ИНФО                                           
     
  СЕПАК ИМАШЕ СРЕДБА

Неизвесно беше дали лидерите на четирите најголеми партии од власта и од опозицијата ќе успеат да воспостават дијалог. Но, сепак на средбата во Клубот на пратениците си ги кажаа своите ставови. Во ВМРО-ДПМНЕ и во ДПА велат дека е јасна нивната агенда, односно дека може да разговараат за ЕУ, НАТО и за реформите и дека е неприфатливо ДУИ да наметнува своја агенда. И во двете партии коментираат дека агендата на ДУИ е таа да влезе во власта. Во ДУИ потврдија дека се отворени за дијалог, но додаваат дека ќе инсистираат да се разговара за нивните барања. Тие инсистираат на писмен договор за законите за употреба на јазикот, за припадниците на ОНА, како и за закон во кој децидно ќе се посочат закони. Во СДСМ одбија да прецизираат кои се нивните приоритети.

СИЛНА ПОЛИТИЧКА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА

Американскиот претседател Џорџ Буш од самитот на НАТО во Рига испрати силна политичка поддршка за Македонија и за другите две земји од Јадранската група.
"Се надевам дека Алијансата во 2008 година ќе може да им понуди членство на Хрватска, Македонија и на Албанија", истакна Буш.
Македонија ќе треба да ги заврши сите обврски и да покаже резултат ако сака во 2008 година да се најде меѓу земјите што ќе добијат покана за членство во НАТО. Според неофицијалните информации од Рига, се најавува дека трите земји од Јадранската група - Македонија, Хрватска и Албанија - ќе бидат споменати по азбучен ред, а за секоја земја одделно ќе биде споменато што направила досега и што треба да направи за да биде подготвена за членство.

ПРОДОЛЖУВА БОРБАТА НА ОМО "ИЛИНДЕН" ПИРИН

Претставниците на ОМО "Илинден" ПИРИН, организацијата на Македонците од Бугарија, ќе заминат во Брисел за да дадат дополнителни аргументи за правото да се регистрираат како политичка партија. Тие ќе имаат средби со пратениците во Европскиот парламент во пресрет на планираната седница, на која ќе се гласа за предложениот амандман со кој се бара од Бугарија да им го овозможи тоа право.
Амандманот со кој од Бугарија се бара да ја регистрира партијата на Македонците го поднесе пратеничката група на Зелените во Европарламентот. Тие се повикаа на одлуката на Судот за човекови права од Стразбур, кој ја осудил Бугарија за кршење на правата на граѓаните на политичко организирање. Шансите за усвојување на амандманот се минимални затоа што другите поголеми пратенички групи нема да гласаат за него. Дел од одговорноста за оваа ситуација носат македонските пратеници, кои со ниту една постапка не им дадоа поддршка на своите европски колеги. Додека бугарските пратеници деноноќно пишуваа писма, телефонираа и се состануваа со своите европски колеги за да ги убедат дека до регистрација на македонската партија во Бугарија не смее да дојде, македонските народни избраници никаде не се појавија.

МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ?

Позицијата на Македонија во ЕУ, наместо да се подобрува, оди по надолна линија. Впечаток е дека Европската комисија губи ентузијазам во однос на нас, дека е изморена од повторување на истиот рефрен. Комесарот за проширување, Оли Рен, без многу ентузијазам пред неколку дена кратко изјави дека земјата потрошила многу енергија на изборите и време е да се врати на работа. Земјата е главниот виновник што оваа перспектива за Македонија се оддалечува и би било навистина невкусно да се обвинуваат ЕУ и нејзината криза за нашиот сопствен неуспех.

ПРВА ПРИПЕЈД ПРОГРАМА ЗА ДОВЕРБА ОД Т-МОБИЛЕ

Т-Мобиле Македонија од 24 ноември 2006 година прв пат во Македонија воведува програма за доверба за своите припејд корисници - Припејд + Клуб. Програмата предвидува бонус како кредит за разговори секој месец за сите регистрирани членови на Припејд + Клуб или, пак, акумулирање на бонусот, со што корисникот добива попуст при купување нов телефон.
Корисниците можат да се регистрираат како членови на Припејд + Клубот на бесплатниот број 070 142 614 или со испраќање СМС порака. Т-Мобиле Македонија, во рамките на програмата за доверба ги награди своите најстари пет припејд корисници со припејд пакет Sony Ericsson K 610 i.
Т- Мобиле веќе го регистрираше 930.000 претплатник.

