ИНФО                                           
     
  СОСТАНОК НА КОНТАКТ ГРУПАТА ЗА КОСОВО

Меѓународната Контакт група за Косово денеска во Лондон ќе заседава на ниво на политички директори на Министерствата за надворешни работи на членките на Европската унија(ЕУ).
Тема на средбата се „натамошните чекори во Советот за безбедност во однос на планот на Марти Ахтисари за Косово и на одредувањето на идниот статус на покраината“.
Средбата на Контакт групата требаше да биде одржана минатата недела во Берлин, но како што официјално е соопштено, беше одложена поради погребот на поранешниот руски претседател Борис Елцин.
Домаќин на Контакт групата сега наместо Берлин, ќе биде Лондон.
Политичките директори, според дипломатски извори, на денешниот состанок ќе се обидат да ги ублажат видливите разлики меѓу некои западни држави и Русија, кон планот на Ахтисари според кој Косово треба да добие „надгледувана независност“.

ПРОЕКТ „ЛЕПЕЗА“ СО ПОДДРШКА НА НОРВЕШКА

Свеченост по повод почетокот на реализацијата на Проектот за стручно оспособување на офицери и подофицери за цивилни занимања, денеска ќе се одржи во Скопје.
Проектот е дел од Програмата „Лепеза“,поддржан од Кралството Норвешка, чија што цел е оспособување на воениот персонал од Армијата на Македонија (АРМ) за цивилни занимања.
Овој проект, треба да им овозможи на припадниците кои заминуваат од АРМ, како резултат на реформите во одбраната, преку систем на обуки, да стекнат вештини и дополнителни квалификации за да можат полесно да изберат нова професија во цивилните структури“, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана (МО).
На свеченоста најавено е присуството на државниот секретар во МО Љиљана Стеријова, амбасадорот на Кралството Норвешка во Скопје, Карл Виби, ректорот на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Мартиновски, како и претставници македонското и на норвешкото министерство за одбрана.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СВЕТСКИ ДЕН НА СЛОБОДА НА МЕДИУМИ

Светскиот ден на слобода на медиумите, 3 мај, во Македонија ќе биде одбележан со акцијата Пет минути громогласна тишина, а овој ден во светот годинава е посветен на безбедноста на новинарите.
Во светот минатата година убиени се 110 новинари и медиумски работници, а за време на првите неколку месеци од годинава 34, соопшти Светската асоцијација на печатот.
Според податоците на Комитетот за заштита на новинарите, во 2006 година поради својата работа на казна затвор осудени се 134 новинари.
Генералниот секретар на Обединетита нации Бан Ки-мун изјави дека задача на ОН е да ја штитат слободата на медиумите и изразувањето, согласно Универзалната декларација за човековите права. Бан укажа на тоа дека новинарите се почесто се соочени со обидите да бидат „ограничени, отфрлени или спречени“ во пренесувањето информации. - Во светло на таквите закани, работа на ОН е да бидат непоколеблив бранител на слободата на медиумите. Слободни, безбедни и независни медиуми претставуваат суштина на демократијата и слободата- потенцира Бан.
Здружението на новинарите на Македонија по повод 3 Мај - Светскиот ден на слободата на медиумите ги повикува сите медиумски работници да го одбележат со пет минути „Громогласна тишина“ од 11 часот и 55 минути до 12 часот и во централните информативни емисии во електронските медиуми со цел, како што се вели во соопштението од Здружението, да ги предупредат сите оние кои им застануваат на патот на слободниот проток на информации и да им одадат почит на сите настрадани колеги.
Слободата на изразување и слободата на печатот се базата во градењето на силни демократии, се наведува во соопштението на Здружението и ги потсетува домашните авторитети за важноста на заштитувањето на основните човекови права - слободата на изразување и слободата на печатот гарантирани со членот 19 од универзалната Декларација за човековите права, кои се втемелени и во Уставот на Македонија.
Се посочува и на обраќањето на генералнот директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура во кое се оценува дека „Да се биде новинар никогаш не било поопасно!“ и потсетува оти според новинарските здруженија, 2006 година била најкрвавата година со рекорд од 168 убиства, а стотини повеќе апсени или напаѓани поради нивната работа. Според Здружението, добро е што на црната листа на убиени или киднапирани, нема новинари од Македонија, но бараат да се обезбеди слобода на професијата и достоинството при работењето на новинарите.
- Заедно со сите професионални здруженија во светот ја повикуваме и нашата влада и нејзините министерства и агенции да го гарантираат пристапот до официјалните информации и архиви достапни според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да го гарантираат правото на новинарите за заштита на доверливите извори на информации, да им се овозможи на сите новинари достоинствена работа, напаѓачите адекватно да се казнуваат, а нападот на новинар на терен, да се смета како напад на службено лице, при извршување на работна задача, апелира ЗНМ по повод Светскиот ден на слободата на печатот.