ИНФО                                           
     
  ВЛАДАТА ЌЕ ИНВЕСТИРА 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОБНОВА НА МЕДИЦИНСКАТА ОПРЕМА ВО МАКЕДОНИЈА

Владата ќе инвестира 40 милиони евра за купување опрема за македонските болници и клиники во јавното здравство, што е петпати повеќе отколку во изминатите 17 години, соопшти денеска на прес-конференција премиерот Никола Груевски.
- Откако Фондот за здравство се раздолжи со големите долгови од минатото и откако дојде на едно ниво на кое што може да почне да инвестира во нова опрема, со поткрепа на буџетот на Република Македонија, триесет милиони евра ќе бидат обезбедени од Фондот за здравство, а 10 милиони од Буџетот на Република Македонија, истакна премиерот Груевски.
Тој посочи дека тендерот ќе биде отворен до крајот на овој месец, ќе заврши во октомври, а донесување на опремата ќе почне во ноември и декември.
Основна цел, рече претседателот на Владата, е да се воведе најсовремена светска медицинска технологија за врвна здравствена заштита на населението, со што ќе се постигне значајно подобрување не само на лекувањето и третманот, туку и на дијагностиката и на превенцијата.
Премиерот Груевски истакна дека со оваа инвестиција Владата истовремено инвестира и во научниот и во образовниот развој на медицината во Република Македонија, во идните и сегашните здравствени работници и им овозможува да бидат во тренд со најновите постигнувања во медицината и во медицинската техника.
- При остварувањето на оваа инвестиција, Владата ќе го земе предвид рамномерниот регионален развој, односно ќе овозможи доближување на можностите на последните достигнувања во медицината до сите граѓани, во секој регион во Република Македонија, потенцира премиерот Груевски.
На прес-конференцијата министерот за здравство Имер Селмани рече дека се воведува најсовремена светска медицинска технологија за врвна здравствена заштита на населението и оти првпат во Република Македонија ќе функционира PET/CT системот за рана дијагностика на карцином, најсовремената ЦТ коронарографија без катетери и ќе се отворат нови можности за магнетна резонанца.
- Со оваа одлука во Македонија ќе има вкупно пет магнетни резонанци, а сега има само една. Значи, се предвидува купување дополнителни магнетни резонанци, врвна ултразвучна четиридимензионална дијагностика, комплетно обновување на опремата за операционите сали во Македонија и воведување најсовремени хируршки интервенции, посочи министерот Селмани.
Укажувајќи на придобивките за осигурениците, Селмани нагласи дека подобрувањето на дијагностиката и превенцијата преку нова најсовремена опрема за дијагностика е предуслов за прецизно, навремено и точно третирање на заболувањата и оти ќе се скрати времето на чекање за преглед.
Тој најави дека ќе се зголемат капацитетите на јавните здравствени установи десетпати за магнетна резонанца и оти ќе биде стопати побрза и попрецизна дијагностиката со компјутерска томографија.
Нова опрема ќе добијат болниците во Битола, Тетово, Штип, Кичево, Охрид, Струга, Гостивар, Дебар, Прилеп, Кавадарци, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија, Куманово, психијатриски установи, Градската болница - Скопје, Гинекологија - Чаир, болницата Свети Еразмо - Охрид, Нефрологија - Струга, Институтите за радиологија и за нуклеарна медицина, Кардиологија, Гастро, Нефрологија, Неврологија, Детска клиника, Козле - Детска, Хирургија итн.

