ИНФО                                           
     
  "ПАДНА" ДАНОКОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ

Првата одлука која на својата седница ја донесе Владата е за намалување на Данокот за додадена вредност од 18 на 5 отсто за земјоделските репроматеријали.
"Тоа се ставките - семенски материјал за производство на земјоделски растенија, ѓубрива, средства за заштита на растенијата, фолии од пластична маса, полимери од етилен за употреба во земјоделството и земјоделска механизација", објасни премиерот Груевски.
Одлуката на Владата доаѓа по состанокот меѓу Груевски и новиот претставник на ММФ во земјава, Берт ван Селм. Неофицијално, монетарците дале амин за таквата операција, но за промените во економската политика кои ги планира новата Влада официјално ќе се зборува за време на посетата на шефот на мисијата од Вашингтон, Марк Грифиц, кој треба да допатува на почетокот на септември.
Оваа владина одлука треба да добие зелено светло од Собранието во текот на септември, а ќе стапи на сила на 1 октомври.

САД ЈА ПОДДРЖУВА НОВАТА ВЛАДА

Покрај честитките упатени кон новата Влада, САД & ветија и поддршка.
"Ќе ја поддржиме работата на Владата во унапредувањето на економскиот просперитет, зајакнувањето на правната држава, целосното имплементирање на охридскиот Рамковен договор и продолжувањето со другите реформи за натамошен прогрес на Република Македонија кон целосна интеграција во евроатлантските институции. Владата на САД со задоволство ќе продолжи да ги зацврстува веќе блиските врски со РМ", беше истакнато во соопштението.

БОШКОСКИ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР

Љубе Бошкоски останува во притвор на Хашкиот трибунал. Апелациониот дел на Судскиот совет ја одби жалбата на ексминистерот за внатрешни работи против решението да остане во притвор во Шевенинген. Во одлуката македонскиот министер да не се брани од слобода е наведено дека адвокатката Едина Решидовиќ задоцнила со поднесувањето жалба. Советот заклучил дека и жалбата да била навреме поднесена во неа немало нови докази за Трибуналот да го смени ставот и да го ослободи Бошкоски.
Образложението на Трибуналот е дека обвинетиот може да влијае врз сведоците, но и се плаши дека Бошкоски може да не се појави на судењето. Се напомнува дека тој е близок со новата власт во Македонија, која би можела да го заштитува.

ФОРМУЛА ЗА БИЛАТЕРАЛНА КОМУНИКАЦИЈА

Никола Димитров, специјален пратеник на Република Македонија за разликите околу името истакна дека предметот на разговорите со Грција околу името на нашата земја не имплицира резултат дека ние разговараме за меѓународна употреба на нашето име, туку само за билатерална употреба меѓу двете земји. Нема друга земја во меѓународната заедница која има проблеми со нашето уставно име, и затоа е логично дека за да се надмине разликата со земјата која ни приговара на нашето име и идентитет, би требало да се најде една формула за билатералната комуникација со таа земја.

СТАВ НА НОВОИМЕНУВАНИОТ ШЕФ НА УНМИК

Според новоименуваниот шеф на УНМИК, Јоахим Рикер, исклучена е можноста за поделба на Косово и тој потсети дека во врска со идниот статус на Косово, Контакт групата изнела дека не може да има враќање на статусот пред 1999 година, не може да се случи припојување кон други држави и не може да има поделба на Косово.
"Одлуката на крајот ќе ја донесе Советот за безбедност на Обединетите нации. Но, секој кој ќе ги погледне ставовите на меѓународната заедница, може да предвиди каква ќе биде содржината на статусното решение. Јас нема да шпекулирам за независноста", истакнал Рикер.
Во врска со состојбата на српското малцинство и дали таа е толку лоша како што тврди Белград, Рикер одговори дека за ова прашање Белград ја има одлучувачката одлука.
"Наш впечаток е дека Белград ги спречува косовските Срби политички и стопански да се интегрираат во Косово. Некои од проблемите настанале поради таа интеграциска блокада. Не порекнуваме дека постојат проблеми со слободата на движењето, но најважно е косовските Срби да учествуваат во институциите, во политичкиот и во стопанскиот живот на Косово", додаде новиот шеф на УНМИК.

