ИНФО                                           
     
  ДЕЛОВНИЧКИТЕ ИГРИ ЧИНАТ 15.000 ЕВРА

Три метри кубни хартија, околу 600.000 страници хартија се потрошени за 2.830 амандмани на СДСМ и на ЛДП, поднесени во обид да го спречат скусувањето на дискусиите. Сепак, ќе завршат само како стара хартија, откако Лилјана Поповска го повлече предлогот за промени во актуелниот Деловник.
Пратеничката Лилјана Поповска објасни дека таа се повлекува од предлогот за да ја спречи блокадата на Собранието и ја повика опозицијата да изнајдат заедничко решение за ова прашање.
Деловничките игри во Собранието чинат околу 15.000 евра, пари потрошени за испечатените амандмани.

НОВ ЛИДЕР НА ЛДП

Јован Манасиевски, ексминистерот за одбрана, е новиот лидер на либералдемократите, чиј противкандидат во оваа трка беше Стевчо Јакимовски, поранешниот министер за труд и социјална политика, кој освои 17 гласови помалку.
ЛДП со новиот лидер ќе го гради новиот лик на партијата, кој на следните локални избори ќе се подготвува за самостоен партиски настап, а не како досега, како приврзок на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
"Ќе го вратиме идентитетот на партијата", им рече Манасиевски на делегатите, ветувајќи им дека веќе на наредниот конгрес, новиот лидер на партијата ќе се избира на непосредни избори од страна на сите членови.

ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ

Според архитектите, решавањето на проблемот со дивоградбите е сложена работа, прашање на кое не може едноставно да се одговори. Кај нас со години има само безуспешни обиди за решавање на овој проблем. Тие мора да се надминат со добро подготвен закон, во кој акцентот ќе се стави на тоа кои нелегално изградени градби треба да се легализираат, а не на личните интереси, апелираат експертите.
Иако Законот за легализација веќе влезе во собраниска процедура, Македонија доцни со справувањето со бесправно изградените објекти. Со Законот за легализација на дивоградбите нема да бидат опфатени оние објекти кај кои државниот градежен инспекторат утврдил неправилности при градењето.

ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ Е ВО ТЕК

Според последните официјални податоци, досега се откупени 13.500 тони, а процесот на откуп на тутунот се одвива без поголеми проблеми. Но, немањето претставници на здруженијата и хаосот со откупот на дел од тутунот на црно го одбележаа досегашниот тек на откупувањето.
Поплаките на тутунарите дека проценките и годинава се многу ниски и се за класа подолу од реалното, ги покажуваат и бројките, повеќе од 55 отсто од досега откупениот тутун е проценет во трета класа.
Во монополите се очекува во следниот период да се интензивира преземањето на тутунот. Засега нема решение за еден од најголемите проблеми, немањето договори. Само во прилепско-крушевскиот регион досега се пријавиле околу 2.500 тутунарски семејства кои имаат тутун без договор.


ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14. пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања - Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолклорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...
Чествувањата ќе почнат со Беседа на Горги Христов - "Народна воља", весник на македонски јазик во Р Бугарија, издавачка куќа од Шведска "Македонска фаланга" -"Друм за Македонија", "Ја познаваш ли Пипи долгиот чорап", "Приказна за црвеното јаболко", вовед Игор Стојановски, потоа следуваат промоција на книгата на Назиф Докле од Кукс (Гора, Р Албанија) поезија "Муке милје", актер Страшко Милошевски, вовед Гоце Ристовски и театарот "Скрб и утеха", "Деноносии" од Тихомир Стојановски. Следниот ден е планирана посета на Музеј на град Скопје каде што своја беседа ќе има археологот Милош Билбија за македонскиот неолит. Вечерта во КИЦ ќе настапат вокален квартет "Пела" Љубљана, Р Словенија, Фолклорна група од Шиштеец и Борје од Гора, Р Албанија, Фолклорна група од с. Кремен-Пиринско, Р Бугарија и Фолкорна група од с.Фраштани-Баница, Р Грција.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Македонската опера и балет во соработка со фондацијата Т-мобиле за Македонија почна хуманитарна активност за помош на 2-годишниот Михаил Стојаноски, кој боледува од редок тумур на 'рбетниот мозок. Поради тоа, неопходна е операција во ВМА Белград. Со оглед на тоа дека лекувањето чини 12.000-15.000 евра, неопходна е финансиска помош.
Во прилог на оваа акција МОБ ќе одржи хуманитарна претстава "Трубадур" на 16 февруари (билетот е 300 денари), а фондацијата Т-мобиле за Македонија веќе го отвори бројот за донации 070 143 777. Со еден повик се донираат 100 денари.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОЛИ РЕН: РЕФЕРЕНЦАТА ФИРОМ Е НЕСМАСНА

