ИНФО                                           
     
  ОБИДИ ЗА КОНЕЧНО РЕШЕНИЕ ЗА КОСОВО

На средбата меѓу премиерот Никола Груевски и специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Косово, Јоаким Рикер, се зборувало за сите поважни проблеми кои се актуелни за Косово и за Македонија, како и за досегашната соработка со привремената Влада на Косово и со УМНИК.
При разговорот било констатирано дека обележувањето на границата меѓу Македонија и Косово, како техничко прашање, треба да заврши додека траат преговорите за статусот на Косово, а во никој случај по дефинирањето на статусот.
"Верувам дека следува чувствителен период, но сепак ќе се дојде до конечно решение за Косово, кое нема да предизвика тензии во регионот", изјавил Груевски.
Според него, потребен е засилен мониторинг на границата за да не им се овозможи на криминалните и на радикални структури да предизвикаат проблеми. Рикер ги потврди добрите односи кои ги градат Македонија и Косово и рече дека ОН ќе се обидат да најдат конечно решение за Косово до крајот на годинава.

МАКЕДОНСКИ БУКВАР ВО ГРЦИЈА

Европското биро за помалку употребуваните јазици (EBPUJ) Комитетот во Грција на EBPUJ и Европската слободна алијанса - Виножито пред неколку дена ја објавија книгата БУКВАР-АБЕЦЕДАР на македонски јазик. Книгата има два дела. Првиот дел е егзактна копија на АБЕЦЕДАРОТ од 1925 година, книга која беше наменета за македонското население во Северна Грција. Вториот дел на книгата е современ БУКВАР на македонски јазик, како тој се изучува денес во целиот свет. Во содржината на книгата влегуваат уште историјатот на Абецедарот од 1925 година, поздравниот текст на претседателката на EBPUJ, како и на претседателот на грчкиот комитет и "благодарноста" на членовите на "Виножито" до грчката Влада, бидејќи книгата е печатена со пари од грчкиот буџет. Книгата е печатена на три јазици, грчки, англиски и македонски. Тој веќе се дистрибуира во Грција и предвидено е да се промовира во ноември во Атина, Солун и во поголемите градови во Северна Грција каде што живее македонско население.

ЕВРОПСКИ ДЕНОВИ ВО МАКЕДОНИЈА

Европските денови на културното наследство повеќе од петнаесет години успешно го свртуваат вниманието кон културното богатство на различни земји во Европа, како дел од заедничкото европско наследство. Во Република Македонија оваа година темата кон која се фокусираа активностите е "Наследството - мост меѓу културите". На годинашниве "Европски денови" вниманието беше свртено кон движното материјално наследство, кое е згрижено во нашите музеи ширум Македонија, на недвижното археолошко и архитектонско наследство, но и на нематеријалното културно наследство кое го препознаваме во обичаите, традициите, занаетите, изворната народна музика и танците.

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВО АКЦИЈА

Во соработка со инспекторите за култура при Министерството за култура, инспекторите при Државен пазарен инспекторат и инспекторите на МВР на Р Македонија, СВР Одделение за организиран криминал, спроведени се координирани акции согласно надлежностите утврдени со одредбите на Законот за авторското право и сродните права. Како резултат на тие акции времено се одземени 2.378 пиратски предмети на авторското право и сродните права употребени, наменети или создадени со прекршокот (ДВД, ВХС, компјутерски игри, ...), за што против сторителите ќе бидат преземени мерки, согласно законот.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА ФАБРИКАТА НА „ЏОНСОН КОНТРОЛС“ ВО БУНАРЏИК

Во слободната економска зона Бунарџик денеска напладне беше поставен камен-темелникот за изградба на фабриката за автомобилска електроника, инвестиција на американската компанија „Џонсон контролс".
Камен-темелникот го поставија македонскиот премиер Никола Груевски и претседателот на Управниот одбор на „Џонсон контролс" Џон Барт.
Производствениот процес во фабриката, според најавите од раководството на "Џонсон контролс", треба да почне за една година кога ќе се отворат 150 нови работни места, бројка што ќе се зголемува во наредните години до 500. Вработените претходно ќе бидат обучени во погоните на Џонсон контролс во западна Европа. Во правата фаза, при изградбата на новата фабрика, американската компанија најавува дека ќе инвестира 20 милиони долари, а во втората уште 20 милиони долари.
- Инвестицијата на „Џонсон контролс“ е одлична шанса за домашната бизнис заедница да се вклучи како партнер во изградбата, а ние како држава сме максимално подготвени да ги исполниме потребните услови за реализација на оваа инвестиција, рече на свеченоста премиерот Груевски.
Според Груевски, изградбата на фабриката е шанса и за други компании да креираат работни места работејќи со „Џонсон контролс". - Како нова Влада имаме сопствена програма која ќе даде одлични поволности за инвеститорите, како што се најниски даноци, а ќе понудиме и подобра бизнис-клима за привлекување и на други странски инвестиции, најави Груевски, изразувајќи задоволство од тоа што Македонија е 41-та држава во која светски познатиот бренд „Џонсон контролс“ отвора своја фабрика.
Барт посочи дека иако на компанијата и требале две години да ја финализира одлуката за изградба на фабриката во Македонија сепак сакаат да останат тука засекогаш. Посочувајќи дека планира повторно да ја посети Македонија за една година на официјалниот старт на производствениот процес, Барт најави дека ќе се изгради објект од светска класа, компанијата ќе се придржува до светските стандарди и оти ќе претставува посебна вредност со оглед на тоа што ќе биде добар корпоративен дел во државава.
На свеченоста покрај Барт присуствуваа и други претставници на раководството на „Џонсон контролс", членови на македонската Влада, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, на локалната самоуправа и на верските заедници, како и лидерот на опозициската СДСМ и поранешен премиер Владо Бучковски во чие време се водеа преговорите за инвестирање на „Џонсон контролос" во Македонија.
Пред свеченоста, раководството на Џонсон контролс имаше средби со премиерот Никола Груевски, како и деловен појадок со министерот за странски инвестиции Веле Самак и бизнисмени од Сојузот на стопанската комора на Македонија.
Првите луѓе на "Џонсон контролс" изразија надеж дека во македонските бизнисмени ќе најдат добри партнери и соработници како поддршка на нивната инвестиција, но укажаа и дека успехот на нивниот проект ќе зависи и од способноста да ги надминат логистичките бариери.
„Џонсон контролс“ е водечки светски производител на седишта, акумулатори и други делови за внатрешно опремување на автомобилите. Нејзини партнери се автомобилските гиганти „Џенерал Моторс“, „Дајмлер-Крајслер“, „Фиат“, „Форд“, „Хонда“, “Мазда“, „Рено“, „Пежо“, „Фолксваген“, „Тојота“ и други. Компанијата има над 100 илјади вработени, 250 претставништва и годишен обрт од 20 милијарди долари.