ИНФО                                           
     
  СЕДНИЦА НА АНКЕТНАТА КОМИСИЈА ЗАДОЛЖЕНА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ОКОЛНОСТИТЕ ЗА ИНЦИДЕНТИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

На дневен ред на денешната седница на Анкетната комисија за утврдување на околностите на настаните во Собранието на Република Македонија случени на 25 септември и одговорноста на учесниците во тие настани е договорот за организација на нејзината работа.
Анкетната комисија вчера ја одржа првата седница на која ги сослуша претседателот на Парламентот Љубиша Георгиевски и координаторите на пратеничките групи за она што било договорено на координацијата на 25 септември.
Комисијата со писмен допис побара од Министерството за внатрешни работи да ги добие снимките од обезбедувањето во и околу Собранието, како и снимките со кои располага собранскиот канал на Македонската радио телевизија. Побарано е до Комисијата да бидат доставени и стенограмите од собраниската седница од 25 септември.
Трајко Вељјановски од ВМРО-ДПМНЕ побара, доколку постојат технички можности да бидат разгледани и дофрлањата од пратениците на ДУИ за време на говорот на пратеникот Абдуљади Вејсели.
Членовите од опозицијата побараа доколку постојат да им бидат доставени и неофицијалните снимки од собраниската сала, но Марина Ивановска од техничката служба во Собранието рече дека во исто време не може да се снима со четирите камери распоредени во салата.
Претседателот на македонското Собрание Љубиша Георгиевски, осврнувајќи се на координацијата на 25 септември, рече дека било договорено да се ограничи времето на расправа на пратенички групи.
- Пратеникот Абдуљади Вејсели беше пријавен за дискусија. Тоа беше надвор од договореното, но Вејсели има право на збор. Кога му дозволив да зборува му реков да говори пократко и тој тоа ми го вети, рече Георгиевски.
Според координаторот на ДУИ Рафиз Алити, координаторот на пратеничката група на ДПА имал обврска да го извести Вејсели за договореното од координацијата.
Координаторот на ДПА Ружди Матоши, одговарајќи на прашањето од Тахир Хани од ДУИ дали му пренел на Вејсели за договореното од координацијата, рече дека на 25 септември тој не му пренел никаква информација од координацијата на пратеникот Вејсели, но оти претседателот на Собранието кога му дал збор му предочил што е договорено на координацијата. - Вејсели беше пријавен за збор два дена претходно, рече Матоши.
Анкетната комисија е формирана на 5 октомври и во неа членуваат четворица претставници од опозицијата и тројца од власта, а претседател е пратеникот Стојан Андов. Комисијата ќе работи седум работни дена по што до Собранието треба да достави извештај за случувањата.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ ПОСТХУМНО ГО ОДЛИКУВА ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски постхумно го одликува писателот Петре М. Андреевски со Орден за заслуги за Македонија. Ова високо државно одликување Црвенковски денеска на церемонија во Собранието на Македонија ќе го врачи на членови на семејството Андреевски.
Со указ од 1 октомври 2007 година претседателот Црвенковски го одликува aкадемикот и писател Петре М. Андреевски за неговите исклучително големи дострели во литературата- поезијата, прозата и драмата.
Орденот е признание за неговите книжевни дела, со што Петре М. Андреевски даде значаен придонес во збогатувањето и афирмацијата на македонското книжевно творештво, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЗАМЕНИК-ПОМОШНИКОТ ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР НА САД ДИ КАРЛО ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА

Заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави, Розмари Ди Карло од денеска до 11 октомври ќе престојува во работна посета на Република Македонија.
Како што соопшти македонското Министерство за надворешни работи, Ди Карло ќе има одвоени средби со претседателот Бранко Црвенковски, со претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, со премиерот Никола Груевски, со вицепремиерот Имер Алиу, како и со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Ди Карло треба да се сретне и со лидерите на опозициските партии СДСМ и ДУИ, Радмила Шекеринска и Али Ахмети.
На средбите е предвидено да се разговара за можностите за натамошно унапредување на односите меѓу Република Македонија и САД, за поддршката на САД за македонската кандидатура за членство во НАТО, како и за состојбите во регионот во контекст на идниот статус на Косово.