ИНФО                                           
     
  ДУХОВНИТЕ МИСТЕРИИ НА МАКЕДОНИЈА

"Откријте ги духовните мистерии на Македонија" е насловот под кој на Интернет-страницата на Yahoo познатиот светски авантурист Ричард Бенгс ги пишува доживеани искуства во земјата на Александар Македонски. Според него, осумте чуда на Македонија се: Александар, Хераклеја, Виа Игнација, Охрид, Куклица (со куклите во камен), Каменот од Розета (тријазичната гранитна карпа пронајдена во Египет за која од неодамна се тврди дека главниот натпис е старомакедонски испишан со демотско писмо), Кокино (неолитска опсерваторија), манастирот "Свети Ѓорѓија" во Старо Нагоричане изграден во XI век.
Бенгс, кој 35 години крстосува и ги открива најубавите, најдалечните и најмистериозните места на планетава, до неодамна беше и во Македонија, за која пишува дека студентите кои ја изучуваат Библијата знаат за земјата каде што апостолот Павле го донел христијанството.
"Пред два милениума ова беше најмоќното место на светот. Во IV век пред нашата ера младиот принц Александар почна кампања со која го освои светот откако неговиот татко Филип Трети од Македонија беше убиен пред да ја оствари таа мисија. Александар беше првиот светски лидер во историјата", пишува Бенгс.
Има интересни факти кои ги изнесува овој авантурист, а малку се познати дури и кај нас. Тој истакнува дека Клеопатра е со македонско потекло, што е точно ако се знае дека со тогашен Мисир или денешен Египет цели сто години владееле Македонци.
"Ние ја истражуваме веројатно најславната непозната земја на светот, со нејзиното најстаро езеро во Европа (Охридско), неодамна откриената неолитска опсерваторија (Кокино) до православните манастири и муслиманските џамии", пишува овој авантурист и ги поканува сите да дојдат да ги откриваат мистериите на Македонија. За нашата земја тој пишува со пиетет, особено за мисијата на Александар Македонски, при што истакнува дека по неговата смрт Македонија станува центар на светот, место каде што се вкрстувале цивилизациите.
"Всушност, се верува дека Македонците се потомци на Зевс", истакнува Бенгс.

КВАЛИТЕТНИ ВРСКИ СО МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ

Делегацијата од Нов Јужен Велс, предводена од пратениците Питер Брин и Норин Хеј, а во чиј состав се и нивните советници Игор Александров, Мајкл Радин, Ицо Најдовски и Роберт Деспотовски, во Охрид се сретна со шефот на македонската држава, Бранко Црвенковски, при што е констатирано дека постои потреба од поинтензивна и подобра координација меѓу организациите на Македонците во Австралија и институциите во Македонија. Црвенковски, како што соопшти неговиот кабинет, оценил дека нивната посета на Македонија и на регионот претставува позитивен чекор напред за конкретно запознавање на состојбите во двете држави. Пратениците Брин и Хеј го информираа Црвенковски за нивната посета на Бугарија, Албанија и на Грција, ставајќи посебен акцент на активностите на заедниците на Македонците во Австралија. Претседателот Црвенковски го изразил своето уверување дека за Македонија и натаму од голема важност е одржувањето блиски и квалитетни врски со македонските иселеници во Австралија, што е од заеднички интерес.

БОШКОСКИ ПОВТОРНО ВО "ЈУГО-БЛОК"

Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски повторно е вратен од т.н. оддел "југо-блок" на третиот кат на затворот Шевенинген. Поради истоштеност и депресија, на Бошкоски во преселбата му помагал хрватскиот генерал Анте Готовина, а Трибуналот експресно му го исполнил барањето, неговите деца Катерина, Панче и Филип да бидат со него неколку дена.
Од петокот неговото здравје се влошило поради што Хашкиот суд ангажирал лекар од Србија за да се грижи за него. Според информациите од неговите блиски, здравствената состојба на Бошкоски се влошила поради депресија во која западнал откако Владата во заминување, освен ветувања, ништо не направи за да му помогне за подготовката на неговата одбрана.

