ИНФО                                           
     
  ДЕЛОВНИЧКИТЕ ИГРИ ЧИНАТ 15.000 ЕВРА

Три метри кубни хартија, околу 600.000 страници хартија се потрошени за 2.830 амандмани на СДСМ и на ЛДП, поднесени во обид да го спречат скусувањето на дискусиите. Сепак, ќе завршат само како стара хартија, откако Лилјана Поповска го повлече предлогот за промени во актуелниот Деловник.
Пратеничката Лилјана Поповска објасни дека таа се повлекува од предлогот за да ја спречи блокадата на Собранието и ја повика опозицијата да изнајдат заедничко решение за ова прашање.
Деловничките игри во Собранието чинат околу 15.000 евра, пари потрошени за испечатените амандмани.

НОВ ЛИДЕР НА ЛДП

Јован Манасиевски, ексминистерот за одбрана, е новиот лидер на либералдемократите, чиј противкандидат во оваа трка беше Стевчо Јакимовски, поранешниот министер за труд и социјална политика, кој освои 17 гласови помалку.
ЛДП со новиот лидер ќе го гради новиот лик на партијата, кој на следните локални избори ќе се подготвува за самостоен партиски настап, а не како досега, како приврзок на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
"Ќе го вратиме идентитетот на партијата", им рече Манасиевски на делегатите, ветувајќи им дека веќе на наредниот конгрес, новиот лидер на партијата ќе се избира на непосредни избори од страна на сите членови.

ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ

Според архитектите, решавањето на проблемот со дивоградбите е сложена работа, прашање на кое не може едноставно да се одговори. Кај нас со години има само безуспешни обиди за решавање на овој проблем. Тие мора да се надминат со добро подготвен закон, во кој акцентот ќе се стави на тоа кои нелегално изградени градби треба да се легализираат, а не на личните интереси, апелираат експертите.
Иако Законот за легализација веќе влезе во собраниска процедура, Македонија доцни со справувањето со бесправно изградените објекти. Со Законот за легализација на дивоградбите нема да бидат опфатени оние објекти кај кои државниот градежен инспекторат утврдил неправилности при градењето.

ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ Е ВО ТЕК

Според последните официјални податоци, досега се откупени 13.500 тони, а процесот на откуп на тутунот се одвива без поголеми проблеми. Но, немањето претставници на здруженијата и хаосот со откупот на дел од тутунот на црно го одбележаа досегашниот тек на откупувањето.
Поплаките на тутунарите дека проценките и годинава се многу ниски и се за класа подолу од реалното, ги покажуваат и бројките, повеќе од 55 отсто од досега откупениот тутун е проценет во трета класа.
Во монополите се очекува во следниот период да се интензивира преземањето на тутунот. Засега нема решение за еден од најголемите проблеми, немањето договори. Само во прилепско-крушевскиот регион досега се пријавиле околу 2.500 тутунарски семејства кои имаат тутун без договор.


ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14. пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања - Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолклорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...
Чествувањата ќе почнат со Беседа на Горги Христов - "Народна воља", весник на македонски јазик во Р Бугарија, издавачка куќа од Шведска "Македонска фаланга" -"Друм за Македонија", "Ја познаваш ли Пипи долгиот чорап", "Приказна за црвеното јаболко", вовед Игор Стојановски, потоа следуваат промоција на книгата на Назиф Докле од Кукс (Гора, Р Албанија) поезија "Муке милје", актер Страшко Милошевски, вовед Гоце Ристовски и театарот "Скрб и утеха", "Деноносии" од Тихомир Стојановски. Следниот ден е планирана посета на Музеј на град Скопје каде што своја беседа ќе има археологот Милош Билбија за македонскиот неолит. Вечерта во КИЦ ќе настапат вокален квартет "Пела" Љубљана, Р Словенија, Фолклорна група од Шиштеец и Борје од Гора, Р Албанија, Фолклорна група од с. Кремен-Пиринско, Р Бугарија и Фолкорна група од с.Фраштани-Баница, Р Грција.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Македонската опера и балет во соработка со фондацијата Т-мобиле за Македонија почна хуманитарна активност за помош на 2-годишниот Михаил Стојаноски, кој боледува од редок тумур на 'рбетниот мозок. Поради тоа, неопходна е операција во ВМА Белград. Со оглед на тоа дека лекувањето чини 12.000-15.000 евра, неопходна е финансиска помош.
Во прилог на оваа акција МОБ ќе одржи хуманитарна претстава "Трубадур" на 16 февруари (билетот е 300 денари), а фондацијата Т-мобиле за Македонија веќе го отвори бројот за донации 070 143 777. Со еден повик се донираат 100 денари.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЧЕЈНИ: АМЕРИКАНЦИТЕ НЕМА ДА ПОДДРЖАТ ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ИРАК

Американскиот народ нема да ја поддржи политиката за повлекување од Ирак, изјави потпретседателот на САД Дик Чејни за време на кусата посета на американската база на тихоокеанскиот остров Гуам.
- Во Ирак имаме работа со непријатели кои нема да се вразумат. Ќе покажеме флексибилност, ќе направиме се што е можно за да се адаптираме на условите на самото место, ќе ги извршиме сите неопходни измени за да ја исполниме мисијата. Сакам да знаете дека американскиот народ не сака и нема да ја поддржи политиката за повлекување, изјави Чејни пред војниците во базата Андерсон.
Информациите од Лондон дека Велика Британија ќе го намали контингентот во јужен Ирак од 7.100 на 5.500 војници, откако нејзината мисија во Басра постигна успех, Чејни ги протолкува како „потврда дека работите одат подобро во некои делови од Ирак“.
Чејни, кој претходно ја посети Јапонија, од Гуам ќе отпатува во Австралија каде ќе се сретне со премиерот Џон Хауард.

СТРУЈАТА ЌЕ ПОСКАПИ, НО НЕ ПОВЕЌЕ ОД 2,5 ПРОЦЕНТИ

Цената на електричната енергија од март ќе се зголеми, но тоа нема да биде повеќе од 2,5 проценти. Одлуката за зголемувањето, кое го побара ЕСМ дистрибуција, Регулаторната комсија за енергетика ќе ја донесе најдоцна до четврток.
Ова го изјави претседателот на РКЕ Славе Ивановски по денешната подготвителна седница на кое се разгледуваше барањето на ЕСМ дистрибуција за зголемување од 13,8 проценти.
Според Ивановски, зголемувањето кое ќе стартува од март нема да биде голем удар за граѓаните кое, како што вели, ќе се компензира со штедење.
Ивановски истакна дека од ЕСМ дистрибуција денеска биле доставени дополнителните инвестиции за наредната година и оти е побарано да достават точен број на вработени, бидејќи бруто платите се признаваат како трошок.
Претседателот на Управниот одбор на ЕСМ дистрибуција Георг Валднер изјави оти очекува одлуката да биде донесена што поскоро бидејќи, како што истакна, барањето е поднесено од октомври минатата година.