ИНФО                                           
     
  ПОКАНАТА ЗА НАТО ЗАВИСИ ОД МАКЕДОНИЈА

Јап де Хоп Шефер на македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во Брисел му порача дека од сега до наредниот самит на НАТО во 2008 година од Македонија се очекува спроведување закони и реформски резултати. Истовремено, му потенцираше на Милошоски дека секогаш е добредојден во НАТО да побара совет или да презентира резултати. Македонија мора да ја зајакне правната држава и да реформира, а достигнувањата во одбраната, кои се несомнени, нема веќе да бидат доволни за да се добие поканата за членство на наредниот самит.
Шефот на Алијансата го извести Милошоски за Самитот во Рига, повторувајќи дека и на оваа средба му било посветено должно внимание на проширувањето. Шефер вети дека на самитот во 2008 година ќе учествува и Македонија, а дали ќе добие покана за членство ќе зависи само од неа.

МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА УВЕЗЕ СТРУЈА!

Во 2007 година Македонија ќе треба да плати 240 милиони евра за увоз на 2,8 милијарди киловат-часови електрична енергија, што е повеќе од двојно од годинава. Енергетскиот биланс на државата за наредната година е готов и беше разгледан од Македонската енергетска асоцијација. Најголеми потрошувачи остануваат "Силмак", "Фени" и "Скопски легури", кои за наредната година побараа двојно повеќе струја. Тоа ќе ја зголеми вкупната потрошувачка во земјава за 13,13 отсто.

АЛБАНЦИТЕ ЌЕ ИМ ЗЕМАТ ЗЕМЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Македонците од подрачјето на Мала Преспа во Албанија стравуваат дека албанските власти ќе им одземат околу 70 хектари земјиште за да им ги поделат на Албанците во процесот на денационализација. Толку хектари биле вишок кој го открила Централната државна комисија за распределбата на земјиштето и за кое сега се предвидува да биде искористено како обесштетување за граѓаните на кои поранешните имоти не можат да им бидат вратени. Допис во кој се посочува конкретен "вишок" на земјиште, кое треба да го врати секое од десеттината македонски села, веќе бил доставен во регионалната управа во Корча, во чиј атар е Општина Мала Преспа.

МОЖНОСТ ДА СЕ ОБНОВАТ ГРОБОВИТЕ НА МИСИРКОВ И НА ПЕТРОВ

Обновата на гробиштата е цивилизациски чин. Во Бугарија никој нема да и се спротивстави на Република Македонија ако искаже желба да ги обнови гробовите на Крсте Мисирков или на Ѓорче Петров. Се разбира, во договор со роднините. Мртвите треба да се почитуваат.
"Деновиве јас размислувам да иницирам обнова на гробовите на Мисирков и на Петров", изјавил Божидар Димитров, познат по ставовите кои го негираат постоењето на македонската нација.

ПРИВАТНИ ОСМОЛЕТКИ

Собраниската Законодавно-правна комисија едногласно го поддржа предлогот на Владата за промени на Уставот, со кои се предвидува воведување задолжително средно образование и давање уставна можност за основање приватни образовни установи уште од основното образование.
"Ваквата иницијатива во основното образование ќе ја зајакне конкуренцијата и ќе ги растовари јавните образовни установи, но интенцијата е и натаму да остане доминантно јавното основно образование", рече Јован Лазаров, заменик-министер за образование.

"ТАНЕЦ" ШТРАЈКУВА ЗА ПЛАТА

Дваесеттина играорци-хонорарци во Ансамблот за народни игри и песни "Танец", поддржани од вработените, веќе една седмица штрајкуваат зашто десеттина нивни колеги веќе осум месеци се со нерегулиран статус, бидејќи Музичка младина на Македонија одбива со нив да ги потпише договорите за работа.
Тие веќе неколку години работат хонорарно во "Танец", а биле примени преку Музичка младина на Македонија. Играорците се жалат и дека платите неколку пати им се давале со задоцнување. По извршениот притисок, Музичка младина на Македонија им ги исплатила хонорарите, но се уште ги немаат потпишано договорите за работа.

