ИНФО                                           
     
  МИНИСТРИТЕ МИЛОШОСКИ И ЕЛЕНОСКИ НА СОСТAНОК НА СОВЕТОТ НА НАТО

Делегација предводена од министрите за надворешни работи Антонио Милошоски и за одбрана Лазар Еленовски денеска во Брисел ќе учествува на состaнокот на Северноатлантскиот совет на НАТО (НАК).
Теми на состанокот, како што е соопштено, се статусот на имплементацијата на Акциониот план и задачите содржани во Годишната национална програма на Република Македонија за периодот 2006/2007 година.
Со оваа средба и формално ќе заврши осмиот циклус на имплементацијата на Акциониот план за членство на Македонија во НАТО.
Министрите Милошоски и Еленовски, во Брисел ќе разговараат со Генералниот Секретар на НАТО Јаап Де Хоп Шефер.
Двајцата министри, како што е најавено, ќе имаат средби и со амбасадорите во НАТО на САД, Велика Британија, Германија и на Словенија.

МАКЕДОНИЈА ПРЕДВРЕМЕ ЌЕ СЕ РАЗДОЛЖИ КОН ММФ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

Република Македонија предвреме ќе го отплати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд кој заклучно со денеска изнесува 51,7 милиони американски долари, а соработката со оваа меѓународна финансиска институција продолжува.
Одлуката ја донесе Владата на денешната седница. Тоа, според премиерот Никола Груевски е крупен и храбар чекор на Република Македонија во согласност со претходните активности за отплата на долгот и севкупните економски политики на новата Влада чија цел е подобрување на економската состојба и имиџот на државата.
- Со предвремената отплата на долгот кон ММФ, и одлуките на Владата предвреме да се отплати долгот кон Парискиот клуб, дел од долгот кон Светска банка, Европската инвестициска банка и дел од домашните хартии од вредност со неповолни критериуми, надворешниот долг на Република Македонија е намален за 292 милиони американски долари, истакна на прес-конференција премиерот Никола Груевски. Тој посочи дека оваа одлука за предвремена отплата на долгот кон ММФ ќе значи заштеда во Буџетот за оваа година од 9,4 милиони долари, а на име на камати до предвидентата целосна отплата до март 2010 година е 2,7 милиони американски долари.
Средствата ќе се обезбедат од девизните резерви, чие ниво е над нивото договорено со аранжманот што го има Македонија со Меѓународниот монетарен фонд.
Премиерот Груевски на прес-конференција истакна дека одлуката е во согласност со изборните ветувања и програмата на Владата за намалување на надворешниот долг на ниво под 35 проценти од Бруто домашниот производ, кој, како што додаде ќе се намали за 23 проценти, а вкупниот јавен долг за 14 проценти.
-Со предвремениот откуп на долгот Република Македонија врти нова страница во својата економска политика, растоварувајќи ги идните генерации од значајни финансиски обврски и презентирајќи се пред светот како земја со квалитетно и ефикасно управување со јавните финансии, оцени премиерот Груевски.
Истакнувајќи дека соработката со оваа институција продолжува, Груевски рече дека одлуката на Владата е едно големо раздолжување на Република Македонија, чекор за подобрување на имиџот, со кој сакаме да ги покажеме здравите еконмски политики и подобар рејтинг.
Тој порача дека никој не треба да се сфати дека Владата ќе тргне кон неприфатливи политики за ЕУ, за меѓународните финансиски инститиуции и оти Владата ќе продолжи со здрави економски политики што земјата ќе ја водат напред.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДЕН НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ И ДЕН НА ЕВРОПА

Пригодни свечености по повод 9. мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа ќе бидат одржани денеска во повеќе држави во светот, во Брисел и во државите членки на ЕУ.
Како што е најавено во Скопје ќе биде одржана трибина на тема „Апсорпциониот капацитет на ЕУ и проширувањето“. По повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа вечерва ќе се одржи и свечена академија, на која ќе бидат доделени пригодни награди.
Напоредно со бројните манифестации во чест на европскиот ден во повеќето европски градови, на Црвениот плоштад во руската престолнина Москва денеска ќе биде одржана воена парада по повод одбележувањето на 62 годишнина од завршувањето на Втората светска војна и победата над фашизмот.
На 9 мај 1945 година официјално беше ставен крај на Втората светска војна со потпишувањето на безусловна капитулација на Германија.
Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Во Втората светска војна учествуваа 61 држава со вкупно 2,1 милијарди жители, што беше околу 96 отсто од тогашното светско население. Во војната загинаа околу 50 милиони луѓе, од кои дури 20 милиони од тогашниот Советски сојуз.
Повеќе од 30 милиони од жртвите беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од кои шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.