ДУХОВНОТО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА ДОСТАПНО НА ПРВАТА ЦРКОВНО-ГЕОГРАФСКА КАРТА

Целокупното духовно богатство на Македонија од околу 300 лоцирани поважни свети градби и одбележани граници на епархиите во земјава достапно e на првата Црковно-географска карта, која Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ја објави во чест на 30-годишнината од своето возобновување и едукација на теолошки кадар.
Изданието ќе биде дистрибуирано низ книжарниците во земјава и со нејзината продажба се очекува да се зголеми интересот за посета на црквите и манастирите во Македонија.
- Прв пат МПЦ ја има својата црковно-географска-фактографска положба според епархиите во татковината и епархиите во дијаспората, потенцира денеска на промоцијата на изданието Ратомир Гроздавноски, декан на Православниот Богословски факултет.
Картата е општо корисно дело со богат картографски и фактографски материјал што овозможува голем број информации за ризницата на манастири и цркви на територијата на Македонија, беше нагласено на денешната промоција.
- Информациите презентирани на оваа карта се надополнети и со систематски список на имиња на црквите и манастирите и нивната локација по населби, класифицирани според епархиите во кои припаѓаат. Имено, станува збор за околу 300 објекти коишто се издвоени како поважни, рече професорот Благоја Марковски.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ - РАЈС: ПОТВРДЕНА АМЕРИКАНСКАТА ПОДДРШКА ЗА ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

Напредокот постигнат во реформите за зачленување на Република Македонија во НАТО, како и унапредувањето на билатералните односи со САД, беа главна тема на разговорот на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, јави известувачот на МИА од Вашингтон.
Во текот на получасовниот срдечен и пријателски разговор, изјави министерот Милошоски, е потврдена американската поддршка за членство на Македонија во Алијансата.
- Ја уживаме поддршката на Америка во однос на Јадранската повелба и ја искажавме нашата убеденост дека Република Македонија има капацитет заедно со другите земји партнери да ги исполни сите критериуми и да биде сериозен и добро подготвен кандидат за членство во НАТО, кој е спремен да ја прифати поканата следната година, на самитот во Букурешт, рече шефот на македонската дипломатија.
Во рамки на подготовките, од американска страна е посочено дека од посебно значење се резултатите што Македонија ќе ги има во областа на судските реформи, борбата против корупцијата и задржувањето на добриот имиџ на мултиетничко општетство и функционална демократија.
Милошоски нагласи дека за сите овие прашања Владата е максимално подготвена да даде се од себе за да имаме високи резултати кои ќе бидат убедливи за сите членови на Алијансата во нивното одлучување да упатат покана за членство на следниот самит.
Во тој контекст е споменато и успешното организирање на Безбедносниот форум на Евроатлантскиот партнерски форум во Охрид минатиот месец, кој, како што е констатирано, даде голем придонес за зајакнувањето на добриот имиџ и на капацитетот на Република Македонија да биде дел од глобални настани важни за НАТО.
Во разговорите е поздравено и учеството на Македонија во мировните мисии во Авганистан и Ирак, а добри оценки Македонија доби и за наредокот во економијата и инвестициската клима, особено заложбите за градење информатичко општество.
На средбата стана збор и за Косово, при што двајцата соговорници изразија задоволство што имаат идентичен став по ова прашање.
Министерот Милошоски појасни дека Македонија како земја сосед претпочита Косово да добие финален статус без да се меша како тоа ќе биде постигнато, отколку да се задржи постојаното статус кво, кое, како што рече, не е решение.
Во таа насока, истакнати се заложбите за тоа дека Белград не треба да се одбегнува, и оти ЕУ треба да се охрабри да понуди појасни европски перспективи за целиот регион и да помогне за целосно решавање на ова последно големо прашање во регионот.
Прашањето за спорот со името не е отворено, бидејќи како што подвлече Милошоски, тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Грција и на тоа ниво ќе продолжи и да се разговара за него.
Шефот на македонската дипломатија, во рамките на посетата на САД, поддршка за членство во НАТО, доби и за време на синоќешната серија средби со претставници на американската администарција.
Министерот Милошоски денеска во Вашингтон ќе се сретне и со Гордон Инглан заменик - државен секретар за одбрана, како и со повеќе конгресмени и сенатори. За реформите во економијата и подобрувањето на бизнис климата Милошоски ќе разговара и со претставници на македонската дијаспора.
Посетата на САД македонскиот министер ја завршува утре со средби со претставници на американскиот Конгрес.