ДЕЛУМИЧНО ЗАДОВОЛНИ ОД ИЗБОРИТЕ

Сумирајќи ги резултатите од парламентарните избори, освоеното едно пратеничко место, разговорите за коалиција во идниот владин кабинет и најавувајќи го вториот Конгрес на Партијата за европска иднина, претседателот на ПЕИ, Фијат Цановски истакна: "Како новоформирана партија не сме задоволни од првичните резултати. Очекувавме многу повеќе, најмалку три пратеници и тоа барем двајца во Петтата изборна единица и еден во Шестата. Но, како партија која се формира пред три месеци, сепак успеавме да влеземе во Собранието, и делумично мораме да бидеме задоволни. Со тоа докажавме дека станува збор за прва мултинационална партија во вистинска смисла, во која подеднакво гласовите ги дадоа луѓе декларирани како Македонци, Албанци и Турци. На овие избори освоивме околу 12.000 гласови, но се надевам дека на наредните ќе имаме многу повеќе. Како политичка партија и со еден пратеник ние сакаме да бидеме во власта со единствена цел-навистина да помогнеме да се реши кризата во Македонија, особено во југозападниот дел. Како пратеник и претседател на ПЕИ воопшто немам лични цели, ниту сакам да бидам министер, ниту заменик-министер, моја цел е да им помогнам на луѓето. Би сакал оваа влада да биде влада на чесни, некорумпирани луѓе кои ќе & мислат добро на државата".
За нивните бизнис програми тој вели: "Бев во посета на повеќе европски држави, ја презентирав партијата во Италија, Швајцарија, Австрија и Словенија, каде има многу наши иселеници и тие се подготвени да го вложат својот капитал кај нас".

ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ ВОЛОНГОНГ И МАКЕДОНИЈА

Искуства во областа на функционирањето на локалните власти и во образованието разменија градоначалниците на Скопје и на Волонгонг, Австралија. Градоначалникот на Волонгонг, Алекс Дарлинг, и неговиот заменик Кирил Јовановски, минатиот викенд го посетија Скопје, при што потпишаа и договор за соработка меѓу Музејот на Македонија и Градската галерија од Волонгонг, каде што веќе била поставена изложбата на теракотни икони од Македонија. Во Волонгонг живеат голем број Македонци, а македонскиот јазик е втор по употреба во главниот град на оваа австралиска област.

БРОНЗЕН МЕДАЛ ЗА МЛАДИОТ ИНФОРМАТИЧАР

Димитар Мишев, ученик од државното средно училиште "Славчо Стојменски" од Штип, освои бронзен медал на 14. Балканска олимпијада по информатика, која неодамна заврши во Никозија, Кипар.
Освен Мишев, во составот на македонската селекција беа и средношколците од Скопје, Бојан Костадинов од "Георги Димитров", Стефан Трајковски и Илија Лалковски од "Раде Јовчевски-Корчагин" и Ален Стојанов од "Кочо Рацин" од Велес. Нив ги предводеа Миле Јованов и Методија Јанчески од Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, актуелен претседател на Здружението на информатичарите на Македонија. На Балканијадата учествуваа репрезентациите на домаќинот Кипар, на Македонија, Бугарија, Романија, Србија и Црна Гора, Грција, Босна и Херцеговина, Молдавија и Албанија.

МЕЃУНАРОДНИОТ ЛЕТЕН УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО

Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово до 28 овој месец ќе биде домаќин на вториот Меѓународниот летен универзитет на кој ќе учествуваат околу 600 студенти од Македонија и од повеќе европски земји. Цел на манифестацијата е студентите да се здобијат со нови знаења и да ги разменат веќе постојните знаења и искуства, по принципот на кредит трансфер системот. Со нови знаења студентите ќе се здобијат преку курсеви од областа на јавната администрација, правото и економијата. Предавачи се професори од Македонија и од универзитетите во САД и во ЕУ.

