ИНФО                                           
     
  ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА БРИСЕЛСКИОТ ИЗВЕШТАЈ

Минатата седмица, од Брисел на македонската Влада и пристигна известување на 8 ноември да се подготви за негативен извештај од Европската комисија, во кој нема да се спомнува датум за почеток на преговори за членство, затоа што сметаат дека за тоа не сме подготвени.
Европските дипломати, кои работат на овој извештај - прв откако Македонија доби кандидатски статус, го чуваат како најголема тајна се до 8 ноември, кога комесарот за проширување, Оли Рен, лично ќе ја обелодени неговата содржина.
Според некои од нив, сепак за познавачите на состојбите не е тешко да се предвиди што ќе содржи извештајот. На пример, минатата година најсериозната забелешка на Брисел беше нереформирањето на јавната администрација, причина која Брисел ја посочи како основна за да & каже на Македонија дека не е способна да преговара за членство. Втората сериозна минатогодишна забелешка беше нереформираното судство, и повеќе други забелешки.

ОХРАБРУВАЧКА ПОРАКА ОД САМИТОТ ВО РИГА

Во Македонија гледаме идна членка на НАТО, е пораката која ја добил министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, од претставниците на Алијансата во Брисел, при неодамнешната посета на седиштето на организацијата.
"Нашите очекувања се реалистични во однос на охрабрувачката порака од Самитот во Рига, иако текстот с# уште не е усвоен. Собирот на врвот на НАТО во 2008 година ќе биде 'наш' Самит, но дотогаш мораме да ги завршиме домашните задачи кои се однесуваат на реформите во економијата, владеењето на правото и на борбата против корупцијата", велат во МНР.
Оттаму објаснуваат дека е реално во 2008 година да добиеме покана за членство. Милошоски добил пофалба и за учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии, како пример на мала земја која според своите можности ги исполнува стандардите на НАТО.

ЗА ГРЦИЈА И ЗА БУГАРИЈА НЕМА МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО

Според портпаролката на Министерството за надворешни работи, Шпреса Јусуфи, негирањето на постоењето на малцинствата понекогаш знае да биде и сојузник на потврдата за нивното постоење. Тоа е коментарот на МНР во врска со тврдењата на грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани дека во Грција нема македонско малцинство и изјавата на бугарскиот амбасадор во земјава Михо Михов дека само ЕУ може да ја праша Бугарија дали Македонците имаат право да се кандидираат на избори со свои партии во Бугарија сега кога земјата е на прагот на Унијата. Во врска со барањата за бугарско државјанство на македонски граѓани, ставот на Михов е дека тоа е "едно правилно изразување на волјата на македонските граѓани кои се чувствуваат Бугари и сакаат да го добијат државјанството".

ПРОДОЛЖУВА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Софискиот градски суд одбил да ја регистрира партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден ПИРИН. Причината за ова, како што соопштил Судот, била тоа што имало повеќе неуредности во доставената документација за регистрација. Главно, недостатоците биле од административен карактер, но и тоа му било доволно на Судот да го одбие барањето за упис во регистарот на партиите.
Стојко Стојков, портпарол на ОМО Илинден ПИРИН, одлуката ја нарече "скандалозна".
"Ова е само нова потврда дека продолжуваат дискриминацијата и кршењето на правата на Македонците во Бугарија. Ние за ова ќе ги известиме надлежните во седиштето на ЕУ во Брисел. Сега и тие на дело ќе можат да видат како се почитуваат правата на граѓаните во земјата која наскоро треба да стане членка на европското семејство", рече Стојков.

НЕРЕАЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА ДИВОГРАДБИТЕ

На Министерството за транспорт и врски и на Владата скопските општини им доставиле нереални податоци за бројот на дивоградбите на нивните територии. Наместо за стотици диви згради, куќи, потпокриви, тераси, надградби и доградби, Владата за цело Скопје ќе добие извештај дека во градот едвај има неколку десетици диви скалила. Некои општини воопшто и не почувствувале потреба да соработуваат со Владата во борбата против урбаната мафија. Со ваквиот однос останува отворено прашањето дали градоначалниците им купуваат време на инвеститорите до донесувањето на законот за легализација на дивоградбите.

"ТРАНЗИЦИИТЕ ВО ИСТОРИЈАТА И КУЛТУРАТА"

Во институтите за македонски јазик и литература и за национална историја се одржа меѓународната конференција "Транзициите во историјата и културата", на која учествуваат повеќе од 100 научници од кои триесеттина се странски гости од повеќе европски земји, потоа од регионов, како и од САД. Македонските институти прв пат организираат ваква конференција со странска институција, а тоа е Етнографскиот институт и музеј БАН, од Софија. Тезите на учесниците се однесуваат на нивните подрачја, а со акцент на Балканот. На научно ниво се дебатираше за историјата, културата, книжевноста, јазикот, родовите студии, етнологијата, етнографијата, демографијата, миграциите.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРОДОЛЖУВА РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПРИСЛУШКУВАЊЕ

Собранието на Македонија денеска треба да ја продолжи седницата за Законот за следење на комуникациите за чие донесување се потребни да гласаат две третини од сите пратеници.
Со овој закон се предвидува да се легализира прислушкувањето и тоа само по барање на Министерството за Внатрешни Работи (МВР), што значи дека другите институции, кои имаат уреди за прислушување ќе мора да бараат дозвола од МВР за да се занимаваат со следење на комуникациите.
Расправата во Собранието започна вчера, кога Законот за прислушување беше образложен од страна на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Според најавите опозиционата СДСМ ќе го поддржи законот, а со него единствено не се согласуваше НСДП на Тито Петковски, коалициона партија во власта, но според последните најави и тие ќе го поддржат овој закон.