ИНФО                                           
     
  БОШКОСКИ И НАТАМУ ВО ХАГ

Судскиот совет на Хашкиот трибунал по втор пат го одбил барањето, поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, да се брани од слобода за "случајот Љуботен". Ваквата одлука била аргументирана со тоа што Советот не бил убеден во гаранциите на македонската Влада дека ќе може да го врати Бошкоски на почетокот на судењето и дека ќе влијае врз сведоците. Ова е истото образложение со кое и минатата година било одбиено барањето Бошкоски да се брани од слобода.
 
     
  ДЕЦА-БЕГАЛЦИ НА СЕГРЧКАТА СРЕДБА

Педесеттина Македонци, деца-бегалци и нивни потомци, прв пат присуствуваа на сегрчката средба по повод 60-годишнината од почетокот на Граѓанската војна во Грција, која се одржа на 25 јуни во грчкиот град Негуш.
На собирот кој го организираше Асоцијацијата на политички бегалци репатрирани во Грција, присуствуваа повеќе од 5.000 борци и воени инвалиди од Грција.
"Асоцијацијата се залага на сите грчки граѓани протерани во текот на Граѓанската војна да им биде дозволено да се вратат во Грција и да ги добијат сите права кои им следуваат. Асоцијацијата поднесе барање до грчкиот Парламент да ги укине расистичките закони со кои не им се дозволува влез на бегалците, кои не се Грци по род. Претседателот на Асоцијацијата, Григорие Дофу, пред присутните рече дека со недозволувањето на Македонците да се вратат и да располагаат со својот имот што го оставиле, Грција постапува спротивно на европските принципи", изјави секретарот на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел од Македонија, Ѓорѓи Доневски.
 
     
  АВСТРАЛИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Деновиве во Македонија претстојуваат истакнати македонски активисти од Австралија, Игор Аврамовски, Мајлк Радин, Ицо Најдовски, Роберт Деспотовски, пратеникот од Нов Јужен Велс Питер Брин. Тие остануваат подолго време во РМ со намера да воспостават подобри комуникации со РМ и со другите активисти.
 
 
     
  ОДЛОЖЕН СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА КРИУМЧАРЕЊЕ МИГРАНТИ

Во Основниот суд Скопје 1 Скопје не се одржа судскиот процес за криумчарење мигранти. Обвинетите не биле донесени од затворот "Скопје" во Шутка бидејќи немало доволен број полицајци.
Група од дваесет и осум лица се обвинети откако биле фатени на дело како пренесуваат 16 мигранти. Најмногу биле пренесувани луѓе од Албанија во Република Грција, а цената на транспортот била од 1.000 до 1.500 евра.
 
     
 

МАКЕДОНСКО-ТУРСКИ ВОЕН ГРАНТ

Договор за воен грант за 2006 година потпишаа заменик на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Адил Газафер и началникот на Одделението за планирање одбрана и раководење на воени сили на Турција, бригаден генерал Али Акдоган. Договорот беше потпишан во Генералштабот на АРМ во Скопје при официјалната посета на висока воена делегација од Република Турција.

 
     
  СПОМЕНИК НА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ВО БИТОЛА

Во паркот пред Градскиот саат во Битола ќе биде подигнат споменик на загинатите бранители од Битола во воениот конфликт од 2001 година. Споменикот ќе го изработи скулпторот Ѓорѓи Димовски и архитектот Емилија Попандонова, чие идејно решение беше избрано како најуспешно на конкурсот кој го распиша Советот на Општина Битола, во конкуренција со уште 6 други трудови.
Наградата за авторскиот труд изнесува 1.000 евра, а за подигнувањето на споменикот од општинскиот буџет се обезбедени 1 милион денари, иако за целосната реализација се потребни многу повеќе пари. Како што најавија од Одборот за подигнување спомен-обележја на загинатите битолчани во конфликтот од 2001 година, парите ќе бидат обезбедени од донации и спонзорства.
 
     
  МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИЧАРИ НА БАЛКАНСКА ОЛИМПИЈАДА

Македонски средношколци се натпреваруваат за титулата најдобар информатичар на Балканската олимпијада по информатика, која деновиве се одржува во Никозија, Република Кипар. Учесниците на Балканската олимпијада по информатика ќе ги покажат своите знаења и вештини во програмирање на три јазици - "Паскал", "Ц плус" и "Ц плус плус". На минатогодишната 13. Балканска олимпијада, која се одржа во Родос, Грција, бронзата на Македонија & ја донесе штипјанецот Никола Постолов.
Најзаслужни за учеството, но и за големите успеси на македонските млади компјутерџии, како на БОИ, така и на Светската олимпијада по информатика, е Здружението на информатичарите на Македонија, кои ги организира националните натпревари по информатика во средните училишта во земјава.
 