Еврокомесарот за проширување Оли Рен вчера во Европскиот парламент референцата ФИРОМ ја нарече несмасна, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Поранешната Југословенска Република Македонија е земја кандидат и се надевам дека билатералниот проблем помеѓу оваа земја и Хеленската република набрзо ќе се реши, да не треба повеќе да го користиме ова несмасно име, рече Рен.
Одговорот на Рен следеше по прашањето на европарламентарец кој на шега рече дека Македонија наместо да се нарекува ПЈРМ би можела да се нарекува "Идна Европска Република Македонија."
На прашањето дали Македонија може да се надева да добие датум за преговори под словенечкото престедателство со ЕУ, одговори: - Знаете дека сум колеблив кога станува збор за датуми. Македонија треба пред се да ги научи правилата на демократската игра, а тоа е политичкиот консензус, и со тој консензус да се спроведат потребните судски реформи и реформата на јавната администрација.
На денешната седница на Комитетот за надворешни работи посветен на Косово и Западниот Балкан, комесарот Рен на европските пратеници им порача оти е неопходно единство околу косовското прашање.
Тој рече дека резолуцијата во Советот за безбедност на ОН ќе и даде легитимитет на мисијата која ЕУ сака да ја испрати на Косово и со тоа да ја замени сегашната УНМИК.
- На земјите-членки им е потребна легална основа за таков чекор, рече Оли Рен. Тој повторно ја повика Русија на мултилатерлна одговорност кон статусот на Косово и предупреди оти Европа е таа што ќе мора да ги сноси последиците од решавањето на косовоскиот статус.

ВЕЛЕ САМАК: ВО БРИТАНИЈА ПОЛЕКА СЕ СОЗДАВА КЛИМА НА ИНТЕРЕС ЗА ВЛОЖУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Министерот во владата на Република Македонија Веле Самак, задолжен за привлекување странски инвестиции, престојуваше во дводневна работна посета на Велика Британија, во чии рамки во Лондон и во Ливерпул имаше средби и разговори со деловни луѓе и потенцијални партнери за вложување во македонската економија.
Изразувајки задоволство од разговорите за време на престојот во Британија, министерот Самак во изјавата за МИА рече дека полека се создава клима на интерес кај британските деловни кругови за вложување во Македонија.
- Британците, но и другите во Европа најмногу се интересираат за финансиските бенефиции што ги пружа нашата земја, за транспортната инфраструктура, за работната сила, а потоа и за делувањето на нашиот правен сектор, изјави министерот Самак.
Според него, не може да се седи во Скопје и да се чека некој да дојде за да ни понуди средства за вложување во нашето стопанство, особено што Македонија досега не се опишуваше како инвестициона зона во нашиот регион.
- Во Ливерпул, пред луѓето од Британската автомобилска индустрија ги понудивме македонските можности и предности, изјави Самак, откривајќи дека пред конечна реализација е работата за влез на англиската фирма „Џонсон Мети“ во Македонија. Станува збор за изградба на фабрика за катализатори за автомобили, што би била лоцирана во слободната индустриска зона во Бунарџик.
„Џонсон Мети“ со овој производ држи дури 30 отсто од светскиот пазар, а погонот во Македонија би можел да биде нејзин најголем надвор од Британија.
- Нашата земја е најсериозниот кандидат за оваа голема и значајна инвестиција што ќе ангажира и околу 300 вработени и која се очекува да биде финализирана во јуни, изјави за МИА министерот Веле Самак.
Во текот на својот престој во Британија, македонскиот министер во Ливерпул учествуваше на средбата на домашната автомобилска комора со инвеститори од Источна Европа, што е прво македонско присуство на ваков собир во Британија. При тоа Самак ги посети и ги разгледа и погоните на „Јагуар“ и „Ленд Ровер“.
Во Лондон тој имаше средба со луѓето од „Бритиш Петролеум“, на која е разговарано за можноста БП да влезе во Македонија со отворање на бензиски пумпи.