ОЛЕСНЕТ ВИЗЕН РЕЖИМ КОН УНГАРИЈА

Македонските државјани од 1 септември ќе можат да минуваат низ Унгарија без визи ако веќе имаат извадено виза од типот Б, Ц и Д или дозвола за престој од некоја од шенген-земјите, од некоја членка на ЕУ или со дозвола за престој од Швајцарија и од Лихтенштајн. Пропатувањето не смее да трае повеќе од пет дена, а исклучок од овие правила се грчките, италијанските и словенечките визи, затоа што патот од Македонија кон Унгарија не минува низ овие земји.

МОБИМАК ВО Т-МОБИЛЕ

Британската група "Пет шоп бојс" со концерт на плоштадот "Македонија" ќе го означи ребрендирањето на мобилниот оператор Мобимак во Т-Мобиле Македонија.
"Мобимак како најдобар мобилен оператор го направи најдобриот избор со британската група за настанот на 7 септември", истакна Миле Бошњаковски, директор за корпоративна комуникација во Мобимак.
Мобимак, како што додаде главниот оперативен директор Мајкл Лоренс, работи со полна пареа на ребрендирањето, а концертот на "Пет шоп бојс", како што истакна Барт Вајермарс, главен маркетинг директор, е само почеток на интересни настани кои ќе следуваат до крајот на годината.
Исто така, во тек се работите околу поставувањето на новите промотивни ознаки на Т-Мобиле во дилерските продавници во Скопје и низ државата. Во Скопје се брендирани речиси сите дилерски продавници, а се предвидува до крајот на планираниот рок сите да бидат завршени. На територијата на Македонија, вкупно 23 салони на Мобимак целосно ќе се реновираат, со што ќе личат на светските Т-Мобиле салони.

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ "МАЈКА ТЕРЕЗА"

На роденденот на хуманистката и нобеловка Гонџа Бојаџиу-Мајка Тереза во Собранието им беше врачена државната награда "Мајка Тереза" на примариус д-р Коте Тасевски и на писателот Христо Крстевски. Тасевски ја доби наградата за особено значајни достигнувања во областа на хуманоста и човечката солидарност, а Крстевски за придонесот за разбирање меѓу народите и припадниците на различни култури и вери.

БОЖЈА НЕВЕСТА

Борис Трајанов и "Синтезис", два најголеми извозни музички бренда, промовираа спот за заедничката песна "Божја невеста". Спотот го режираа Дејан Пројковски и Горан Наумовски, а е сниман во Младинскиот културен центар во Скопје, во продукција на "Баги комуникации" и "Авард ентертејнмент".
"Главното прашање беше како да се направи спот на текст кој е многу апстрактен, па решивме да користиме знаци и симболи од нашето културно наследство, знаци кои се дел од колективната меморија. Затоа спотот е фрагментарен", вели режисерот Пројковски.
Автор на текстот на "Божја невеста" е Владо Јаневски, а песната прв пат е изведена минатата година во декември на концертот на "Синтезис" по повод 10 години од нивното постоење. "Божја невеста" ќе биде на албумот кој "Синтезис" го планираат за следното лето.

13. ИЗДАНИЕ НА "ОХРИД ФЕСТ-ОХРИДСКИ ТРУБАДУРИ"

