ИНФО                                           
     
  УКАЗ ЗА ОТПОВИКУВАЊЕ НА ЈОРДАНОВСКИ

Претседателот Црвенковски решил да донесе указ за отповикување на Љупчо Јордановски од амбасадорската функција во Вашинготн, но и порача на Владата дека ова е прв и последен пат да се случи ваков преседан.
Одлуката за која рече дека е избор на помалото зло, Црвенковски ја донел по консултациите со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој го информирал дека нема намера да го промени својот став за отповикување на амбасадорот Јордановски.
"Министерот реши да води политика со која ги стави во заложништво битните односи на нашата земја со САД", рече Црвенковски.
Според него, изговорот дека некој треба да биде разрешен само поради тоа што Владата изгубила доверба во него е неприфатлив и неодржлив, уште повеќе, како што посочи, кога се работи за носители на функции, чие поставување и разрешување според Уставот е во надлежност на институцијата Претседател на Република Македонија.

ЌЕ СЕ ИЗБИРА НОВО РАКОВОДСТВО НА "ТРАНСПАРЕНТНОСТ"

"Транспарентност Македонија" ќе мора да избере нов извршен директор и претседател на НВО. Ова е договорено по средбите на Слаѓана Тасева и Сашо Ордановски со првиот човек на "Транспаренси интернешнл", Миклош Маршал. Најдоцна за две седмици ќе биде свикано генерално собрание на "Транспарентност Македонија", на кое ќе треба да се усвои новиот Статут.
"Врз основа на Статутот, генералното собрание ќе го избере новиот борд, така што сегашниот борд ќе го предаде мандатот на генералното собрание. Како што реков, генералното собрание ќе избере нов претседател и во зависност од статутот, бордот ќе назначи нов извршен директор", изјави Маршал, кој беше во Македеонија за да го разреши конфликтот во "Транспарентност", кој почна со изборот на Сашо Ордановски за претседател на организацијата, а Слаѓана Тасева ја оспори легитимноста на неговиот избор.

АГАТАНГЕЛ НОВ МИТРОПОЛИТ НА ПОВАРДАРСКТА ЕПАРХИЈА

"Во Повардарската епархија е направен голем криминал, а криминалецот Вранишковски остана неказнет", изјави владиката Агатангел, кој е новиот митрополит на Повардарската епархија. На востоличувањетео кое се одржа во велешкиот храм "Св. Пантелејмон" Агатангел оцени: "Ќе имам полни раце работа повторно да ја доведам епархијата во ред. Ќе се трудам с# она што е имот на Повардарската епархија и што тој го однесе со себе, а судијата велешки го пушти, му прости сe, и не е казнет за тој криминал, ќе се трудам повторно низ процес да се врати", изјави г. Агатангел.

"СОСИЕТЕ ЖЕНЕРАЛ" Е НАЈСЕРИОЗЕН КУПЕЦ НА ОХРИДСКА БАНКА

"Сосиете женерал" е најсериозен купец на Охридска банка. Генералниот директор на банката, Најденко Поповски, изјави дека се преговара и со банки од Австрија, Словенија и Италија, но Французите од "Сосиете женерал" биле најконкретни.
"Процесот е во првата фаза на разговорите, но кога се испитуваат банките меѓу себе, со перформансите со кои банките располагаат, тие се интересни и за едната и за друга страна на финансискиот пазар во Македонија", изјави Најденко Поповски од Охридска банка.

ЛУКСУЗНА МОНОГРАФИЈА ЗА КУРБИНОВО

Обемната и луксузна монографија за црквата "Свети Ѓорѓи" во преспанското село Курбиново на академикот Цветан Грозданов е годинешно издание на Македонската академија на науките и уметностите. Монографијата е најзначајниот труд на академикот Грозданов, а на овој Саем на книгата ја доби првата награда за најдобро ликовно графичко уредување. Оваа црква од XII век, од која светот ги знае најпознатите македонски фрески "Ангелот од Курбиново" и "Оплакувањето на Исус" не била проучувана од средината на XX век и имала третман како уште еден од локалните споменици од средниот век, потенцира авторот Грозданов.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРОДОЛЖУВА ДЕБАТАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА

Македонското Собрание денеска треба да ја продолжи маратонската расправа по Предлог законот за полиција.
Собранието претходно одлучи да не води дебата за околу шеесет амандмани поднесени од ДУИ и ЛДП за Предлог законот за полиција.
Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утврди дека Собранието не треба да дебатира по овие амандмани бидејќи се поднесени надвор од деловнички утврдениот рок за тоа.
Поради ова пратениците од ЛДП ја напуштија седницата, а протестираше и пратеничката група на ДУИ.

АВИОН УДРИ ВО ОБЛАКОДЕР - ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ

Мал приватен авион удри во луксузен 50 катен облакодер во Њујорк, при што загинаа двајцата патници во леталото.
Несреќата се случи доцна синоќа, предизвика загриженост и сеќавање на 11. септември и уривањето на кулите близначки во Њујорк.
Претставниците на власта, веднаш по несреќата и официјално ја исклучија можноста од терористички напад.
Авионот со кој управувал сопственикот Кори Лајдл, познат безбол играч, удрил во 21 кат на лускузен станбен објект во Менхетен, при што предизвика пожар.
Освен сопственикот загина уште едно лице, чиј идентитет не е соопштен. Според непотврдени извештаи во авионот бил и пилот инструктор, бидејќи сопственикот немал дозвола за летање.
Засега нема официјално соопштение за причините на несреќата. Познато е само дека од авионот бил испратен сигнал за помош.