ШТИТОВИТЕ ДАР ЗА БОГА

Според археологот Драги Митревски, професор и раководител на Катедрата за археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, македонските штитови од II век пред новата ера, пронајдени во околината на прилепското село Бонче, биле дарови за боговите. По археолошките ископувања спроведени во јамата, во која диви копачи пред повеќе од половина година ги откопале ексклузивните предмети, археолозите пронашле вотивна керамика, нож и садови кои насочуваат на дадената констатација на археологот Митревски.

ЧЕСТВУВАЊЕ НА "СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ" ВО АВСТРАЛИЈА

Црквата "Св. Климент Охридски" во Канбера, помогната од Амбасадата на Република Македонија го одбележа својот патронен празник со Фестивал на македонската култура и храна. На фестивалот беа претставени народни носии, икони, везови, сувенири и елементи од македонска софра како и теракотни икони од Македонија, паноа со фотографии и мотиви од Македонија и слики на уметници кои живеат во Канбера.
Во културно-уметничката програмата се претставија македонски културно-уметнички друштва од австралиските градови Квинбијен, Рокдејл, Волонгонг и од Сиднеј, а беше одржана и ревија на македонски народни носии. Беа претставени традиционалните македонски инструменти, гајдите и тапаните, како и специјалитети од богатата македонска кујна.

15. МАТУРСКА ВЕЧЕР ВО ВИКТОРИЈА

На 3 декември 2006 година, се одржа 15. по ред матурска вечер на студентите од 12- та година кои успешно го положија испитот по македонски јазик во редовната настава во Викторија, Викториското училиште за јазици и Нов Јужен Велс. Оваа година испитот по македонски јазик го положија 120 ученици, бројка која навистина радува ако се земе предвид фактот дека речиси една третина од студентите веќе се трета генерација Македонци во Австралија.
Поради овој настан македонскиот премиер Груевски испрати честитка во која се вели дека "матурантите се дел од матичната држава и Македонија мора да гради мостови кон своето иселеништво, кое е составен дел од битието на нашиот народ".
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРАТЕНИЦИТЕ ЈА ПОЧНАА РАСПРАВАТА ПО ПРЕДЛОГ - БУЏЕТОТ ЗА 2007

