ИНФО                                           
     
  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ И МИНИСТЕРОТ МИЛОШОСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ГЕРМАНИЈА

Македонска делегација предводена од претседателот Бранко Црвенковски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Сојузна Република Германија.
Посетата е на покана на германскиот претседател Хорс Келер. Во придружба на претседателот во Германија е и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Предвидено е претседателот Црвенковски, покрај со својот колега Келер, да се сретне и со претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт, со претседателот на парламентарната група на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) Петер Штрук, со претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Роланд Шмит и со претседателот на Германското-македонско друштво Валтер Колбо.

МИНИСТЕРОТ ЕЛЕНОВСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ФРАНЦИЈА

Министерот за одбрана Лазар Еленовски денеска во резиденцијата Дебрие во Париз треба да оствари неформална тет-а - тет средба со својот француски колега Ерве Морен.
Како што јавува известувачот на МИА, двајцата министри за одбрана на средбата ќе разговараат за продлабочување на досегашната билатерална соработка меѓу двете министерства, за претстојниот самит на НАТО во април идната година во Букурешт, кога Република Македонија очекува покана за полноправно членство, како и за состојбите во регионот околу идниот статус на Косово.
Средбата на министерот Еленовски, како дел од активностите за лобирање за очекуваната покана за членство во Алијансата, е една меѓу првите средби на францускиот министер за одбрана Морен, со свој колега, по неговото доаѓање на функцијата нешто повеќе од еден месец.
Еленовски во рамките на посетата на Париз денеска ќе се сретне и со Жан де Понтон Дамекур, директор на францускиот Директорат за стратегиски прашања.

„КОНЦЕРТЕН МАРАТОН СО СИМОН ТРПЧЕСКИ“ ВО ДОМОТ НА АРМ

Во Домот на АРМ вечерва и утре ќе се одржи „Концертниот маратон со Симон Трпчески“. Најпознатиот македонски пијанист ќе изведе 90-минутна концертна програма заедно со млади музичари од земјава и гости од странство.
На програмата вечерва се Триото за пијано, виолина и виолончело од Брамс и Триото за пијано, виолина и виолончело од Менделсон. Покрај Трпчески, ќе настапат и виолинистот Ѓорѓи Димчевски кој живее и работи во Германија и виолончелистите Елизабета Мицева од Италија и гостинот од Русија Николај Гималетдинов.
Симон Трпчески на утрешниот настап ќе биде придружуван од баритонот Горан Начевски, сопранот Ирена Крстеска, тромбонистот Виктор Лиески, пијанистите Андреј Наунов и Едита Хаџи-Хамза, виолинистите Ѓорѓи Димчевски, Климент Тодоровски и Софија Никоска, а ќе бидат изведени делата на Шопен, Шуберт, Блажевич, Лист, Дворжак, Паганини, Елгар, Сарасате...
Дел од концертната програма Трпчески ќе ја изведе на крајот на јуни во рамките на Фестивалот за камерна музика во градот Рисор, Норвешка, каде како коорганизатор се јавува познатиот пијанист Леиф Ове Андснес, а настапуваат и виолинистите Џулијан Рахлин, Жанин Јансен и хорнистот Радован Влатковиќ.
На концертите посетителите ќе имаат можност да купат некое од трите официјални изданија на Симон Трпчески за Еми Класикс, меѓу кои и најновото со дела од Шопен, кое светската критика го вброи во листата најдобри за 2007-та.
„Концертен маратон со Симон Трпчески“ е проект во организација на Здружението на граѓани КултурОп од Скопје.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  РЗЗЗ: ЗА ВРЕМЕ НА ЕКСТРЕМНО ТОПЛИТЕ ДЕНОВИ, ОСТАНЕТЕ ДОМА

За време на топлите денови да се избегнуваат какви било напорни активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, особено во најжешкиот период на денот, да се носи светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа, да се внесува помала количина храна, а посебно помалку масна храна, и да се внесува голема количина течности, почнувајќи од обичната вода за пиење до минерализирани безалкохолни пијалоци.
Ова се препораките на Републичкиот завод за здравствена заштита, кои во денешното соопштение информираат дека во текот на ваквите екстремно топли денови, децата, старите лица, хроничните болни и бремените жени да останат повеќе во затворени простории, пред се климатизирани, а неопходните работи да се завршуваат до 10 часот наутро или попладне по 17 часот.
Според Републичкиот завод за здравствена заштита, граѓаните треба да одбегнуваат алкохолни пијалоци, пијалоци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци или консумирање на поголема количина шеќер. При неопходен престој на отворен простор во овој период, се препорачуваат почести одмори под сенка и да се избегнува директен престој на сонце.
- Посебно дисциплинирани по однос на овие препораки треба да бидат хроничните болни, посебно оние со болести на срцевосадовиот систем, невролошките и белодробните болести. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен доктор, се истакнува во соопштението на Републичкиот завод за здравствена заштита.
За денеска метеоролозите предвидуваат сончево и топло време, со умерена локална облачност. Попладне само во северозападните делови ќе биде нестабилно со можност за краткотраен дожд и грмежи. Температурата во Македонија ќе се движи од 28 до 37 степени, а во Скопје сончево и топло време, со температура до 34 степени.