ИНФО                                           
     
  НАТО ЗА КОСОВО И АМЕРИКАНСКИОТ РАКЕТЕН ШТИТ

Косово и контроверзниот американски ракетен штит во источна Европа се клучни теми на министерска средба на НАТО што денеска ќе се одржи во Осло.
На неформалниот состанок на ниво на министри за надворешни работи на членките на НАТО ќе учествува и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.
Според најавите од американска страна, Рајс ќе застане во одбрана на планот за стационирање ракетен одбранбен систем пред вратите на Русија во источна Европа, а ќе изрази и силна поддршка за предлогот за независност на Косово.
Овие две прашања на кои јасно се противи Русија се очекува да бидат во фокусот и на .Советот НАТО – Русија, закажан за попладнево во Осло. Руската страна, како што е најавено, ќе ја претставува шефот на дипломатијата Сергеј Лавров./

ЗЕЛС ОДБЕЛЕЖУВА 35 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Заедницата на единиците на локалната самоуправа - ЗЕЛС, денеска го одбележува јубилејот − 35 години од своето постоење.
На пригодната свеченост во Скопје се очекува да говорат премиерот Никола Груевски, амбасадорката на САД, Џилијан Миловановиќ и евроамбасадорот Ерван Фуере.
Во работниот дел ЗЕЛС на Генералното Собрание треба да избере нов состав на Управниот Одбор, а градоначалниците од 84-те општини и Градот Скопје ќе избираат и нов состав на Надзорниот одбор. Претседателот на ЗЕЛС, Андреј Петров, ќе поднесе извештај за работата на Управниот Одбор за 2006 година .
На свеченоста организирана заедно со УСАИД ќе се одбележи завршување на „Проектот за успешна децентрализација" што изминатите три години им помагаше на општините и на ЗЕЛС во процесот на воспоставувањето и зајакнувањето на локалната власт./

ДЕЛЕГАЦИЈА НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА НАТО ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА

Делегација на Комисијата за цивилна димензија на безбедноста на Парламентраното Собрание на НАТО, која престојува во Македонија, денеска ќе се сретне со премиерот Никола Груевски.
На средбата, како што соопшти владината служба за информирање, ќе присуствуваат и министрите за одбрана, за надворешни работи и за внатрешни работи Антонио Милошоски, Гордана Јанкулоска и Лазар Еленовски.
По средбата во Владата, делегацијата од Парламентарното Собрание на НАТО ќе има разговори со претседателот на македонското Собрание Љубиша Георгиевски и со членовите на делегацијата на македонското Собрание во Парламентарното Собрание на НАТО.
Најавени се одделни средби на делегацијата од ПС на НАТО и со членовите и претседателите на собраниските комисии за одбрана и безбедност, Владимир Ѓорчев, за надворешна политика Флора Кадриу и за европски прашања Тито Петковски.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  САМИТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ ОД ЈИЕ ВО ОХРИД

Самит на претседатели од Југоисточна Европа (ЈИЕ), посветен на усогласување на регионалната со политиката на ЕУ за обезбедување извори на енергија, денеска започнува во Охрид.
Домаќин на Самитот насловен „Долгорочна енергетска стабилност – предуслов за економски развој“, е шефот на македонската држава Бранко Црвенковски.
На Самитот, чиј работен дел ќе се одржи в петок, ќе учествуваат и претседателите на Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и претседавачот на претседателството на БиХ.
Поради однапред закажани обврски наместо бугарскиот претседател, учество најави потпретседателот на оваа држава, а романскиот претседател ја откажа посетата.
Охридскиот самит е продолжување на претходните два, одржани во Драч и Караѓорѓево, а е предвиден како прв највисок политички самит во регионот посветен за енергетски прашања, соопштија официјални извори во Скопје.
Предвидено е на еднодневниот самит во Охрид претседателите да усвојат заедничка декларација како и да договорат одржување билатерални средби и за прашања надвор од темата на Самитот.