ИНФО                                           
     
  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА САД, ЏОРЏ БУШ, МУ ГО ЧЕСТИТА ИЗБОРОТ НА ГРУЕВСКИ

"Ви честитам на Вашиот избор и се надевам дека ќе продолжиме да соработуваме за да ја оствариме нашата заедничка визија за стабилна и просперитетна Македонија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница", се вели во честитката, со која американскиот претседател, Џорџ Буш, му го честита изборот на Никола Груевски за претседател на Владата на Македонија, при што & оддава признание на нашата држава за значителниот напредок со примената на охридскиот Рамковен договор и со другите реформи.
Во продолжение во честитката се вели: "Сигурен сум дека ќе продолжите да ги развивате економијата и мултиетничките демократски институции, со што ќе го зајакнете кандидатскиот статус на Македонија за влез во НАТО. Ја имате целосната поддршка од Владата на Соединетите Американски Држави", потенцира американскиот претседател Буш.

БЕНЕФИЦИИ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ

Новата македонска Влада со Меѓународниот монетарен фонд ќе разговара за можноста да се воведе дополнително бенефиции за да се привлечат странски инвеститори во Македонија. Ова го навести министерот за финансии, Трајко Славески во интервјуто дадено за Радио Слободна Европа, при што додаде: "Можеби во поразвиените земји тие не се стандардни и применливи, но во земји како нашата, со најниско ниво на директни странски инвестиции по глава на жител во Европа, ние мораме да направиме нешто повеќе за да ги привлечеме потенцијалните инвеститори".
Исто така, тој нагласи дека банкарскиот систем во Македонија е релативно слаб, а нивото на конкуренција е многу ниско.

ДОНАЦИЈА ОД САД

Амбасадата на САД во Република Македонија му донираше видеотелекомуникациска опрема на Јавното обвинителство во земјава.
На државниот јавен обвинител, Александар Прчевски, опремата му ја предаде вршителот на должноста амбасадор на САД, Пол Волерс. Оваа донација, како што информира Амбасадата, е дополнување на претходната која беше подарена лани, со што се комплетира донацијата на Владата на САД, а е составена од сет модерна видеотелеконференциска опрема за Јавното обвинителство, за МВР и за Царинската управа.

СРЕДБА НА КОНТАКТ ГРУПАТА ВО СОФИЈА

Република Македонија доби покана да учествува на состанокот на Контакт групата за Косово, кој ќе се одржи во Софија. На средбата, закажана на 11 и 12 септември, покрај Албер Роан, заменик на пратеникот на генералниот секретар на ООН за Косово, поканети се заменици-министри за надворешни работи и регионални директори на министерствата од Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Романија, Турција, Грција, а повикани се и претставници на УНМИК и на привремените институции на Косово.

ВОНСУДСКА СПОГОДБА

Американскиот производител на авионот "Бич конгер 200", во кој настрадаа претседателот Борис Трајковски и негови осум сопатници, најверојатно ќе се обиде со мирно решение да го заврши судскиот процес, кој го поведоа семејствата на настраданите. Американската адвокатска фирма "Лајф Кабрасер Хајман и Бернштај ЛЛП", ангажирана во случајот со несреќата на претседателскиот авион, има поднесено тужба пред надлежниот американски суд против фирмата "Рејтион", со седиште во Вичита во сојузната американска држава Канзас. Извори од семејствата на настраданите велат дека иако производителот на авионот не сакал да ја прифати вината за паѓањето на авионот, сепак с# поблиску се информациите дека тој се согласува на вонсудска спогодба, со која тужителите ќе мора да исплатат одредена сума како отштета за да бидат повлечени тужбите.

МЕСЕЦ НА ШТЕДЕЊЕТО ВО ПРОКРЕДИТ БАНКА

Како подарок за тригодишниот јубилеј, ПроКредит Банка ја наградува довербата на граѓаните со + 1отсто БОНУС на сите новоотворени штедни влогови во странска валута.
Под новоотворени штедни влогови се подразбираат сите видови штедни производи во Банката: штедна книшка, орочен штеден влог со исплата на камата однапред и по рокот на орочувањето, орочен штеден влог со можност за скалесто зголемување на каматата на три месеци и со можност за флексибилно повлекување на дел од сумата до определениот лимит, без разорочување, при што каматата продолжува да се пресметува на остатокот до крајот на периодот.
Кампањата која е наменета да потсети и да повика на старата добра навика да се штеди, трае до 30 септември годинава.
Маја Стојановска, раководител на секторот за банкарство на мало, вели дека бројот на штедачите во Банката постојано се зголемува, и дека тоа е воедно добра вест за банкарскиот сектор кој довербата на штедачите кон банките се враќа.

