ИНФО                                           
     
  ШЕФОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА ШПАНИЈА

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Шпанија.
Шефот на македонската дипломатија, како што е најавено, денеска во Мадрид треба да се сретне со претседателот на Сенатот на Шпанија, Франсиско Хавиер Рохо Гарсиа.
Во рамките на посетата Милошоски ќе го посети и Институтот Реал Елкано, каде што ќе одржи предвање на тема „Република Македонија, сегашност и иднина“, по што ќе се сретне и со пратеникот од шпанската опозициска десничарска Народна партија Хорхе Моргас.
Министерот Милошоски утре ќе разговара со неговиот шпански колега Мигел Анхел Моратинос, како и со заменик - претседателот на Комисијата за надворешна политика во Конгресот на Шпанија, Хосе Мариа Бенегас и членовите на Комисијата.
Како што е најавено од македонското Министерство за надворешни работи на средбите се очекува да стане збор за поддршката за членството на Македонија во НАТО и за добивањето датум за преговори за полноправно членство во Европката унија, како и на натамошниот развој на билатералната соработка меѓу двете земји со посебен акцент на економската соработка. Исто така, се очекува да се разменат мислења во однос на состојбите во регионот во контекст на преговорите за идниот статус на Косово.
По повод Националниот празник на Република Македонија - 8 Септември, денеска ќе биде организиран прием во Амбасадата на Република Македонија во Мадрид.

УБИЕН КОМАНДИРОТ НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВАКСИНЦЕ

Во престрелка ноќеска е убиен командирот на полициската станица во Ваксинце, а двајца полицајци се ранети, потврди за МИА портпаролот на МВР Иво Котевски.
Во ноќешната престрелката во ова кумановско село убиени се и двајца од напаѓачите, а еден е потешко ранет.
До престрелката дошло откако полициска патрола била испратена да изврши апсење на засега непознато лице.

СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „СЕНКИ“ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТОРОНТО

Третиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски „Сенки“ синоќа ја имаше светската премиера на филмскиот фестивал во Торонто, во специјалната програма.
Снимањето на филмот почна во јуни минатата година на локации низ Македонија, а монтажата беше завршена во студиото „Голд Крест Продакшн“ во Њујорк. Филмот е урбана приказна која се случува во современо Скопје, а главните улоги ги играат младите македонски актери Борче Нечев и Весна Станојевска. Играат и Сабина Ајрула-Тозија, Ратка Радмановиќ, Диме Илиев, Петар Мирчевски, Салаетин Билал, Филарета Здравковиќ, Ана Костовска, Жаклина Стевковска.
- „Сенки“ е приказна која може да се сведе на една реченица - Понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите. Тоа е современ филм или како ние како луѓе се однесуваме кон својата заедница, кон предците, кон неродените, кон нашите морални обврски, вели режисерот на филмот Милчо Манчевски.
Во буџетот на „Сенки“ од околу 4,5 милиони евра, во кој македонското Министерството за култура учествува со половина, партиципираат ко-продуценти од Шпанија, Германија, Бугарија и од Италија. Филмот има поддршка и од европскиот копродукциски фонд „Еуроимаж“, а правата за светска диструбиција ги има „Баварија филмс“.
Во февруари годинава филмот беше претставен на Берлинскиот филмски фестивал на т.н. индустриски трејлер, само за стручната јавност и за дистрибутерите.
Милчо Манчевски за својот прв игран филм „Пред дождот“ во 1994 година ја освои наградата „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција. Филмот беше номиниран и за оскар и доби над 30 престижни светски награди. Вториот негов филм „Прашина“ во 2001 година го отвори Венецискиот филмски фестивал.
Владата на Република Македонија во јуни годинава на Манчевски му ја додели титулата почесен амбасадор на Македонија во Њујорк за неговиот придонес во афирмирањето на македонската култура.
На филмскиот фестивал во Торонто неколку проекции ќе има и најновиот филм на Теона Митевска „Јас сум од Титов Велес“, кој на фестивалот во Сараево минатиот месец освои специјална награда.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ЌЕ ГИ РАЗГЛЕДА ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 69-тата седница на чиј дневен ред е Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со Предлог на закон.
На предлог измените во Изборниот законик ДУИ поднесе 4.100 амандмани, а СДСМ се закани дека ќе го бојкотира Парламентот доколку Владата не ги повлече од собраниската седница.
Измените во Изборниот законик предвидуваат зголемување на бројот на пратениците во македонскиот Парламент за 13, по принципот на гарантирани места за помалите етнички заедници и за дијаспората.
Премиерот Никола Груевски вчера со соопштение повторно ги повика СДСМ и ДУИ да ги поддржат измените во Изборниот законик, да ги повлечат четирите илјади амандмани и да покажат респект кон македонската дијаспора и кон помалите етнички заедници во Македонија.
На дневен ред на денешната седница меѓу другите точки се и Предлогот за избор на претседател на Комисијата за хартии од вредност, Предлогот за донесување закон за дополнување на Законот за управната инспекција, Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за судовите и Предлогот за донесување закон за дополнување на Законот за внатрешни работи, сите со предлог на закони.
Пратениците ќе расправаат и по измените на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за лизинг, на Законот за семејството, на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и на Законот за регистрирање готовински плаќања, сите со предлог на закони.