Хрватската пејачка Јозефина со нумерата "На порталу судбине", победи на 13. издание на интернационалниот фестивал "Охрид фест-Охридски трубадури", кој се одржа на сцената во Долни Сарај и освои Гран-при во вредност од 3.000 евра. Зад неа ги остави македонските претставници Даскал и Сања, кои ја исполнија композицијата "Дежа ву", и Елена Петреска, која со песната "Галебе" триумфираше на поп-вечерта.
Влез во финалето на интернационалната вечер обезбедија 11 наградени од поп-вечерта, која се одржа во петокот и четири нумери кои ги одбра Уметничкиот совет.
Уметничкиот совет на фестивалот одлучи главните награди да им ги додели на гостите од странство, па така првата награда им припадна на дуетот Вања и Милич Вукашиновиќ, поранешниот тапанар на "Бјело дугме" од Србија, второто место го освои кипарскиот претставник Мариос Тофи, а со третата награда си замина Александра Бучевац од Србија. Наградата за најдобар дебитант отиде во рацете на Марија Јовановска, која имаше забележителен настап со песната "Љубовта ѕвони".

СВЕТСКИОТ МИР КАКО ИНСПИРАЦИЈА

Оуши Нанашима, професор по јапонска калиграфија изведе перформанс во чест на изложбата "Ветер на мирот 2", која беше отворена во Музејот на современа уметност. Двете дела кои ги изработи Нанашима, ги подари на Музејот, а подарок доби и градот Скопје. Македонската публика можеше одблиску да се запознае со творештвото на 12 современи ликовни уметници од Јапонија, кои се претставија со триесеттина дела, најмногу изработени во техниката масло на платно. Тие живеат во Хирошима и Нагасаки, а дел од нив ја преживеале атомската експлозија од Втората светска војна. Светскиот мир беше нивна инспирација.
Иницијатор на изложбата беше италијанскиот професор Винченцо Бјанки, кој присуствуваше на отворањето. Тој бил посредник на соработката меѓу Музејот на современа уметност и Институтот за убави уметности "Нагасаки" од Јапонија. "Ветер на мирот" претставува продолжување на соработката по ланската изложба, кога МСУ доби десет уметнички слики од јапонските уметници.
 
     
     
     
 

 
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОЧНУВААТ 45-ТЕ СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Со стиховите од песната Тга за југ на Константин Миладинов на шпански и на македонски јазик, со голем огномет и со традиционалното палење на фестивалскиот оган, вечер на платото пред Домот на поезијата во Струга ќе биде отворено 45-то издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.
Годинашниов златен венец на Струшките вечери ќе го понесе Нанси Морехон, поетеса од Куба. Морехон е втора жена што ќе го добие ова престижно поетско признание.
На четиридневниот фестивал на кој ќе учествуваат 35 поети од светот и исто толку домашни автори ќе се дискутира за мултимедијалниот белег на современото поетско творештво и односот на стиховите кон другите уметности.
Струшките вечери на поезијата и годинава ќе се одвиваат според вообичаениот програмски концепт.
Пред свеченото отворање лауреатот Морехон во 10 часот денеска во Паркот на поезијата ќе посади дрво.
Вечерва во 21 часот во Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање Меридијани, на кое дваесеттина странски поети ќе читаат дел од своето творештво на јазикот на кој пишуваат. Првата вечер ќе настапи и квартетот Драган Даутовски, кој ќе исполни дела од нашата музичка традиција.
Со Симпозиум на кој наши книжевници и автори ќе зборуваат за мултимедијалноста во современиот поетски јазик ќе биде отворен вториот фестивалски ден.
Поетската вечер на национална поезија годинава им е отстапена на поетите од Карибите, кои покрај реката Дрим ќе го претстават своето современо и традиционално творештво. На фестивалот ќе бидат одржани и вообичаените поетски читања Ноќи без интерпункција, а ќе бидат промовирани и збирките Плејади и антологии со поезија од наши автори. Официјалниот дел од програмата ќе биде затворен в недела со манифестацијата Мостови, кога на поетесата Нанси Морехон ќе и биде врачен Златниот венец. Истата вечер на младата поетеса Марија Марковна-Гејде од Руската Федерација ќе и биде врачена наградата Мостовите на Струга, што СВП и УНЕСКО ја доделуваат на млади автори за нивни дебитантски поетски збирки. Марковна-Гејде наградата ќе ја добие за книгата Време за бришење прашина.