УЧИЛИШТАТА СЕ РАСПАЃААТ

Лидерот на Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата - СОНК, Дојчин Цветановски смета дека состојбата во основните и во средните училишта е застрашувачка и децата се оптоварени со проблеми за кои воопшто не треба да размислуваат. Тој вели дека училишните објекти се руинирани и се пред распаѓање, со што се отвора можност врз учениците да паднат таваните. Истовремено, тие се принудени да одат по скапани подови и да размислуваат дали ќе има или ќе нема струја или греење.

ДВА ПРИОРИТЕТНИ ПРОЕКТА

"Хотели со четири ѕвезди, терен за голф, хидроцентрали, капацитети за биоетанолот и биодизелот и друго. Ова се инвестициони проекти кои Владата ќе ги разгледува во следните две до три години", изјави министерот за странски инвестиции, Глигор Ташковиќ, во интервјуто за австралиското радио Си-би-си.
Тој вели дека наредниве 12 месеци ќе работи на два проекта, кои ќе имаат позитивни ефекти за македонската економија. Ташковиќ најави дека сака да им помогне на странските инвеститори да ги реализираат своите проекти во Македонија.
"Тоа, пред с#, значи надминување на бирократијата. Ќе патувам во странство за да ги запознам сите можни странски инвеститори дека Македонија е отворена за бизнис", вели Ташковиќ.

НА ВЕНЕЦИЈАНСКОТО БИЕНАЛЕ ПО ВТОР ПАТ

Со проектот "Град на можни светови" Македонија по втор пат ќе учествува на Венецијанското интернационално биенале на архитектурата, кое ќе се одржи од 9 септември до 19 ноември.
"Град на можни светови" е во контекст на општата тема на биеналето "Град: архитектура и општество". Во Венеција ќе отпатуваат и неговите творци: Михајло Зиноски, Саша Тасиќ, Димитар Папастеровски, Јован Ивановски и Владимир Петровски. Нивниот проект беше прифатен на распишаниот конкурс од Музеј на град Скопје.

ПОСЛЕДНА КЛАПА НА ФИЛМОТ "КОСКИ"

На локации близу Скопје заврши последната сцена од новиот филм на Милчо Манчевски, кој имаше работен наслов "Коски". Големата интернационална екипа е задоволна од снимањето, кое е завршено во предвидениот рок и буџет.
"Сакав проектот да служи како урнек, деловен и уметнички и со него да се школуваат генерации и актери и филмски работници, со еден збор професионалци. Важно е Македонија да се појави во проекти како рамноправен деловен партнер, кој наметнува критериуми, а не како некој што само каска и слуши како третокласен сервис", изјави Манчевски.

УСПЕШНА РАБОТА НА БРЕНДОТ КРАЛЕ МАРКО

Во 2005 година прв пат во македонскиот електронски простор се појави веб-сајтот www.kralemarko.org.mk, дневен информатор и преглед до втората половина на XIV век во Република Македонија и претставувањата на културата и туризмот преку брендот Крале Марко од членовите на Здружението на граѓани "КралеМаркоКулт" од Скопје. За една година постоење објави 4.500 единици на македонски јазик, соработува со општините и поединци, има банери на општинските портали, културни институции, фирми и поединци, подготвува "пасош" за секој добронамерник на авантурата Крале Марко.
Во првата година овој проект влегува со уште една амбициозна новина, повторно поврзана со користењето на информатичката технологија, почнува соработка, продажба и прослава на една година работење, компаративна информација Крале Марко - Крал Артур, Кокино - Стоун Хенџ во конкретна програма за 6 и за 7 септември 2006 година, кога и званично ќе ја одбележи годишницата.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРВА РАБОТНА СРЕДБА ЦРВЕНКОВСКИ - ГРУЕВСКИ

Претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски денеска во 11:30 во кабинетотот на шефот на државата ќе ја одржат првата работна средба.
Теми на состанокот, како што информира Кабинетот на претседателот Црвенковски, ќе бидат прашања од сите области во кои шефот на државата и Владата се меѓусебно упатени и имаат заеднички надлежности како што се надворешната политика, одбраната, безбедноста.
На средбата ќе присуствува и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.