ИНФО                                           
     
  КОНЕВСКА-ТРАЈКОВСКА УЧЕСТВУВА НА ВТОРИОТ ЛЕТЕН УНИВЕРЗИТЕТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска-Трајковска денеска престојува во еднодневна посета во Советот на Европа во Стразбур, каде ќе говори на Вториот летен Универзитет за демократија на панелот посветен на темата „50 години по Римскиот договор: каде се наоѓа Европскиот проект ?“.
Коневска - Трајковска во Советот на Европа ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со заменик-генералниот секретар на СЕ Мод де Боер Букуичи.
На овој реномиран летен Универзитет за демократија, кој годинава се одржува од 2 до 6 јули, учествуваат повеќе од 600 претставници од земјите-членки на Европската унија, парламентарци, дипломати, претставници од академски институции, на меѓународни институции и на невладиниот сектор.
Вториот летен Универзитет за демократија го отвори генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис, а меѓу учесниците се и Филип Рекхарт, потпретседател на Сенатот на Франција, Горан Линдблад, потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и повеќе комесари на Советот на Европа.

БАЛКАНСКИТЕ НОВИНСКИ АГЕНЦИИ JА ЗАЈАКНУВААТ СОРАБОТКАТА

Балканските новински агенции, меѓу кои и МИА, ќе ja зајакнат меѓусебна соработка преку создавање посебна мрежа за размена на информации, неречена WEB-DEP.
Создавањето на таквата зона на комуникации ќе биде изведено преку реализацијата на проектот Демократско учество на Западнобалканските земји (WEB-DEP), поддржан со средства од Програмата за технологии од информатичкото општество на Европската комисија.
Прокетот со кој се предвидува создавање единствена зона на комуникации за размена на ставови и искуства, за активностите на владините институции и за креирање на јавното мислење, стартуваше на 1 јануари 2007 година и ќе трае во следните две години.
Покрај Македонската информативна агенција (МИА), во проектот се вклучени уште седум партнери од Албанија, Велика Британија, Грција и Србија, меѓу кои и агенциите АТА, АНА и ТАНЈУГ.
Проектот предвидува вклучување на владините институции, националните новински агенции и сите граѓани од западнопбалканските земји во Е-демократските процеси, преку единствен систем изработен врз основа на утврдени процедури и заедничи етички код.
Идејата на проектот е создавање на Платформа за електронско учество (Е-учество) во изнесување на ставови и дискусии за прашања кои се однесуваат на регионот на Западен Балкан, а нејзина публика ќе бидат вкупната популација како крајни корисници, но и одделни државни институции, како парламентите, владите и министерствата, бизнис заедницата и сите останти интересни групи.
До сите нив ќе биде можно обраќање преку серија заедничи форуми како што се значајните европски коференции кои се однесуваат на Е-влада, Е-демократија и прашања од Е-учеството, но и преку одделни специјализирани изданија на новинските агенции.

ВО ОХРИД ПОЧНУВА 46. БАЛКАНСКИ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ

Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ со настапот на сцената „Долни Сарај“ вечер ќе го отвори 46. Балкански фестивал на народни песни и игри. Покрај „Танец“ во петте фестивалски вечери ќе настапат уште 11 ансамбли и културно-уметнички друштва со околу 500 учесници.
Во Охрид доаѓаат реномирани ансамбли и културно-уметнички друштва кои го негуваат народниот фолклор од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Турција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, КУД „Илинден“ од Австралија, а по првпат на оваа манифестација ќе настапи и ансамбл од Индонезија.
Фестивалот за отворен ќе го прогласи потпретседателот на Собранието на Македонија Иван Анастасовски. Во рамките на манифестација, во Центарот на култура „Григор Прличев“ ќе бидат отворени и две изложби на народни носии.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СРЕДБА НА ДРЖАВНИОТ ВРВ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ИМОТОТ НА АРМ

Претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана Лазар Еленовски и началникот на генераштабот Мирослав Стојановски денеска ќе имаат средба за трансформација на недвижен имот на Армијата на Република Македонија.
Средбата, која ќе се одржи во Кабинетот на Претседателот, следува по завчерашната преписка меѓу шефот на државата и Владата за надлежностите во донесувањето одлуки за армиските објекти. Претседателот Црвенковски со писмо до премиерот Груевски искажа изненаденост што Владата донела одлука за отуѓување на дел од недвижниот имот на Армијата без да ги почитува ингеренциите, процедурите и Законот за одбрана, според кој Претседателот на државата ја пропишува организацијата и формацијата на Армијата.
Писмото на претседателот Владата го протолкува како „ситнополитикански обид за манипулација со јавноста“. Владиниот портпарол Ивица Боцевски на прес-конференција рече дека за сите опции на Владата за трансформација на имотот на Армијата претседателот Црвенковски бил запознат, и лично и телефонски информиран од министерот одбрана Лазар Еленовски, и дека прифатил средба со Еленовски и со премиерот Никола Груевски на која ќе разговараат за трансформацијата на армиските објекти.
Тој појасни дека се работи за трансформација на воени објекти во објекти од јавен интерес, резиденцијални, деловни објекти, објекти од културата, здравството и образованието, се според локалните потреби и специфики и во согласност со локалниот економски развој. Во врска со Воената болница, како што рече Боцевски, Владата има сигурен став дека објектот и во иднина ќе биде медицински центар и дека ниту еден од вработените нема да го загуби работното место.