ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА ВО НАТО АКО ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Шон Мекормак, во Вашингтон истакна дека членството на Република Македонија во НАТО Алијансата зависи и од договорот кој ќе биде постигнат со Грција во однос на името.
"Прашањето треба да биде решено доколку Македонија сака да продолжи и понатаму на патот кон членство во НАТО. Во моментов, сепак, тоа не е единствено прашање. Постојат многубројни други прашања, како дел од акцискиот план, кои Македонија треба да ги реши пред да дојде близу до членство. Така што тоа е едно од серијата различни прашања кои членките на НАТО како целина ги имаат со Македонија", нагласи Мекормак.
Тој додаде дека за САД нема промена на ставот во однос на ословувањето на Македонија, но одлуките во Алијансата се носат со консензус.

ФОНДОТ БАРА ПОМОШОД БОЛНИТЕ ЗА ЛЕКАРИТЕ

Фондот за здравство ги повика пацинетите да им прогледаат низ прсти на лекарите кои, иако по закон не треба да земаат пари, сепак наплаќаат за дадената услуга. Директорот на Фондот Ѓорѓи Тренкоски кој претхотно кажа дека знае за ваквите неправилности, но наместо да појасни што ќе направи за да ги заштити пациентите, тој неочекувано ја прекинал прес-конференцијата и си заминал. Инаку на прашањата за реформите тој само кусо одговорил дека ова е премногу болен период и болно се поднесуваат реформите и дека треба да им се помогне на битните луѓе во општеството – лекарите.

ХРВАТСКА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА

На патот кон ЕУ Македонија има целосна поддршка од Хрватска која, пак, ги нуди своите искуства во однос на преговорите со Унијата. Хрватскиот дипломат Владимир Дробњак во Скопје рече дека слушнал идеи и планови за кои смета дека се зацртани на вистински начин. На средбата се разговарало и за подготовката на процесот на преговори, особено во најпроблематичните области, отвореноста на процесот, начинот на соработка, постигнувањето на консензус во преговорите и за буџетирање на процесот.

АНТИКОРУПЦИСКА ИЗБРАНА ПО ПАРТИСКИ КЛУЧ?

Членовите на Комисијата за спречување на корупцијата негираа дека по партиски клуч се влезени во Антикорупциска, иако партиите во Собранието не кријат дека нејзиниот нов состав е направен со политички договор меѓу власта и опозицијата.
"Секоја одлука во Собранието се донесува со мнозинство гласови. Факт е дека парламентарното мнозинство е тоа што е во случајот и дека врз основа на политичка проценка треба да се донесе одлука за избор. Но, каква била таа прашајте го господинот Трајко Вељаноски и другите во Комисијата за избори и именувања", изјави Илми Селами, член на Комисијата.

БАРАЊЕ ЗА ОБНОВА НА ИСТРАГАТА ЗА "КИНГЕРОТ"

Министерството за внатрешни работи официјално побара од Републичкото јавно обвинителство да го укине решението со кое случајот околу падот на авионот и загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговата делегација во Мостар беше затворен како несреќен случај. Паралелно со барањето, МВР на Обвинителството ќе му приложи нови докази околу падот на владиниот Кингер.

ММФ ЈА ПОФАЛИ ВЛАДАТА

Шефот на Мисијата на ММФ, Марк Грифиц, јавно кажа дека е задоволен од економските постигнувања на Владата во изминатиов период, но се воздржа да & даде оценка.
"Сметам дека работите тука се подобруваат. И двете влади со кои работевме се обидуваа тоа да го постигнат. Ние во ММФ не ги оценуваме владите, туку економиите. Сметам дека оваа е подобра", изјави Грифиц.
Во текот на преговорите, монетарците ја прифатиле аргументацијата на Владата за намалување на даноците и за отворање слободни индустриски зони, иако Грифиц истакна дека има подобри начини за привлекување директни странски инвестиции.