     
  ТУРИСТИЧКА ПРОМОЦИЈА ОД ИТАЛИЈАНСКИ НОВИНАРИ

Како што информираа градските власти, италијански новинари ќе ги промовираат туристичките потенцијали на Скопје во весниците во кои работат. Затоа претставници од најголемите италијански специјализирани печатени и Интернет списанија престојуваа во работна посета во македонската метропола. Посетата се реализира во рамките на пилот-проектот за туристичка промоција на Скопје, кој е дел од поширокиот проект "Локалните власти-промотери на развојот", финансиран од италијанската Влада.
 
     
  ГЕВГЕЛИСКИ АМАМ ПРЕД РЕКОНСТРУКЦИЈА

До крајот на годинава македонските уметници ќе добијат нов галериски простор. Автентичната галерија во стариот гевгелиски амам, кој датира од XVIII век, ќе ги отвори вратите за уметноста и ќе прерасне во седиште на ликовната и музејската дејност. Проектот за реконструкција го изработи Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а амамот е под надлежност на гевгелискиот Музеј од 1997 година.
 
     
  ИЗЛОЖБА ЗА СЛЕПИ ЛИЦА

Во Музеј на Македонија во подготовка е изложба наменета за слепи лица насловена како "Во допир со антиката". Изложбата содржи копии на експонати од античкиот период, сопственост на Лувр. Експонатите ќе може да ги допираат слепи лица, а ќе има и посебни текстови со Брајова азбука. Изложбата ќе допатува од Белград, а ќе продолжи за Софија.
 
     
  "РАЗГОВОР СО СПИНОЗА" ВО САД

Американскиот сајт за литературна критика "Редистедибук" дале одлични оценки за романот "Разговор со Спиноза" на Гоце Смилевски. Романот на Смилевски во САД се појави во мај годинава, во издание на "Нортврстерн универзити прес" од Чикаго, а веќе бил позитивно оценет во весниците "Паблишерс викли" и "Јуропиан прес".
 
     
  НЕМА БЕСПЛАТНИ АЛБАНСКИ ВИЗИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Нема ништо од најавите на албанскиот премиер Сали Бериша дека ќе ги укине визите за македонските граѓани кои летово планираат да летуваат на албанското крајбрежје. Визите се уште важат за Македонците, а за Албанците нема влезна виза. Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека, и покрај најавата, од албанска страна сe уште не биле информирани дали ќе ги укинат визите.
Според актуелните албански закони, за влез на македонските Албанци во Албанија не им се наплатува влезна виза, додека Македонците мораат да платат 10 долари. Македонија и Албанија на политичко ниво досега многу пати најавуваа укинување на визите, со образложение дека две соседни земји не треба да имаат такви бариери.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОВАНОВИЌ - СВРТЕВМЕ НОВ ЛИСТ, РАБОТИТЕ ТРГНАА НА ПОДОБРО

„Свртевме нов лист, работите се тргнати во подобра насока, сите сфаќаат дека ни е потребна мирна и фер кампања“, изјави американската амбасадорка во Македонија Џилиен Миловановиќ
Амбасадорката, како што јави дописникот на Макфакс, изјавата ја даде по вчерашната средба со лидерите на ДПА и ДУИ во Тетово.
Изразувајќи задоволство од тоа што нема нови инциденти од минатата сабота, Миловановиќ, им порача на челниците на албанските партии, „да продолжат со спроведување на контролата на членството, и да се осигураат дека ќе нема нови инциденти од сега па до денот на изборите“.
Лидерот на ДПА, Џафери, кој не сакаше да ги коментира пораките што им ги пренесе американската амбасадорка, вчера повторно се осврна на инцидентот во Рашче:
„Врвот на ДПА беше на митингот во Рашче, а во групата која ги предизвика инцидентите имаше припадници на Алфите“, изјави Џафери, кој додаде дека „запленетото оружје ќе го предадат само во присуство на меѓународни претставници“.
Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, пак, во врска со инцидентот кај Рашче, синоќа соопшти дека партијата очекува „надлежните институции да си ја завршат истрагата“.
Американската амбасадорка за само една недела најмалку два пати се сретна со лидерите на главните партии на македонските Албанци. Минатиот петок во амбасадата на САД Ахмети и Џафери беа повикани на состанок во врска со изборните инциденти, по што беше издадена декларација во која се повикуваат симпатизерите и активистите на партиите да се воздржат од инцидентите.