ИНФО                                           
     
  ДЕЛОВНИЧКИТЕ ИГРИ ЧИНАТ 15.000 ЕВРА

Три метри кубни хартија, околу 600.000 страници хартија се потрошени за 2.830 амандмани на СДСМ и на ЛДП, поднесени во обид да го спречат скусувањето на дискусиите. Сепак, ќе завршат само како стара хартија, откако Лилјана Поповска го повлече предлогот за промени во актуелниот Деловник.
Пратеничката Лилјана Поповска објасни дека таа се повлекува од предлогот за да ја спречи блокадата на Собранието и ја повика опозицијата да изнајдат заедничко решение за ова прашање.
Деловничките игри во Собранието чинат околу 15.000 евра, пари потрошени за испечатените амандмани.

НОВ ЛИДЕР НА ЛДП

Јован Манасиевски, ексминистерот за одбрана, е новиот лидер на либералдемократите, чиј противкандидат во оваа трка беше Стевчо Јакимовски, поранешниот министер за труд и социјална политика, кој освои 17 гласови помалку.
ЛДП со новиот лидер ќе го гради новиот лик на партијата, кој на следните локални избори ќе се подготвува за самостоен партиски настап, а не како досега, како приврзок на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
"Ќе го вратиме идентитетот на партијата", им рече Манасиевски на делегатите, ветувајќи им дека веќе на наредниот конгрес, новиот лидер на партијата ќе се избира на непосредни избори од страна на сите членови.

ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ

Според архитектите, решавањето на проблемот со дивоградбите е сложена работа, прашање на кое не може едноставно да се одговори. Кај нас со години има само безуспешни обиди за решавање на овој проблем. Тие мора да се надминат со добро подготвен закон, во кој акцентот ќе се стави на тоа кои нелегално изградени градби треба да се легализираат, а не на личните интереси, апелираат експертите.
Иако Законот за легализација веќе влезе во собраниска процедура, Македонија доцни со справувањето со бесправно изградените објекти. Со Законот за легализација на дивоградбите нема да бидат опфатени оние објекти кај кои државниот градежен инспекторат утврдил неправилности при градењето.

ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ Е ВО ТЕК

Според последните официјални податоци, досега се откупени 13.500 тони, а процесот на откуп на тутунот се одвива без поголеми проблеми. Но, немањето претставници на здруженијата и хаосот со откупот на дел од тутунот на црно го одбележаа досегашниот тек на откупувањето.
Поплаките на тутунарите дека проценките и годинава се многу ниски и се за класа подолу од реалното, ги покажуваат и бројките, повеќе од 55 отсто од досега откупениот тутун е проценет во трета класа.
Во монополите се очекува во следниот период да се интензивира преземањето на тутунот. Засега нема решение за еден од најголемите проблеми, немањето договори. Само во прилепско-крушевскиот регион досега се пријавиле околу 2.500 тутунарски семејства кои имаат тутун без договор.


ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14. пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања - Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолклорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...
Чествувањата ќе почнат со Беседа на Горги Христов - "Народна воља", весник на македонски јазик во Р Бугарија, издавачка куќа од Шведска "Македонска фаланга" -"Друм за Македонија", "Ја познаваш ли Пипи долгиот чорап", "Приказна за црвеното јаболко", вовед Игор Стојановски, потоа следуваат промоција на книгата на Назиф Докле од Кукс (Гора, Р Албанија) поезија "Муке милје", актер Страшко Милошевски, вовед Гоце Ристовски и театарот "Скрб и утеха", "Деноносии" од Тихомир Стојановски. Следниот ден е планирана посета на Музеј на град Скопје каде што своја беседа ќе има археологот Милош Билбија за македонскиот неолит. Вечерта во КИЦ ќе настапат вокален квартет "Пела" Љубљана, Р Словенија, Фолклорна група од Шиштеец и Борје од Гора, Р Албанија, Фолклорна група од с. Кремен-Пиринско, Р Бугарија и Фолкорна група од с.Фраштани-Баница, Р Грција.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Македонската опера и балет во соработка со фондацијата Т-мобиле за Македонија почна хуманитарна активност за помош на 2-годишниот Михаил Стојаноски, кој боледува од редок тумур на 'рбетниот мозок. Поради тоа, неопходна е операција во ВМА Белград. Со оглед на тоа дека лекувањето чини 12.000-15.000 евра, неопходна е финансиска помош.
Во прилог на оваа акција МОБ ќе одржи хуманитарна претстава "Трубадур" на 16 февруари (билетот е 300 денари), а фондацијата Т-мобиле за Македонија веќе го отвори бројот за донации 070 143 777. Со еден повик се донираат 100 денари.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ЈА ПРОДОЛЖИ РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЛУСТРАЦИЈА

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи 26-тата седница со расправа по Предлогот за донесување закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, попознат како закон за лустрација.
Според предлогот на законскиот текст поднесен од пратеникот Стојан Андов од ЛП, што го поддржаа 88 пратеници, носител на јавна функција не може да биде лице кое соработувало со тајната служба.
Секој сегашен и иден кандидат за вршење на јавна функција треба да даде изјава дека не бил соработник на тајна служба. Се однесува на соработка идеолошки мотивирана и насочена да спречи и репресира секакво поинакво мислење или поинаква политичка опција. Проверката на веродостојноста на изјавата ќе ја врши комисија составена од девет члена. Законот се однесува на периодот од 2 август 1944 година до стапување во сила на овој закон, а ќе се применува пет години.
Законот, според предлагачот, е важен за државата затоа што ќе овозможи на клучни позиции во власта, медиумите, образованието и науката да дојдат луѓе кои ќе бидат независни и кои нема да бидат управувани од некои тајни центри на моќ заостанати од минатиот режим, а своите одлуки ќе ги донесуваат во интерес на државата и граѓаните, согласно правото и законите.
Законот нема мерка на одмазда и не е против никаква политичка опција, туку е во интерес на сите политички опции.
Во образложението на Предлогот за донесување на законот се наведува дека без оглед што политичкиот систем во поранешата СФРЈ, според тоа и во Република Македонија, значајно се разликуваше од оној во поранешниот СССР и во другите поранешни социјалистички земји од Источна Европа, сепак и системот што се практикуваше во Македонија беше оптоварен со ист вид ограничувања на демократските слободи и нарушувања на човековите права. Остатоци од тој систем се уште има. Затоа и во Република Македонија тие со законски акти треба да се отстранат, со што ќе се вклучиме во европските текови и ќе го забрзаме нашиот севкупен развој.
Искуствата на поедини пост-социјалистички земји кои се соочија со потребата да се отстранат остатоците од стариот режим како и од параинституции и делови од тој систем, покажуваат дека некои форми на лустрација беа неопходни и тие дадоа резултати во развојот на демократијата, демократските институции, владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на граѓаните, обезбедувајќи услови за брз влез во НАТО и ЕУ. Такви мерки во поновата историја се спроведени во повеќе земји после Втората светска војна и тоа во Германија, Франција, Австрија, Шпанија, Италија, Португалија, Јапонија, Грција. Слични мерки после паѓањето на комунизмот се донесени и во Чехословачка, Полска, Бугарија, Унгарија, Литванија, Романија, Албанија, Летонија, Естонија, Русија.
Во Република Македонија во изминатите петнаесетина години се создаде транзиционо општество со посебни карактеристики што ја разликуваат нашата држава од останатите поранешни социјалистички држави. Владеењето на режимот што се потпира на слабостите на вкупната македонска „приказна“, ја доведе земјата до огромна невработеност, беда, создавање висока корупција и организиран криминал, неефикасност и свесен отпор кон влез на странскиот капитал итн. Така, по 15 години, покрај тоа што Македонија се уште го носи бремето на оспоруваното осамостојување, го носи и новосоздаденото транзициско бреме на социјална и економска агонија, се вели во образложението на предлогот.
Прв на денешното продолжение говореше Веле Митановски од НСДП, укажувајќи на потребата при утврдувањето на конечниот текст на Предлог-законот да се има предвид уставното начело за еднаквост на сите граѓани и на тоа дека сите имаат право да учествуваат во вршење на јавни функции. - Во спротивно ќе оставиме простор да бидеме обвинети дека го повредуваме уставниот поредок на државата, давајќи приоритет на некои интереси, истакна Митановски.
Според него, постои дилема колку лустрацијата е алатка на демократизацијата. - Нашата најголема одговорност во тој правец е да изградиме легислатива што ќе елиминира и најмала можност за грешка, рече Митановски, додавајќи дека потребно е да се изградат и инструменти за исправување на евентуалната грешка.