ИНФО                                           
     
  ПРЕМИЕРСКО БАРАЊЕ ЗА ГОРАНИТЕ

Поголеми права за Гораните побара македонскиот премиер Никола Груевски на разговорите со својот косовски колега Агим Чеку, со кого разговараше во Скопје.
"Побарав да им се дадат повеќе можности на Гораните, како правото да учат на македонски јазик, изградба на патишта, како и на други инфраструктурни објекти", истакна Груевски.

ПАРИТЕ СИ ОСТАНАА КАЈ ОВЧАРОТ ЏЕМАИЛИ

Судијката Јасмина Блажевска одлучи да нема повторен судски процес за случајот "Бачило". Предлогот на Правобранителството за повторување на постапката е одбиен како неоснован бидејќи не биле исполнети законските услови.
На овчарот од Камењане, Иснифарис Џемаили, за убиени овци во 2001 година државата му исплати штета од повеќе од 700.000 евра. Правобранителството бараше повторување на постапката бидејќи, како што тврдеа, имало нов доказ дека ветеринарните потврди за штетета направена на овчарот не се вистинити.
Сега Џемаили бара 427 милиони евра отштета од Владата за нарушена чест и углед и предизвикани трауми и стрес. Според него, иницијативата на Владата за повторување на постапката и враќање на 700.000 евра кои веќе еднаш ги добил со судска одлука била длабока повреда на неговите права и предизборна манипулација.

ВО МАНУ ЌЕ СЕ КОНТРОЛИРА ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНАТА ХРАНА

Лабораториски истражувања за присуство на генетски модифицирана храна, која е во малопродажба, ќе се прават во Институтот за генетско инженерство при МАНУ, со кој раководи академик Ѓорѓи Ефремов. Оваа можност ја потврдија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Реакцијата од надлежното Министерство следува по шпекулациите во јавноста дека и во Македонија може да се најде дел од генетски модифицираниот ориз кој од Кина преку САД се нашол на пазарите во Европа.

ГОЛЕМА ЗАРАБОТУВАЧКА СО НЕДОЗВОЛЕНА ТРГОВИЈА

Повеќе од 170.000 жени и деца од земјите на Источна Европа завршуваат како жртви на трговијата со луѓе. Во светот таа бројка се движи околу четири милиони луѓе-жртви на проституција или на друг вид недозволена трговија со жени и деца. Годишно во овој бизнис доброорганизираните групи заработуваат и повеќе од 12 милијарди долари.
Овие податоци беа изнесени на Четвртата меѓународна конференција на жените во Охрид "Дијалог без граници", на која учествувале околу 80 претставнички на женските здруженија од Русија, Украина, Азербејџан, Бугарија и од Македонија.

СЕ ПОВЕЌЕ МАКЕДОНЦИ СО ХРВАТСКО ДРЖАВЈАНСТВО

Според хрватските портали, со хрватско државјанство се здобиле дури 14.000 Македонци, а секоја година околу 1.000 лица поднесуваат барања. За Македонците, Хрватска е првиот избор поради пријателскиот однос, но и поради релативно лесното учење на хрватскиот јазик. Исто така, голема предност е и тоа што на хрватските државјани не им треба виза за влез во земјите на ЕУ.

НОРВЕШКА ДОНАЦИЈА ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Со 28 милиони денари кои ги додели Кралството Норвешка, македонската Влада ќе ги обнови основните училишта во Македонија. Заменик-претседателката на Владата, Габриела Коневска-Трајковска, од Министерството за образование побарала список кои училишта имаат приоритет итно да се реновираат.

ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ "БРАЌА МАНАКИ"

Од 26 септември до 1 октомври ќе се одржи 27. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера "Браќа Манаки". Добитникот на фестивалската специјална награда "Златна камера 300" за особени достигнувања во светската кинематографија е познатиот британски актер Чарлс Денс. На програмата за годинашниот ИФФК "Браќа Манаки" ќе бидат прикажани 12 филмови, меѓу кои и македонскиот "Тајната книга".
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ НА СРЕДБА СО СТОПАНСТВЕНИЦИ

Формирање партнерски односи и поддршка на владините мерки за подобрување на бизнис климата се теми за кои стопанственици ќе разговараат претпладнево на деловен појадок со премиерот Никола Груевски и неговиот економски тим.
“Деловниот појадок е идеална можност да го отпочнеме дијалогот за партнерство и соработката со новата Влада“, изјави пред денешната средба претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Венко Глигоров.
Според него бизнисмените членовите на ССК ќе ја охрабрат и ќе и понудат помош на Владата за реализација на најавените мерки за подобрување на деловната клима, во делот на економијата.
Оваа комора пред денешната средба побара да се намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за информатичкиот сектор од 18 на 5 отсто, како што е тоа сторено за земјоделието
На деловниот појадок со бизнисмените што во хотелот „Континентал” го организира ССК, покрај Груевски ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски, како и министрите за финансии, економија и за транспорт и врски Трајко Славевски, Вера Рафајловска и Миле Јанакиески.
Најавено е учество и на претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати и на дипломатскиот кор акредитиран во Македонија.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ И ШЕФОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА МИЛОШОСКИ СЕ СРЕТНАА СО МЕТЈУ НИМИЦ


Со посредникот Метју Нимиц имавме заедничка средба со претседателот Бранко Црвенковски, што беше добра шанса уште еднаш да ги реафирмираме позициите и да ја нагласиме усогласеноста на ставовите во однос на името. Средбата со Нимиц беше повеќе протоколарна, со цел посредникот да се запознае со ставовите на новата Влада, изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски по средбата со посредникот во преговорите за името со Грција.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Њујорк, шефот на дипломатијата Милошоски додаде дека не е предвидено интензивирање на разговорите се до завршувањето на локалните избори во Грција.
- До завршувањето на изборите во Грција не би требало да се очекува некоја поголема динамика во однос на преговорите, а потоа ќе останеме во комуникација преку нашите заеднички преговарачи - на Македонија и Грција кои се во постојан контакт со Нимиц, и ќе определиме кога и како би дале поголем интензитет на тоа прашање, наведе Милошоски.