ИНФО                                           
     
  НЕМА ХРВАТСКИ ГАРАНЦИИ ЗА БОШКОСКИ

Хрватскиот премиер Иво Санадер по средбата со македонскиот премиер, Никола Груевски, во Загреб, истакна дека Хрватска одбива да му даде гаранции на Хашкиот трибунал за евентуално ослободување на поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски до почетокот на судењето. Како главно образложение, Санадер рекол дека Бошкоски, пред с#, е македонски државјанин.
"Тој е и хрватски државјанин но, пред с#, е Македонец. Гаранциите би требало да ги даде Македонија, а не Хрватска", изјави хрватскиот премиер.

НАБРЗО ПРЕГОВОРИ ЗА ВИЗНИОТ РЕЖИМ

Европскиот комесар за проширување на ЕУ, Оли Рен, по средбата со шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, во Брисел потенцираше дека преговорите за олеснување на визниот режим за Македонците официјално ќе почнат на 30 овој месец. По средбата Рен изјавил дека преговорите со официјалните претставници на Македонија, но и на другите држави од Западен Балкан аспиранти за влез во ЕУ ќе ги води неговиот колега, комесарот за внатрешни работи и безбедност, Франко Фратини.
Одлуката за олеснување на издавањето визи со државите од Западен Балкан ја донесоа министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија.

МОЖЕБИ И МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ЌЕ ГЛАСААТ!

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да обезбеди широк консензус за идејата да & се овозможи на дијаспората да гласа на избори. Оттаму велат дека ќе го туркаат тоа решение и ако нема согласност од опозицијата, бидејќи тоа им го налага Уставот, а и изборната програма, со која ја добиле довербата на граѓаните. Цел им е со промени во изборното законодавство да се отстранат сите пречки за да се гласа на сите континенти во кои има македонски државјани, да се применат пред претседателските избори во 2009 година.
Опозицијата гледа со резервираност на предлогот. Во СДСМ бараат јавна расправа и широк консензус, а ДУИ е изрично против. Дури и во ДПА, коалицисониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во власта, с# уште нема изградено став за гласањето на дијаспората.

ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ДЕЦА АЛАРМАНТНО ЗГОЛЕМЕНА

Во Македонија 18.000 деца не одат на училиште, а 1.000 од нив на возраст од 7 до 18 години живеат на улица, оставени на милост на случајните минувачи. Од Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" велат дека нивните истражувања покажуваат дека голем број од овие деца се жртви на сексуална злоупотреба, педофилија, трговија со деца и злоупотреба на детскиот труд. Според јавувањата на нивниот СОС-телефон, бројот на злоупотребувани деца по сите основи алармантно е зголемен.

МТ ВО АКЦИЈА

АД Македонски телекомуникации почна акција за чистење на локација на Водно, односно на теренот околу Поштенскиот хотел, на површина околу 300 метри квадратни.
Акцијата која трае 10 дена, а почна минатата сабота, ќе се состои од неколку фази, а ќе ја реализира специјализирана фирма за чистење смет. Фирмата ќе работи на депонијата (на која постои смет веќе 15 години), со тешка и лесна механизација, како и ангажирање на жива работна сила.

ВЛАДИНИ ПАРИ ЗА КУЛТУРНИ ОБЈЕКТИ И ПРОЕКТИ

За идната година, за културни објекти и проекти, државата на располагање ќе обезбеди 8 милиони евра, односно двојно повеќе пари од годинава, стои во предлог-буџетот за 2007 година, кој деновиве помина кај Владата, а наскоро ќе се најде во Собранието. Планирана е изградба на неколку капитални објекти: Македонскиот народен театар, зградата за Македонската филхармонија, обнова на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, Музеј на ВМРО, Музеј на жртвите од комунизмот, Градска куќа на Скопје, Музеј на вода во Охрид, изградба на куќата на Мајка Тереза. Ова се само големите објекти кои ќе почнат да се градат в година, но ќе се инвестира и во постојните. Подеднакво ќе се инвестира и во творештвото, односно во реализацијата на културните проекти на уметниците, велат во Министерството за култура.

МАКЕДОНСКИ ФОТОГРАФИИ ВО БРИСЕЛ

Изложба на македонски фотографии од почетокот на XX век беше отворена во Европскиот парламент во Брисел. Изложбата, која е под покровителство на претседателот на Европскиот парламент, Жозеп Борел, ја отворија европарламентарката Дорис Пак и Антонио Милошоски, македонскиот министер за надворешни работи.

 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БРИТАНСКИТЕ ЛОРДОВИ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА ОПАСНОСТА ОД ИЗОЛИРАЊЕ НА БАЛКАНОТ ОД ЕУ

Британските лордови предупредуваат на опасноста од изолирање на земјите од Балканот, поради одлуката на Европската унија да нема натамошно проширување се додека не се усогласат институционалните промени во ЕУ, јави дописникот на МИА од Лондон.
Во извештај за ефектите од досегашниот тек на тој процес, Комитетот за ЕУ при Домот на лордовите во британскиот Парламент се залага за продолжување на проширувањето, предупредувајќи дека Унијата би можела да се соочи со „крутиот избор“ меѓу интегрирање на државите од Западен Балкан во ЕУ, или со нивно претворање во земји-протекторати.
„Хрватска, Македонија, Србија, Босна и Албанија се кревки држави, па губењето на перспективата за зачленување во Унијата, може да ги врати назад на времето на меѓуетничко насилство“, се вели во извештајот на Комитетот на лордовите во кој се предупредува дека "една неискрена и вештачка пауза (во примањето нови членки) би била дестабилизирачка за земјите кандидати и аспиранти".
Тоа според британските лордови може да биде „замка од која потоа тешко ќе може да се исплива“, па затоа од Брисел се бара сите земји од регионот, што веќе се на патот или претендираат да бидат дел од ЕУ, да се третираат „според нивните заслуги“.
Извештајот на Комитетот за ЕУ при Домот на лордовите предупредува на се поголемиот отпор кон проширувањето во европската јавност, затоа што на Запад се гради слика дека земјите од Балканот или оние од поранешен Советски Сојуз, се сиромашни, политички нестабилни и зафатени од организираниот криминал, а дека луѓето од Источна Европа само им ја земаат работата. Британските лордови за тоа им приговараат на европските лидери и бараат од нив да го поттикнуваат процесот на проширување, забележувајќи им на „некои за сопственото непријателско расположение“ кон примањето нови членки и за „двосмислениот пристап“ кон целиот овој процес од кој, како што се вели, Европа има само полза.