ИНФО                                           
     
  ПЛАТИТЕ НА ДРЖАВНАТА И ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ЗА 34, А ПЕНЗИИТЕ ЗА 20 ПРОЦЕНТИ

Владата на Република Македонија донесе одлука за зголемување на платите на државната и јавната администрација за околу 34 проценти во периодот од октомври 2007 до октомври 2009 година, соопшти денeска премиерот Никола Груевски.
Зголемувањето на платите, како што посочи Груевски на прес-конференцијата во Владата, ќе почне од октомври годинава по 10 проценти годишно, а ќе бидат опфатени 108.114 лица вработени во државата и јавната админситрација.
Се зголемуваат и пензиите за околу 20 проценти во период од три години, почнувајќи од 1 јануари 2008.
- Покачувањето на платите, на пензиите и намалувањето на ДДВ за лековите се мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните по низата преземни активности на Владата за еконоско закрепнување на државата, изјави Груевски.
Вкупниот износ на средства за таа намена е меѓу 2,7 и 3,5 милијарди денари годишно или 1 процент од БДП. Владата, рече Груевски, не очекува овие мерки да влијаат на стапката на инфлација.
За ваквата владина одлука е информиран ММФ.

„НЕЗАВИСИМАЈА ГАЗЕТА“: EКСПЕРТИТЕ ПРОГНOЗИРААТ НОВА СВЕТСКА ФИНАНСИСКА КРИЗА

Кризата на американскиот пазар за хипотекарни кредити ги поттикна експертите да прогнозираат нов колапс на рускиот финансиски систем, пишува во анализата во московскиот весник „Независимаја газета“.
Весникот цитира руски експерт, според кого, во наредните три години се очекува нова светска финансиска криза. Светот навлегува во процес на рецесија, кој неминовно ќе се одрази и на Русија, и тоа не само во финансиската сфера, туку и во врз реалниот сектор во економијата.
Сериозни ризици за Русија и нејзиниот банкарски систем засега не постојат, и покрај претстојните парламентарни и претседателски избори, смета друг експерт и додава дека треската на пазарот на фондовите ќе продолжи на неопредлеено време, бидејќи инвеститорите, се уште, се многу нервозни.
Русија е интегрирана во светската економија и сериозната криза што се очекува следната година нема да ја заобиколи. Последиците за федерацијата ќе се далеку помали поради нејзиниот „сигурносен вентил“ - големите резерви во злато и девизи и интервентниот стабилизационен фонд, прогнозира трет експерт за „Независимаја газета“.
Зголемувањето на цените во Русија, отсуството на социјална заштита, невработеноста и корупцијата многу повеќе ги плашат руските граѓани отколку криминалот и тероризмот. Иако секојдневно се говори за зголемување на платите на населенито, сепак, економските проблеми и натаму се најболни за луѓето. Тероризмот и криминалот почнуваат да ги вознемируваат дури тогаш кога реално ќе се судрат со ваков проблем, а економските проблеми се постојани, велат експерти за економската ситуација во Русија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  УТРЕ ПОЧНУВААТ 46-ТЕ СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Струга - градот на поезијата од 23 до 28 август по 46 пат ќе биде домаќин на традиционалните Струшки вечери на поезијата (СВП).
На годинешното издание на СВП се очекува да присуствуваат 28 поети од 25 земји, како и познати македонски поети. Од вкупно поканетите 24 македонски поети досега своето присуство го потврдиле 18.
Традиционалното садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“ палестинскиот поет Махмуд Дарвиш ќе се одржи в четврток во Паркот на поезијата во Струга по што ќе биде отворена изложба на македонскиот академски сликар Павле Кузмановски.
Претседателот на Управниот одбор на СВП Зоран Анчевски на денешната прес-конференција истакна дека се е подготвено за почеток на фестивалот.
- Паркот на поезијата не беше драстично оштетен за да се скандализира целата ситуација. Фалеа четири плочки кои се направени и ќе бидат поставени непосредно пред почетокот на фестивалот. Надоместени се и бистите што фалеа. Бистата на Ацо Шопов е повторно излеана, а бистата на Славко Јаневски е пронајдена и тие ќе бидат поставени непосредно пред почетокот на фестивалот, рече Анчевски.
Според него, струшките вечери на поезијата имаат цврста и стабилна програма, препознатлива во светот, која колку и да се чини повторлива, за поетите од странство секогаш е нова и свежа.
СВП ќе бидат свечено отворени утре вечер со традиционалното читање на песната „Тга за југ“ која годинава ќе биде прочитана на македонски и на дански јазик. На отварањето на фестивалот како што е најавено ќе се обратат министерот за култура Арифхикмет Џемаили и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
И годинава во рамките на фестивалот ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ на кое ќе настапат 20-тина поети.
Во петок ќе се одржи тркалезна маса на тема „Поетски номадизам, егзил“ на која ќе учествуваат лауреатот на СВП Махмуд Дарвиш, како и повеќе видни наши теоретичари кои се занимаваат со овој домен во поезијата.
Во рамките на СВП во петок ќе биде промовирана и Антологијата на македонската поезија на тема „Поезијата и детството“ по што ќе следува поетското читање на седумте поети објавени во едицијата „Плејади“. Годинава по првпат сите седум поети учествуваат на ова поетско читање.
На годинешните СВП ќе биде претставена и новата турска поезија, по што следува познатата „Ноќ без интерпункција“ на која ќе настапат млади поети од земјава и странство.
Во сабота пред споменикот на браќата Миладиновци ќе биде одржан омаж во нивна чест, а попладнето во Калишта ќе се одржи традиционалното „Матине“ - меѓународно поетско читање на кое ќе настапат 20-тина поети. Вечерта следува претставување на поетот-лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“ младиот македонски поет Никола Маџиров и претставување на поетскиот опус на добитникот на „Златниот венец“ Махмуд Дарбиш.
В недела ќе се одржи поетското читање „Мостови“ и ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. Наградата „Мостови на Струга“ што годинава и е доделена на младата белгиска поетеса Мануа Риме ќе и биде врачена дополнително бидејќи таа поради здравствени причини не ќе може да присуствува на фестивалот.
Традицијата од минатата година поетите да посетат неколку македонски градови продолжува и годинава со посета на Дебар, Прилеп, Свети Николе и Скопје, а добитникот на „Златниот венец“ на 27 август ќе биде примен за почесен чен на Друштвото на писателите на Македонија.
На 28 август во Скопје ќе се одржи и познатото поетско матине на Матка кај манастирот „Свети Андреја“.
Годинава фестивалот располага со најмал буџет кој според претседателот на Управниот одбор Зоран Анчевски е редуциран за 10 до 15 отсто во однос на минатата година.