ЛИКОВНА КОЛОНИЈА НА ЗБРАТИМЕНИ ГРАДОВИ

"Скопје 2006" е прва ликовна колонија на збратимени градови што ќе се одржи од 1 до 10 септември годинава во хотелот "Арка". На колонијата ќе учествуваат 10 уметници, од кои петмина се македонски академски уметници, а другите се гости од збратимените градови Дижон, Нирнберг, Софија, Истанбул и Братфорд. Организатор е Град Скопје во соработка со Музејот на Скопје.

ЛИКОВНА КОЛОНИЈА "ДОЈРАНА"

Ликовни уметници од земјава и од странство годинава по 14. пат ќе учествуваат во создавањето уметнички дела во рамките на Меѓународната ликовна колонија "Дојрана". Инспирација за творење им се природните одлики на гевгелискиот крај, планината Кожуф, летувалиштето "Смрдлива вода", бањите, животот во маалата низ градот, старата чаршија и старата градска архитектура.
Меѓу 14-те учесници на колонијата има ликовни уметници од Русија, Бугарија и од Србија. Досега на колонијата учествувале повеќе од 130 уметници од земјава и од странство, а нивните дела биле изложувани во Италија, Белгија, Франција и во други држави.

ХРВАТСКАТА КОЛЕКЦИЈА ВО МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ

Во Музејот на современа уметност беше отворена изложба од Хрватската колекција која е подарок во постојаната збирка на Музејот. Хрватската збирка е прва од донациите кои, по земјотресот во 1963 година, го формираа Музејот, кој прерасна во институција со престижен ранг во регионот.
Со оваа презентација институцијата продолжува пред нашата јавност да го изложува богатството на одредена средина и култура, кои се дел од колекцијата подароци во Музејот, која содржи 3.000 дела од 63 земји.

КУБАНСКАТА ПОЕТЕСА ЧЛЕН НА ДПМ

Годинашниот лауреат на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата - кубанската поетеса Нанси Морехон - е прогласена за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
По завршувањето на годинашната поетска манифестација, на крајот на август ДПМ ќе организира портрет на Морехон. Од досегашните добитници на наградата Златен венец на СВП за почесни членови на македонската писателска асоцијација се прогласени Хусто Хорхе Падрон од Шпанија, Едуардо Сангвинети од Италија и Славко Михалиќ од Хрватска.

"ПРИЛЕПСКО ЛЕТО"

Концертот на Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар од Скопје го отвори "Прилепско културно лето". Манифестацијата ќе трае до 9 август, а за тоа време ќе бидат изведени две театарски претстави, две изложби и неколку концерти. На "Прилепско лето" ќе бидат прикажани и книжните икони, кои беа презентирани во Македонскиот културен центар во Њујорк.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВМРО – ДПМНЕ 32,4%, СДСМ 23,3% ОД ГЛАСОВИТЕ

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од опозиционата ВМРО–ДПМНЕ победи на парламентарните избори во Македонија со освоени 32, 46 отсто од гласовите.
Според последните податоци на Државната изборна комисија, од обработените 99,4 проценти од сите гласачки места во државата, коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ освоила 303,149 гласови.
Владеачката коалиција “За Македонија заедно“, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) освоила 217,650 гласови или 23,33 отсто.
На трето место со освоени 114,300 гласови е коалицијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Партијата за демократски просперитет (ПДП) или 12,23 отсто.
Демократската партија на Албанците (ДПА) освоила 70,133 гласови или 7,5 отсто, ВМРО – Народна партија – 57,121 или 6,11 отсто а Нова социјалдемократска партија (НСДП) – 56,922 гласови или 6,09 отсто.
Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) освоила 17.579 гласови, Партијата за економска обнова (ПЕО) 13.102 гласови, а Партијата за Европска иднина (ПЕИ),11,437 гласови.
Според ДИК, правото на глас на парламентарните избори го оствариле 56 отсто, или 975.132 илјади гласачи.
Преостанува да се обработат уште 41,238 гласови од вкупно 17 избирачки места во Втората, Четвртата и во Шестата изборна единица
Неважечки гласачки ливчиња има 37.883 илјади или околу 3.9 отсто.