ИНФО                                           
     
  АТИНА ЌЕ ПОБАРА РЕВИДИРАЊЕ НА ВРЕМЕНАТА СПОГОДБА?

Официјални претставници на Грција и грчките медиуми најавуваат дека е можно Атина да побара ревидирање на Времената спогодба. Се проценува дека токму ревидирањето на спогодбата потпишана во 1995 година во Њујорк е една од можностите за решавање на спорот за името на Македонија.
Дора Бакојани, министерка за надворешни работи на Грција, во интервју за весникот "Етнос" рекла дека непридржувањето кон некои аспекти на Времената спогодба го остава отворено прашањето за нејзино преиспитување.
Во весникот "Елефтеротипија" се поставува прашањето за политиката на грчката влада кон Скопје и пишува дека во позицијата на министерката за надворешни работи Дора Бакојани се наѕираат и други сегменти што ги нема во Времената спогодба. Според анализата во весникот, ова ќе значи влошување на односите помеѓу двете земји, а ако Грција предложи промена на привременото решение, ќе отвори и простор "Поранешната Југословенска Република Македонија да може да побара во ОН признавање под уставното име. Таму веќе поголемиот дел од земјите билатерално ја признаа под името Македонија".

БУГАРСКИ СПИСОК СО ИМИЊАТА НА НЕПОЖЕЛНИ НОВИНАРИ

Како што најави софиската агенција Фокус, ВМРО-БНД, чиј лидер е Красимир Каракачанов, ќе подготви список со новинари, кои објавуваат негативни коментари за Бугарија во странскиот печат. Според агенцијата, ова било решено на заседание на раководството. Движењето најавило дека списокот ќе им го предаде на бугарските државни институции со комплет публикации во кои се оцрнува Бугарија и оти од нив очекува соодветни мерки. Според Красимир Каракачанов, лидер на националистичката партија целта на списокот е да се направи евиденција на луѓето на кои не треба да им се дозволи влез во Бугарија.
"Тоа се луѓе што пишуваат негативно за состојбите во наша земја. Како и секоја друга европска земја, мораме да водиме сметка за тоа на кои луѓе треба да им дозволиме да влезат на наша територија. Тоа е наше право бидејќи сигурноста на земјата е мошне важна", рече тој.
Според него, списокот со имињата на непожелни личности ќе биде завршен многу брзо.

РЕФОРМИТЕ ПОД ЛУПА НА СВЕТСКА БАНКА

На средбата владиниот тим предводен од вицепремиерот Зоран Ставрески, ги информираше претставниците на Светска банка, предводени до Брус Кортни, за степенот на исполнетост на условите предвидени со овој аранжман во однос на реформите во бизнис регулативата, здравствениот сектор, судските реформи, пазарот на работна сила, финансискиот сектор, како и реформите во однос на децентрализацијата и јавната администрација. Тим на Светска банка следниве денови ќе оценува дали Владата ги исполни условите да се ослободи втората транша од Прорамскиот заем за развојни политики.
"Очекувам дека следниве десет дена ќе постигнеме договор со Владата и до крајот на март Бордот да ја донесе одлуката за поддршка на реформите. Висината на заемот ќе изнесува 30 милиони долари и ќе се реализира во три транши", истакна Брус Кортни.

МАКЕДОНИЈА ИНТЕРЕСНА ДЕСТИНАЦЈА ЗА ВЛОЖУВАЊЕ

Намалувањето на данокот на добивка од 15 на 12 отсто од 1 јануари годинава ја стави Македонија на картата интересни дестинации за вложување на многу странски компании. Медиумите од земјите во регионот пишуваат за сe поголем интерес за вложување во државава. Сепак, речиси сите коментираат дека ниските даноци се примамливи за инвеститорите, но не и одлучувачки фактор за да се донесе одлука за евентуално вложување.
Во словенечкиот "Дневник" пишува дека со намалувањето на даноците Македонија го предизвикала вниманието на многу словенечки компании. Но посочува дека не треба веднаш да се очекува бран инвестиции.

ЗДРУЖУВАЊЕ НА ЕГЕЈЦИТЕ

Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола се договорија за заеднички настап пред македонската и светската јавност. Три водечки асоцијации постигнаа согласност за координирање на сите активности, посебно за стратегиски прашања кои требаат да се решаваат
пред европските асоцијации за човекови права.

ХОТАМ БАРА ОД ВЛАДАТА МИНИСТЕРСТВО ЗА ТУРИЗАМ

Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) бара од Владата да формира посебно министерство за туризам или пак да задолжи еден од министрите без портфељ да раководи со секторот туризам.
"Ако Владата одлучи еден од министрите да го преземе тој ресор, тогаш ХОТАМ ќе помогне туризмот да зајакне и успешно да се организира. Моментално само секторот кој се наоѓа во Министерството за економија се занимава со туризам и му треба подобра ораганизираност", истакна Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
Целта е развој на оваа значајна стопанска гранка.

ХИДРОЛОЗИТЕ НЕ СЕ ПЛАШАТ ОД ТОПЛОТО ВРЕМЕ

Годинава количеството на вода во земјава е двојно помало од просекот во јануари во последниве триесет години. Хидролозите од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија – УХМР велат дека и покрај ниското ниво на водотеците и водостоите во земјава, нема опасност од поголеми последици кои би придонеле да останеме без чиста вода за пиење. Тие велат дека вакви лоши години сме имале и порано и биле многу покатастрофални, но ако сушниот период продолжи и понатаму, снабдувањето со вода за пиење би било проблематично во летните месеци.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА НАТО-ТИМОТ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА И МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ

Помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање Џон Колстон, кој го предводи НАТО - тимот за евалуација на напредокот на РМ кон НАТО, денеска во Домот на АРМ ќе ја овори пленарната седница.
Колстон, како што е наведено во соопштението од МНР, по пленарната седница ќе има средби со претседателот Бранко Црвенковски, со премиерот Никола Груевски и со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Помошникот на генералниот секретар на НАТО, треба да се сретне и со министерот за финансии Трајко Славески, а ќе има средба и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за одбрана и безбедност.
За попладнето е планирана средба на Колстон со амбасадорите на земјите-членки на НАТО, со што тој ќе зја заокружи дводневната посета на Македонија.
Помошникот на генералниот секретар за одбранбена политика и планирање Колстон вчера се сретна со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, со вицепремиерот Имер Селмани, како и со министрите за правда и за одбрана, Михајло Маневски и Лазар Еленовски.