ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА НАЈСИЛНИОТ КАНДИДАТ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО?

САД сака да ја направи Македонија најсилен кандидат за влез во НАТО на следниот Самит за проширување на Алијансата.
Заменикот на помошник-секретарот во Бирото за европски и евроазиски прашања на САД, Розмери ди Карло, по средбата со министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, истакна дека условите кои Македонија треба да ги исполни не се бесконечни. Тука е важноста на правосудните реформи, борбата против корупцијата, против трговијата со луѓе, обезбедување на верските слободи и права за сите граѓани.
"Сакаме Македонија да ја направиме најсилниот можен кандидат за членство во НАТО на следниот Самит на проширување на Алијансата", изјави Розмери ди Карло.

ОБЕДИНУВАЊЕТО НА ЕУ Е МИЛЕНИУМСКИ ПОТФАТ

Шефот на хрватската држава, Стипе Месиќ, при посетата на Македонија, повика на меѓусебна соработка, натамошно развивање на демократијата, почитување на Бадинтеровиот принцип за неменување на границите, решавање на недоразбирањата исклучително преку дијалог и користење на позитивните искуства од минатото.
"Односите во регионот мора да ги градиме врз нови темели, но користејќи го и она што било добро од минатото", истакна Месиќ.
Хрватскиот претседател порача дека обединувањето на ЕУ е милениумски потфат и оти денешна Европа, и покрај сите слабости и недостатоци, е проект во кој мора да се вклучат и земјите од југоистокот на континетот, доколку не сакаме нашите граѓани да ги осудиме на изолација.
Според него, државите од регионот можат да дадат драгоцен придонес во изградбата на обединета Европа, со уредување на своите меѓусебни односи врз европски основи.

113-ГОДИНИ ОД ВМРО

Во Македонскиот народен тетар ВМРО-ДПМНЕ ја одбележи 113-годишнината од основањето на Внатрешно Македонската Револуционерна Организација (ВМРО). На свеченоста пригодно обраќање имаше премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој рече дека денешниот ден е со историско значење за почетокот на организираното македонско револуционерно движење.
"Ова е ден кога воскресна идејата за ослободување на македонскиот народ. На овој ден во Солун, големите визионери Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров ги поставија темелите на Организацијата, која ќе одигра клучна улога во борбата за националното признавање на македонскиот народ и неговото државно правно конституирање", потенцира Груевски.
На одбележувањето на 113-годишнината од создавањето на ВМРО беше отворена и изложба на тема "Борба за самостојна Македонија", а за улогата и за целите на ВМРО зборуваше директорот на Архивот на Република Македонија, Зоран Тодоровски.

СТРАТЕГИЈА ЗА ХАРМОНИЗАЦИЈА СО ЕВРОПСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО

Владата ја разгледа Националната стратегија за хармонизација со европското законодавство, при што ја утврди динамиката на процесот на интеграција во Европската унија. Вицепремиерката и одговорна за Секторот за европски интеграции, Габриела Коневска-Трајковска, изјави дека 2010 година е крајниот рок до кога треба да заврши хармонизацијата на нашето законодавство со европското. Таа додаде дека до 2010 година треба да се хармонизираат уште 313 законски акти и 1.200 подзаконски акти, поделени во 35 поглавја, за кои веќе е изработена динамика и е утврден приоритетот.

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА МИНИСТРИ ЗА КУЛТУРА

Во рамките на соработката со УНЕСКО, Република Македонија е домаќин на Третата регионална конференција на министри за култура, како продолжение на претходно одржаните две конференции во Мостар (2004) и Венеција (2005) на тема "Културното наследство: мост кон заедничка иднина".
Конференцијата ќе се одржи на 3 и 4 ноември 2006 година во Охрид, а подготвеноста на нашата земја да биде домаќин беше официјално најавена од страна на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. На конференцијата ќе учествуваат министрите од Југоисточна Европа (Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Романија, Молдова и Македонија).

ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НЕМА ПРАВЕН ВАКУУМ

Според министерот за правда, Михајло Маневски, во повеќе од 90 отсто од 65.000 тужби се бара отштета од државата, а од нивната исплата Македонија е оштетена за милиони евра. Таа сума може и да се зголеми. Министерот смета дека материјална и кривична одговорност треба да понесат сите инволвирани во таквите случаи, пред сe, во Јавното правобранителство, за кое оцени дека не ги презело потребните мерки за заштита на државниот имот. Маневски изјави дека треба да се преиспита работата и на одредени судии кои ги пречекориле овластувањата. Како што истакна министерот за правда, не постои правен вакуум во работата на Јавното обвинителство, бидејќи според законот, при отсуство или спреченост да ја извршува функцијата, јавниот обвинител го менува неговиот заменик.

ЌЕ ИМА ЛИ ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР?

Агенцијата за електронски комуникации соопшти дека вкупно 13 компании, девет меѓународни и четири домашни, искажале интерес за добивање радиофреквенција. Три компании се заинтересирани само за т.н. ГСМ технологија, три за поновата 3Г технологија и седум компании искажале интерес за радиофреквенција наменета за двата типа технологија. Од Агенцијата одбиваат да ги соопштат имињата на заинтересираните фирми, бидејќи така барале компаниите. Нивното учество на тендерот ќе зависи од условите кои ќе им бидат понудени за работа во земјава.

ПРИРАЧНИК ЗА НЕПРЕЧЕН ПРИСТАП

"Полио плус", движење против хендикеп, и Архитектонскиот факултет го промовираа прирачникот за обезбедување непречен пристап до отворените простори и до објектите. Прирачникот, прв од ваков вид кај нас, претставува скромен придонес и корисна алатка која ќе им користи на стручните лица, но и на оние кои се помалку стручни, а сакаат да ја подобрат пристапноста во нивното непосредно опкружување.

 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЕФА: БУГАРИЈА ЈА ПОПРЕЧУВА РЕГИСТРАЦИЈАТА НА „ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН“

Бугарија продолжува со намерно попречување на регистрацијата на партијата „Омо Илинден Пирин“.
Ова се наведува во писмото од лидерите на „Европската Слободна Алијанса“(ЕФА), пратеничка група во Европскиот парламент - упатено неодамна до претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, до Комесарот за проширување Оли Рен, до Советот на министрите на Унијата, како и до највисоките власти во Бугарија.
„По една година откако Европскиот суд за човекови права од Стразбур донесе одлука со која на Бугарија и се наложува да ја прифати регистрацијата на партијата „Омо Илинден Пирин“, државата продолжува со уште поголем ентузијазам да ја опструира работата на организацијата, со цел таа никогаш да не добие легитимитет како учесник во рамки на бугарската демократија“, неведува во своето писмо г-ѓа Нели Мајс, претседател на ЕФА.
„Иако Судот во Стразбур нареди регистрација, државата ја присилува организацијата повторно да аплицира под построги правила“, се наведува во писмото.
„Судот во Софија наскоро треба да одговори на барањето поднесено од партијата „Омо Илинден Пирин“, но, прелиминарното сослушување извршено на 18 октомври, годинава беше целосна фарса“, пишува Мајс.
Таа оценува дека бугарското Обвинителство на прелиминарното сослушување подготвило документ од 90 страници во кој се наведуваат причините зошто не треба да се дозволи регистрација на ОМО Илинден Пирин, „но, дека Обвинителството не успеа да покаже цврсти факти кои ќе овозможат одбивање на регистрацијата“.