ИНФО                                           
     
  СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ НА АЛЕКСАНДАР ВО ШТИП

Во Штип почна изградбата на спомен-обележјето на Александар Македонски, кое ќе биде лоцирано на плоштадот "Слобода". Споменикот ќе биде висок 6 метри и излеан во бронза. Според некои информации, инвеститор била фирмата "Оаза", која минатата година го изградила крстот на штипскиот Исар. Автор на споменикот е младиот македонски скулптор Никола Смилков, кој свои спомен-обележја има во Пловдив, Данилов Град, а негово дело е и споменикот на Ѓорче Петров во Скопје.

"КСАНТИКА" ЗА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

На Економскиот факултет во Скопје, Здружението за негување на древни традиции "Ксантика", на 21 јули во 18 часот со трибина насловена како "Денови на Александар" ќе ја одбележи годишнината од раѓањето на Александар Македонски. Тој е роден на 22 јули 356 година и по тој повод за него и за неговите дела ќе чествуваат Вангел Божиновски, Ангелина Маркус, Ванче Стојчев, Аристотел Тентов, Маргарита Китан Ивановска, Драгица Божинова и други. Провоцирана од неодамнешната изјава од страна на еден професор дека Аристотел бил Грк, госпоѓа Маркус ќе говори и за учителот на Александар. Во рамките на ова одбележување во сабота на 22 јули во 19 часот на локалитетот Скупи ќе се одржи и манифестацијата "Возобновување на античкиот театар СКУПИ - 2006", чиј покровител е Општина Карпош. Како и секоја година, "Ксантика" ќе понуди богата програма која ќе биде проследена и со музички дел. И оваа година излезе брошурата "Денови на Александар Македонски", но овој пат и на англиски јазик.

ЛЕКОВИТЕ ЗА ДЕЦАТА СЕ* УШТЕ НЕ СЕ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА

Родителите на болните деца од канцер повторно сами ги сносат трошоците за набавка на потребните цитостатици, затоа што Фондот за здравство не го исполни ветувањето од пред три месеци дека ќе ја пушти новата позитивна листа на која се ставени и тие лекови. Предлозите со кои со нови лекови ќе може да се третираат не само болните од канцер, туку и останатите групи пациенти, Министерството за здравство до Фондот ги доставило уште пред повеќе од 80 дена, но надлежните оттаму никако да дадат повратен одговор дали тие ќе бидат финансиски подносливи за државната каса.

ОБИДИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИ ОД ЛИБАН

Македонските власти се обидуваа да стапат во контакт со тројца македонски државјани, за кои се претпоставува дека престојуваат во Либан, откако претходно веќе разговарале со Гафур Јусуфовски од скопското село Чифлик, кој со семејството живее во таа земја. Министерството за надворешни работи има информации дека двајца студенти и еден градежник се во Либан и се обидува со нив да стапи во контакт, во период кога во Либан странците изведуваат евакуација на околу 200.000 лица.
Од друга страна, пак, жената и децата на Јусуфовски, кои во моментов не биле во ист град, успеале да се префрлат во собирен центар и чекаат да бидат евакуирани, најверојатно на Кипар.

МАКЕДОНСКИТЕ ХОТЕЛИ САМИ СИ "ЗАКАЧУВААТ" ЅВЕЗДИ

Странците и домашните граѓани можат да уплатат аранжман во македонски хотел со четири ѕвездички, а да не добијат соодветна услуга. Причина е хаосот во оваа дејност, во која некои хотелиери сами си ги "закачуваат" ѕвездичките над влезните врати. Повеќе од 100 хотели и мотели (две третини од постојните) во земјава работат на диво и никој не ги санкционира.
Пред еден месец заврши рокот за категоризација на овие објекти, врз основа на која тие добиваат од една до пет ѕвездички. Од вкупно 180 објекти, само 56 се категоризирале. Оние кои работат на црно нудат услуги за кои немаат валидна потврда дека можат да ги овозможат. Во Здружението на хотелиери при Стопанската комора (ХОТАМ) се револтирани што никој не ги затвора хотелите кои не се категоризирани. Велат дека е тешка битката со нелојалната конкуренција.