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи 16-тата седница со расправа по Предлог - буџетот за 2007 година. Според владините проекции, Буџетот за 2007 година ќе изнесува 112 милијарди 17 милиони денари. Приходите се планирани на ниво од 108 милијарди и 623 милиони денари, а дефицитот е три милијарди 394 милиони денари, односно еден отсто од Бруто домашниот производ.
- Анемичниот пораст на македонската економија од претходните години очекуваме значително да се надмине во периодот 2007/09 година со остварување просечна стапка на пораст на Бруто домашниот производ од шест до седум отсто. Поттикнувачи на екомскиот раст ќе бидат инвестициите и извозот. Главниот двигател на економскиот раст ќе биде индустриското производство, а се очекува пораст и во другите економски сектори, рече вчера министерот за финансии Трајко Славески, образложувајќи ја пред пратениците владината проекција на државната каса за идната година.
Тој нагласи дека поттикнувач на растот на расходната страна се очекува да биде личната потрошувачка од 3,5 и пет процентни поени. - Ваквата претпоставка, пред се, базира на очекуваниот пораст на нето платите од 2,5 до 4 отсто во наредниот период, рече Славески.
Денешната собраниска дебата ја почна Лазар Китановски од СДСМ со забелешка дека мора да се зголемат средствата за Агенцијата за разузнавање и на УБК. - Во Агенцијата за разузнавање ставката за капитални расходи е намалена, а во УБК зголемена. Голем број од државите во светот го зголемуваат буџетот во овие ставки зашто технологијата оди напред, екстремните групи од различни профили се служат со се посовремени средства за комуникации и извршување на своите дела, од пропаганда до оперативност, посочи Китановски.
Според него, Македонија како крстосница постојано е на удар, посебно што технолошки заостанува зад многу земји, дури и зад некои екстремни групации. - Треба да ја сфатиме суштината на овој проблем. Притоа, не треба да се гледа кој е престедател на државата, а кој премиер, туку интересот на Македонија во целина. Без современи средста нема борба против екстремизмот, односно против радикалните групи. Тоа не се големи пари за Буџетот, но за овие служби значат многу, потенцира Китановски, додавајќи дека безбедноста е многу важен елемент и за економскиот развој.
Влатко Ѓорчев од ВМРО - ДПМНЕ реплицираше, но акцентот на својата дискусија го стави врз буџетот на претседателот на државата. Оваа Влада, му порача Ѓорчев на Китановски, не ги гледа буџетските ставки низ партиска призма. - Во 2002 година кога ВМРО - ДПМНЕ беше на власт буџетот на претседателот на државата изнесуваше 65 милиони денари. Следната година кога Бранко Црвенковски како премиер го правеше Буџетот, на Борис Трајковски му додели 55 милиони денари, а во 2004 таа сума ја сведе на 52 милиони денари. Кога Црвенковски стана претседател, буџетот изнесуваше 68 милиони денари. Исто толку му додели и оваа Влада, рече Ѓорчев.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз се согласи со ставот на Китановски дека буџетот за Агенцијата е многу мал и не одговара на потребите, но, според него, претседателот на државата именува директор на Агенцијата и затоа има обврска да го отвори ова прашање. Не треба, додаде Трајанов, одговорноста за ова прашање да се префрла врз Владата.
Агим Рамадани од ДПА излагањето на Китановски го сфатил, како што рече, како час по одбрана. - На Китановски треба да му е јасно дека Владата и парламентарното мнозинство се под директен мониторинг на НАТО и САД, а тоа значи дека секој сегмент од нашата одбрана кореспондира со нивната, нагласи Рамадани.
Пратеничката група на СДСМ ќе гласа против Предлог - буџетот за 2007 година, рече нејзиниот координатор Јани Макрадули, образложувајќи ги причините за ваквиот став.
- Нема да го поддршжиме Предлогот поради неизвесните проекции, лошата насока на структурата на трошоци, немањето клучни аргументи, пред се, за енергетскиот сектор и инфраструктурата и поради, според нас, преоптимистичките и нереално пресметани приходи на одделни даноци. Структурата на трошоци е во лоша насока, нема одговор на клучните проблеми во македонската економија, расходите базираат на нерелано пресметани приходи од одделни даноци и има прокеција на економски раст од шест до седум отсто што цениме дека е на стаклени нозе. Може да дојде до финансиска експлозија во мај или јуни идната година поради големите проекти што ги наметнува Владата, а се плашиме дека не може да ги исполни, објасни Макрадули.
Тој оцени дека во експозето, како што рече, најкратко досега, нема одоговр за клучните проблеми на македонската економија - изградбата на инфрастурктура, гасификацијата, железницата и енергетскиот сектор.
Макрадули потенцира и дека ова е прв буџет по кој се расправа без мислење на собраниската Комисија за финансирање и буџет што е голем хендикеп.
- Структурата на трошоци велиме дека е во лоша насока зашто повеќе пари се трошат за плати и субвенции, а помалку за инвестиции. Исто така, се прави преседан, бидејќи група луѓе што наводно сакаат да и помогнат на Македонија се повеќе платени од оние што работат во Владата, рече Макрадули.
СДСМ бара, рече Макрадули, Владата јавно да каже уште колку министри без ресор од странство треба да се очекуваат, а кои ќе треба да ги плаќаат македонските граѓани.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ посочи и дека, со оглед на предвидениот буџет, заложбите за развој на информатичкото општество во Македонија се само деклратаивни.
Во врска со уставните измени кои предвидуваат задолжително средно и приватно основно образование, пак, СДСМ прашува како, кога и колку ќе чини тој проект. - Кога ќе стартува проектот, колку ќе чини, дали ако уставните измени поминат има предвидено средства за 2007 година или се планира тоа да се реализира во 2008 или 2009 година, праша Макрадули. Тој изрази загриженост и поради тоа што во делот на Секторот за европски прашање недостига програмата за стипендирање постдипломски студии.