ИНФО                                           
     
  ПРЕМИЕРА НА БАЛЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „АНДЕРГРАУНД“

Македонскиот Балет утревечер во рамки на Скопско лето премиерно ќе ја изведе претставата „Андерграунд“ (Underground) во кореографија на Саша Евтимова. Се работи за едночасовен мултимедијален проект со прогресивна електронска музика, со микс на повеќе кореографски стилови, кој ја тематизира современата „војна“ на половите.
Евтимова е и костимограф на претставата, музиката е на Дарко Јорданов, а сценографијата на Киро Павлов. Играат Саша Евтимова, Марина Георгиевска, Андријана Јаневска, Билјана Басмаџиева, Дафина Данилоска, Маја Митровска, Мирјана Поп Алексова, Ирена Ковачевска, Ивана Коцевска, Лиле Миленковска, Киро Павлов, Игор Веланоски, Стефан Кочевски, Драган Кочоски, Трајче Стојковски, Јан Кисилев, Виктор Караев, Агим Бафтии, Даниел Ангелковиќ и Виктор Василевиќ. Учествуваат и ученици од балетскиот оддел на МБУЦ „Илија Николовски Луј“.

СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЌЕ ОБЈАВИ НОВ ИЗВЕШТАЈ ЗА ТАЈНИТЕ ЗАТВОРИ НА ЦИА

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска ќе го објави вториот извештај за тајните центри за задржување и нелегално префрлување на уапсени лица на територии на некои од земјите-членки на Советот на Европа, подготвен од швајцарскиот сенатор Дик Марти.
Во документот се обвинува Романија заедно со други европски земји, дека се согласила на нејзина територија да се случуваат вакви дејствија, со кои се кршат правата на човекот. Се тврди дека „апсените кои биле од големо значење за САД“, биле држени во тајни затвори, управувани од ЦИА во Полска и Романија меѓу 2002 и 2005 година.
Романската делегација во ПССЕ вчера до Комисијата за правни прашања и за правата на човекот достави осум предлози за исправки во извештајот на Дик Марти. Предлозите на романската делегација предвидуваат Романија и Полска да не бидат споменувани во документите за наводното постоење на тајни затвори, бидејќи „нема никакви докази, дури и минимални, за формулираните обвиненија“.
Романската делегација исто така побарала да не се користат формулации за претпоставките за кршење на правата на човекот во Романија, поврзани со нелегалното префрлување на притворени, бидејќи извештајот (на Дик Марти) не претставува ништо друго освен претпоставки, и исто така не дава никакви конкретни сведочења за слични случувања во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Италија и Германија.
Во ноември 2005 година Дик Марти доби задача од страна на Советот на Европа да изготви извештај за тајните затвори и нелегалното префрлување на уапсени од страна на ЦИА. За време на сесијата на ПССЕ во јуни 2006 година тој го претстави првиот извештај, кој предизвика многу прашања поради информациските „дупки“ во документот. Потоа тој беше овластен да изготви нов извештај.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ДОБЛИЖИЈА СТАВОВИТЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Партиите од власта и од опозицијата постигнаа напредок во однос на законот за јавно обнинителство, соопштија претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на СДСМ Радмила Шекеринска по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците.
Договорено е преостанатите отворени прашања да бидат надминати на следната средба на лидерите на партиите застапени во Собранието за кажана за в недела.
- Ги решивме речиси сите прашања. Ги прифативме повеќето барања на опозицијата. Останаа уште едно до две прашања што треба да се решат во недела, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска потврди дека е постигнат напредок околу неколку елементи од законот за јавно обвинителство.
- Прифатен е предлогот на СДСМ да се зајакне улогата на Советот на јавни обвинители. Практично јавниот обвинител ќе го избира Собранието на предлог на Владата, но само ако Советот на обвинители претходно даде позитивно милење.
На денешната средба не се разговарало за докомплетирањето на Судскиот совет. Биле поделени листи на пријавени кандидати, кои безмалку се истите како и минатиот пат кога не беа изгласани од Собранието. За ова прашање партиските лидери ќе разговаат на следниот состанок.
Покрај претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на денешната средба учествуваа и лидерите на ДПА, на НСДП, на ВМРО-НП, на ДОМ, на ЛП, на ЛДП, на ДС, на ПДП, како и на партиите на помалите етнички заедници застапени во Собранието. Немаше претставник на ДУИ.
Ова е трет состанок по минатонеделната лидерска средба на која беше постигнат начелен договор за деблокирање на процесот на реформи во правосудството и вчерашните разговори посветени на новиот закон за јавно обвинителство.