ПАРИ ОД ВЛАДАТА ЗА СЕМЕЕН БИЗНИС

Понудените владини неповратни 2.500 евра за почнување сопствен бизнис предизвикаа голем интерес кај невработените. Погон за производство на печурки, пчеларство, фарма за кокошки, возило за такси превоз, фризерски салон, колонијална продавница се идеите на кои доаѓаат граѓаните за да го почнат семејниот бизнис со понудените пари. Владата ги нуди овие пари со цел да го реши проблемот со невработеноста.

СЕ УКИНУВААТ КОНЦЕСИСКИТЕ ДОГОВОРИ

Според најавата на Министерството за транспорт и врски, во текот на следниот месец ќе се укинат концесиските договори на "Т-Мобиле Македонија", "Космофон" и на Македонски телекомуникации. Тоа значи дека двата мобилни оператора ќе почнат да работат согласно Законот за електронски комуникации, исто како и новиот мобилен оператор "Мобилком".
Со последните измени на Законот, наместо 10 години, двата мобилни оператора ќе ги користат радиофреквенциите 20 години, додека "Мобилком" откако ќе регистрира фирма во Македонија, најдоцна до 25 март треба од Агенцијата за електронски комуникации да го добие одобрението за користење на радиофреквенции за следните 10 години.

ЗАБРАНА ЗА БРИТАНСКО МЕСО

Македонија воведе забрана за увоз на живина и производи од живинско месо од Велика Британија. Забраната ја издаде Ветеринарната управа при Министерството за земјоделство, откако во Британија беше констатирано дека птиците во локалната фарма "Суфолк" се заразени со вирусот на птичји грип.

СЛОВЕНЕЧКИ КУЛТУРЕН ПРАЗНИК


Во организација на Амбасадата на Република Словенија, Друштвото на словенско-македонско пријателство и Словенечкото здружение "Франце Прешерн" со свечена програма го одбележаа словенечкиот културен празник. По тој повод во Домот на АРМ настапија популарниот концертен и оперски пејач Матјаж Робавс, во придружба на клавијатуристот Владимир Млинариќ. Исто така, беше отворена и изложба на фотографии од познатиот словенечки фотограф Јоцо Жнидаршиќ и настапот на хорот на Словенечкото здружение "Франце Прешерн".

ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14. пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања - Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолкорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...

СЕ ПОДГОТВУВА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ

Годинашниве карневалски празнувања во Струмица ќе почнат на 17 февруари, со традиционалниот маскенбал на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот. Празнувањата продолжуваат со детскиот карневал следниот ден, а на денот пред големиот карневал на Чист понеделник традиционално се подготвува бел грав низ струмичката чаршија.

ГОЦЕ ФЕСТ

На 10 февруари во Универзалната сала во Скопје ќе се одржи традиционалниот, 18. по ред, фестивал на родољубиви и патриотски песни "Гоце фест". Ќе настапат многу познати македонски имиња, како Виданка Ѓеоргиева, Мишко Талески, Војо Стојановски, Јасмина Мукаетова... но, за жал, од дијаспората има само еден учесник, Жанета Митревска од Франција. Фестивалот ќе го пренесува МТВ, така што преку сателитската програма "Гоце фест" ќе може да го следат и Македонците во светот.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  РЕН: ДИНАМИКАТА НА ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ ЗАВИСИ ОД ДИНАМИКАТА НА РЕФОРМИТЕ