ДОНАТОРСКА АКЦИЈА ЗА СПЕЦИЈАЛНАТА ОЛИМПИЈАДА

Специјалната Олимпијада Македонија веќе два месеца во Трговскиот центар "Рамстор" во Скопје, реализира поголема акција насловена "Донаторска акција", а местото каде што се изложени разни ракотворби изработени од лицата со посебни потреби се нарекува Хуманитарно - донаторско катче. Во рамките на оваа акција, Специјалната Олимпијада Македонија во соработка со ТЦ "Рамстор" и Галерија "Презент" почна нов проект - АРТ СТРЕЕТ. Изложени се уметнички дела од познати уметници како: Качев, Филип Кондовски, Кашавелски, Апостолски, Черепналкоски, Саздовски, Ордев, Тренчевски и др., како и бестселери/книги од многу познати автори и издавачки куќи.

МАКЕДОНСКА КУЌА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Пет невладини организации-членки неодамна го претставија проектот "Куќата за човекови права на Македонија". Куќата која е дел од меѓународната мрежа "Хуман Ригхтс Хоусе Нетњорк" претставува сојуз на невладини организации, кои се здружуваат за заеднички настап во промоција и заштита на човековите права. Основачи на "Куќата" се Прва детска амбасада во светот - Меѓаши, Хелсиншки комитет за човекови права во Република Македонија, Македонски центар за женски права - Шелтер центар, Асоцијација за демократски иницијативи, г. Шпенд Имери - претседател и Полио Плус - Движење против хендикеп.

ДОБИТНИК НА НАГРАДА НА РИО ТИНТО

Тринаесетгодишниот Бобан Ѓоргоски со македонско потекло, во "Дарамалан" колеџот во Канбера, Австралија, е еден од победниците на престижниот натпревар на ниво на Австралија во природни науки под покровителство на Рио Тинто (Rio Tinto Big Science Competition).
Тој постигна перфектен резултат (100 отсто) во категоријата јуниори (7 и 8 одделение). Овој натпревар ги предизвикува учениците на критично размислувње и решавање на проблеми во различен научен контекст.
На 24 ноември 2006 година во "Power House", Музејот на техника и дизајн во Сиднеј, на пригодна свеченост наградата му ја врачиле Dr. Paul Willis, водителот на познатата ТВ-научна емисија Catalyst na ABC (Australian Broadcasting Corporation) каналот и д-р Colin Nexhip - главен советник во Рио Тинто - група за техничко совршенство (Principal Advisor - Rio Tinto Technical Excellence Group).

ПРЕМИЕРНО "ДЕМОНОТ ОД ДЕБАР МААЛО"

По текст на Горан Стефановски, а во режија на Слободан Унковски, во Драмскиот театар премиерно беше изведена претставата "Демонот од Дебар маало". Со оваа претстава Драмски театар го почна одбележувањето на 60-годишнината од постоењето.
Во трагикомедијата, која ги постави прашањата за уништувањето на традицијата, желбата да не се избрише минатото и редица други актуелни општествени проблеми, играат Јовица Михајловски, Драган Спасов, Дејан Лилиќ, Сашо Тасевски, Диме Илиев, Јелена Жугиќ, Марин Бабиќ, Јелена Јованова. Костимите ги направи Јелена Проковиќ, а сценографијата е на Мета Хочевар, словенечки уметници, со кои Унковски често соработува.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРИВЕДЕНИ 21 ЛИЦЕ ЗА СЛУЧАИТЕ БАЧИЛО И ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА И ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

Поранешниот директор на Фондот за здравство и актуелен директор на Т-Мобиле Македонија, Рубинчо Зарески, синоќа е притворен и предаден на судските органи поради сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“, потврди денеска МВР.
Покрај Заревски приведен е и Ефрем Насков, поранешен претседател на Комисијата за јавни набавки поради за помагање во вршење на кривичното дело.
Заревски и Насков се осомничени дека во 2003 склучиле договор за набавка на медицински материјали со неповолен понудувач „Делфино Медика“ и при што ги оштетиле Фондот за здравство за 1,6 милиони денари.
МВР информира дека рано изутрината се приведени уште 19 лица осомничени за кривични дела: перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување и за измама во врска со случаите Бачило и денационализација. Приведени се две категории лица. Во првата се поранешни судии, директори, нотари, адвокати и поранешни членови на второстепени владини комисиии, а во втората група пензионери, работници и невработени лица.
Меѓу привдените е и овчарот Иснифарис Џемаили. Меѓу осомничените е и поранешниот заменик министер за економија Саша Андоновски, за кого полицијата има сознанија дека е во странство и трага по него.