ЗАБРАНА ЗА УВОЗ НА КОРИСТЕНИ ФРИЖИДЕРИ

Министерот за животна средина и просторно планирање, во соработка со министрите за здравство, за економија, и за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесе наредба за забрана на увоз на употребувани фрижидери, замрзнувачи или други уреди за ладење или замрзнување и увоз на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка. Забраната за увоз на употребувани фрижидери, замрзнувачи или други уреди за ладење или замрзнување почнува од 1 јануари 2007 година, а за увоз на супстанците кои ја осиромашуваат озонската обвивка од 1 јануари 2009 година.

"РАМСТОР" И ОН-НЕТ НАГРАДЕНИ

"Рамстор Македонија" е најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, а Он.нет е добитник на националната награда за "Најиновативен домашен инвеститор на годината". Наградата на "Рамстор" е за неговата инвестиција од 22 милиона евра од почетокот со купувањето на градежната парцела во Скопје, изградба на објектот и подоцна за управувањето со него. Он.нет е награден за ви-фи иновацијата, безжичен Интернет за поврзување по принцип на мобилна телефонија. Наградите беа доделени на манифестацијата "Инвеститор на годината за 2006 година за Југоисточна Европа", која е наменета за меѓународни и за домашни компании, кои минатата година инвестирале во Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија.

СТРИП ЗА МАКЕДОНИЈА

Харви Пекар, нам познат по филмот "Американ сплендор", андерграунд стрип пишувач и основач на автобиографскиот стрип, здружен со стрип цртачот Ед Пискор, направија стрип новела "Македонија".
Пекар, за време на промоцијата на "Американ спледор", се сретнал со Хедер Робинсон, студентка на Беркли, која работела на тезите за мир и конфликти на Балканот. Нејзиниот престој во Македонија на Паркер му се видел интересен да & ги нарача стотиците страници забелешки и фотографии од овде, по што тој се зафатил за стрип новелата "Македонија". Фокус на нејзиниот интерес овде бил да разбере како Македонците го преживеале распаѓањето на Југославија без да се впуштат во цивилна војна, како и во комшиските проблеми.
Паскор, 23-годишен стрип цртач, кој веќе две години соработува со Пекар, вели дека немал многу проблеми да ја долови Македонија бидејќи имал слики по кои се раководел, а ги имал и имињата на зградите кои требал да ги црта.

ХОРОТ "МОИС ХАСОН" НА "БИТОЛСКО ЛЕТО"

Во Битола, во рамките на "Битолското културно лето", концерт ќе одржи камерниот хор "Моис Хасон" при Еврејската заедница во Македонија. Хорот постои една година и, главно, ја негува традицијата на Сефардиските Евреи на јазикот ладино. Покрај тоа, на репертоарот има и песни од Македонија и интернационални композиции.
Во продукција на МРТВ, минатата година хорот "Моис Хасон" издаде и ДВД со нивен настап и со 16 композиции снимени во живо во Студиото М1, како дел од програмата на хорот за обновување на еврејската традиција и култура на нашите простори.

НАСТАП НА ВИОЛИНИСТОТ КИРОВСКИ

Љубиша Кировски, македонскиот виолинист со одлична репутација, неодамна се врати од Шведска каде што како солист беше на турнеја со камерниот оркестар на Македонската филхармонија.
Тој моментно е ангажиран како концерт-мајстор во Македонската филхармонија. Со Филхармонијата Кировски настапи на "Охридско лето", каде што го изведоа "Реквием" од Моцарт.

