде извршена обдукција.
На неколкуте локации од каде што е пукано врз полицијата пронајдено е поголемо количество оружје меѓу кои тежок митралез ГУЛИНОВ 12,7 мм, бесповлечен топ, рачни ракетни фрлачи, рачни фрлачи на гранати, стингери, бомби, експлозивни материјали и поголема количина на автоматско оружје.
Акцијата, како што соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера на прес-конференција во МВР, е изведена со врвен професонализам и во неа учествувале припадници на полицијата од мешан етнички состав. Преземени биле сите мерки и е постапено согласно сите професонални и безбедносни стандарди за заштита на цивилното население.

МАНУ ОДБЕЛЕЖУВА 40 ГОДИНИ ОД СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ

По повод 40-годишниот јубилеј, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска организира свечена академија со поздравни обраќања на претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и претседателот на МАНУ Цветан Грозданов.
Поздравни говори на свеченоста ќе имаат и претставници на академии, а во чест на јубилејот ќе биде отворена изложба со ликовни дела од членови на МАНУ.
Претседателот Бранко Црвенковски денеска на Македонската академија на науките и уметностите ќе и го додели одликувањето Орден на Република Македонија, по повод четириесетгодишниот јубилеј од нејзиното основање. На свеченатата академија што по тој повод ќе биде одржана во МАНУ шефот на државата ќе им врачи и ордени за заслуги за Македонија на седуммина академици.
Највисоката институција на науките и уметностите е одликувана за исклучителниот придонес во утврдувањето на националната политика и развојот на научната работа и уметничкото творештво, како и за поттикување и координирање на научно-истражувачката дејност од значење за севкупниот развој и афирмација на македонската наука и држава.
Со Орден за заслуги за Македонија за исклучителен придонес во работата на Академијата, како и за врвните резултати во нивната едукативна и научна дејност, одликувани се академиците Ѓорѓи Филиповски и Благој Попов.
За исклучителен придонес во работата и афирмацијата на Македонската академија на науките и уметностите и за врвните резултати во нивната едукативна и научна дејност, како нејзини претседатели во период од 1984 до денес, со Орден за заслуги за Македонија се одликувани и академиците Јордан Поп-Јорданов, Ксенте Богоев, Георги Ефремов, Матеја Матевски и Цветан Грозданов.
Највисоката научна институција во Македонија е отворена со свечена седница на Собранието на СР Македонија на 10 октомври 1967 година. Законот за основање на МАНУ е донесен на 23 февруари 1967 година, а ден пред отворањето, на 9 октомври 1967, во Собранието под претседателство на д-р Милан Бартош е одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите.
На седницата е конституирана Академијата, за претседател е избран Блаже Конески (1967-1975), редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, потпретседател д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а за секретар Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.
Од 1976 до 1983 година претседател на МАНУ е Михаило Апостолски, од 1 јануари 1984 до 1991 година - Јордан Поп Јорданов, од 1992 до 1999 година д-р Ксенте Богоев, потоа Георги Ефремов (2000 - јуни 2001), Матеја Матевски (јули 2001-2004), а од 1 јануари 2004 и во моментов функцијата ја извршува академик Цветан Грозданов.
Дејноста на Академијата се одвива во нејзините пет одделенија - Одделение за лингвистика и литературна наука, Одделение за општествени науки, Одделение за математичко-технички науки, Одделение за биолошки и медицински науки и Одделение за уметност. Одделенијата расправаат за предлозите за објавување научни трудови и уметнички творби на своите членови и за трудовите од областа на соодветните науки и уметности што и се поднесени на Академијата за објавување, иницираат и даваат мислења за научноистражувачките и уметничките проекти што се изведуваат во Академијата, предлагаат организирање научни и свечени собири и ги утврдуваат програмите за својата работа.
Корените на Македонската академија на науките и уметностите се во Македонското научно-литературно другарство, основано во Санкт Петербург, на 28 октомври 1902, под претседателство на Димитрија Чуповски. Таа институција, фундамент на МАНУ, основала свои филијали меѓу македонската емиграција во Софија, Одеса, Битола и во Солун. Другарството првпат го воведува македонскиот јазик во службена употреба.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  НУЛАНД: МАКЕДОНИЈА НАПРЕДУВА, ДА ПРОДОЛЖАТ РЕФОРМИТЕ ЗА ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЦЕЛТА - ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО

Македонија постигна значителен напредок, особено во делот на економијата, привлекувањето странски инвестиции, борбата против корупција и организираниот криминал, но треба да ги продолжи реформите кои ја доближуваат кон евроатланстките интеграции за да се постигне нашата заеднича цел - на претстојниот Самит на НАТО во Букурешт да добие покана за членство, рече амбасадорката на САД во Алијансата Викторија Нуланд по денешната средба со македонскиот премиер Никола Груевски.
- Времето е кратко, но ние имаме доверба дека Македонија ќе успее. Кога трчате маратон не можете да се релаксирате на последните две милји туку треба со спринт да дојдете до финишот, истакна Нуланд. Таа ги повика ги повика политички лидери во Македонија да ги решат отворените прашања и да воспостват конструктивен дијалог.
Според неа, прогресот во Македонија е зачудувачки и земјата е пример за мултиетничко демократско општество во регионот.
На средбата со Нуланд, како што посочи премиерот Груевски, заедничи е констатирано дека има сериозен напредок и во одбранбените реформи, во спроведувањето на Охридскиот договор, децентрализацијата.
За разликите меѓу Скопје и Атина во врска со името, Нуланд рече дека Македонија и Грција треба да се вратат на преговарачка маса зашто еден од критеериумите за членство во НАТО се и добрососедските односи.
Премиерот Груевски, пак, нагласи дека Македонија ќе инвестира многу за надминување на проблемот за името.