Европската унија останува обврзана за европската перспектива на Македонија, но тоа не е автоматски процес туку е поврзано со исполнувањето на критериумите за членство, изјави еврокомесарот Оли Рен по денешната средба во Владата со македонскиот премиер Никола Груевски.
- Имавме повисоки очекувања од Македонија по добивањето на кандидатскиот статус во декември 2005. Динамиката на напредокот кон интеграцијата во ЕУ зависи од динамиката и интензитетот на реформите, но таа е заглавена по доделувањето на кандидатскиот статус и треба значително да се забрза, пред Европската комисија да даде препорака за датум за почнување преговори за членство, истакна Рен.
Тој изрази загриженост од, како што рече, постојаните политички тензии во земјата меѓу Владата и опозицијата. - Таквата политичка клима не постигнува напредок во имплементацијата на реформите и исполнување на критериумите на ЕУ. Ова е заедничка одговорност меѓу Владата и опозицијата. Потребни се двајца за доволна доверба и политички консензус, Владата треба да преземе иницијатива и да создаде услови кои ќе придонесат за дијалог, но исто така е потребно и конструктивно делување на опозицијата, посочи еврокомесарот за проширување.
- Агендата на реформите на ЕУ е широка, реформите во полицијата и судскиот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата и зајакнувањето на административните капацитети на земјата. Исто така е основно да се остане обврзан на имплементацијата на Охридскиот договор. Усвојувањето на европските стандарди ќе ја модернизираат оваа земја и ќе имаат позитивно влијание за сите граѓани, нивната економска перспектива и можностите за вработување, рече Рен.
Тој изрази надеж дека целта за приклучување кон ЕУ е солидна основа за која сите политички партии ќе најдат капацитет да постигнат доволен степен на консензус за фнкционирањето на демократскиот систем и постигнување на целите на европските политики. За него тоа е вистинскиот начин да се постигне заедничка доверба и напредок кон ЕУ.
Рен во разговорите со Груевски потсетил на обврските на Комисијата за поддршка на реформите, вклучувајќи ја и финансиската помош што ЕК ја обезбедува во износ од 60 милиони евра зa земјата да ги исполни своите реформски цели за пристапување.
Премиерот Груевски рече дека со Рен разговарале за општата политичка клима и за дијалогот со опозицијата. Тој, како што истакна, го информирал Рен за напредокот на Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ. - Владата на секоја седница работи на европската агенда, а еднаш до двапати месечно на специјална седница ги разгледува прашањата поврзани со ЕУ на која што во детали разговараме за секој закон, за секој подзаконски акт и нивната примена, рече Груевски.
- Причина за доцнењето во реформите беа и минатогодишните парламентарни избори. Владата се обврзува дека ќе ги исполни обврските и ќе го забрза процесот. Сите закони што се потребни да се завршат во 2007 до декември, се обврзавме да ги завршиме до јули и сите подзаконски акти да ги завршиме до крајот на септември, така што во тој дел порано ќе завршиме отколку што се очекувањата, оцени премиерот.
Груевски рече дека македонската Влада продолжува понатаму да работи на планот на подготвеност на државата од секој аспект, политички, економски со реформи во образованието, здравството, реформи во полицијата, одбраната, односно во сите делови што се потребни земјата да стане поподготвена за прием во Европската унија.
На средбата со Рен, како што рече Груевски, станало збор и за напорите што Владата ги прави за подобрување на економската состојба, на бизнис-климата во Македонија, за либерализацијата на телекомуникацискиот сектор и напредокот што е направен во тој дел со давањето лиценца за трет мобилен оператор и вклучувањето на втор фиксен оператор. Груевски го информирал Рен и за активностите во борбата против корупцијата и криминалот и успешните акции во изминатите месеци, како и неопходноста тоа да продолжи со уште поинтензивно темпо.
На средбата станало збор и за случувањата во врска со Косово. Премиерот Груевски на заедничката прес-конференција со Рен, рече Македонија очекува со планот на специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари да се затвори прашањето за демаркација на границата со Косово. Рен од своја страна го поздрави конструктивниот и одговорниот пристап што Македонија го зазема во процесот на решавање на статусот на Косово, што, според него, е многу важно за стабилноста и иднината на целиот Западен Балкан.
Груевски со Рен разговарале и за спроведувањето на Рамковниот договор. - Владата ја усвои стратегијата за спроведување на Рамковниот договор во оној дел што сеуште не е завршен, одобривме три и пол пати повеќе средства за вработување во администрацијата на припадниците на малцинските заедници во земјата, што значи дека во 2007 ќе се вработат речиси ист број на луѓе што се вработија во последните четири години заедно.
Еврокомесарот Оли Рен денеска ќе има средби и со претседателот Бранко Црвенковски, со претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, вицепремиерите Габриела Коневска-Трајковска, Имери Селмани и Зоран Ставрески, а ќе разговара и со лидерите на поголомеите политички партии застапени во македонскиот Парламент.