РЕАКЦИЈА ОД "МЕЃАШИ"

Првата детска амбасада во светот "Меѓаши", како меѓународна невладина организација за заштита на правата на децата, смета дека легализацијата на партијата, која ги застапува интересите на педофилите е опасност за безбедноста на секое општество, а посебна опасност е за безбедноста на децата.
Амбасадата "Меѓаши" смета дека програмските цели на оваа партија кои поддржуваат симнување на легалната возрасна граница кај децата за сексуални односи, легализирање на детската порнографија, па дури и легално прикажување и промовирање на насилна порнографија, е спротивна на духот на "Конвенцијата за заштита на правата на детето".
Имено, потписниците на Конвенцијата за правата на детето се залагаат за меѓународна акција на државите и другите меѓународни организации во корист на хармоничен развој на личноста на детето, негово растење во семејна средина, во атмосфера на љубов и разбирање.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ: ЗА ПОДОБРА МАКЕДОНИЈА ПОБЕДНИК НА ИЗБОРИТЕ - БУЧКОВСКИ: ОПОЗИЦИЈАТА ДОБИ ПОДДРШКА ОД ГРАЃАНИТЕ

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од коалицијата За подобра Македонија победиja на парламентарните избори, објави синоќа лидерот на партијата Никола Груевски.
- На овие избори граѓаните покажаа зрелост, донесоа мудра и смела одлука во вистински момент. По вечерашната мала прослава, од утре треба да ги почнеме процедуралните работи за формирање влада. Мора брзо да почнеме да работиме и да ја исполнуваме програмата и она што им го ветивме на граѓаните. Довербата од граѓаните за мене и за моите соработници е огромна одговорност. ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада на сите граѓани на Република Македонија, која ќе се ориенитра кон подигнување на животниот стандард и нема да ги дели луѓето на вмровци и сдсмовци, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност за сите што излегле на гласање без разлика дали гласот го дале за коалицијата За подобра Македонија или не.
- Мораме да ја оправдаме довербата. Ни претстои период на макотрпна работа за подбра Македонија, истакна Груевски потенцирајќи дека изборите биле релатiвно мирни и фер што е заслуга на сите партии и на сите граѓани. - Тоа е предулсов Македонија да се надева на побрз прогрес кон Европската унија што ќе биде приоритет на идната влада. Приоритети ќе ни бидат и борбата за економски напредок, против сиромаштијата и корупцијата. Таа борба нема да биде ни лесна ни едноставна. Одлучни сме во борбата против криминалот и корупцијата и за подобро утре за Македонија, изјави Никола Груевски.
Со макотрпна работа и доследност на програмата, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се почувствуваат придобивките. - Нема успех преку ноќ, не ветуваме чуда и невозможни работи. Ветуваме многу работа, посветеност, чесност и одговорност. Ќе бидеме најодговорната влада на Република Македонија во изминатите 15 години, потенцира Никола Груевски.
Претседателот на СДСМ и лидер на Коалицијата За Македонија заедно Владо Бучковски, изјави дека опозицијата предводена од Никола Груевски освои најголема поддршка од граѓаните.
- Денеска победи Република Македонија. Ние уште на почетокот пред почнувањето на кампањата порачавме дека на крајот ќе бидеме задоволни ако имаме фер и демократтаски избори, ако го положиме овој европски тест и ако Македонија биде во позиција на крајот да се радува. Успехот е дека имавме исклучително добри избори, најдобро организираните досега, посочи Бучковски обраќајќи се до граѓаните.
Тој информира дека телефонски му ја честитал победата на парламентарните избори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата За подобра Македонија Никола Груевски.
- На Груевски му посакав што е можно побргу откако ќе го добие мадатот да формира влада. Ако тоа не го направи ние сме тука. Изборите ги закажавме во лето за да не губиме време. Македонија мора да го искористи последниот квартал од годинава за силно да продолжи со реформите и да се приближува кон ЕУ и НАТО. На граѓаните им порачувам дека со СДСМ можат да бидат сигурни дека во Парламентот ќе имаат политичка опција која ќе даде се од себе за приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, порача Бучковски додавајаќи дека СДСМ е голема во успесите, но и оти достоинствено ги поднесува неуспесите.