ИНФО                                           
     
  ГОДИШНИНА ОД АЛЕКСАНДРОВАТА СМРТ

На 13 јуни се одбележува 2329 години од смртта на македонскиот великан
Александар III Македонски, синот на Филип II. Александар живееше 33 години, но за него и за неговите дела и ден денес се зборува. Тргнал на чело на својата македонска фаланга за заедно со неговите војници да ги обедини Македонците во што и успеал. Неговата мисија траела цели 12 години. Изневерен од "неговите" тој бил отруен во 323 година пред нашата ера, со што завршил големиот Александров поход.
 
     
  "МОРА ДА БИДЕ ФЕР"

На 13 јуни, во Клубот на пратеници, 30 политички партии го потпишаа Кодексот на однесување за слободни и фер парламетарни избори. Меѓу потписниците се и Владо Бучковски, Никола Груевски и Арбен Џафери. На настанот присуствуваа и претставници на меѓународната заедница, вклучувајќи ги претставниците на ЕУ, НАТО, ОБСЕ, ОДИХР, како и амбасадори од повеќе земји. Настанот беше следен од Националниот демократски институт (НДИ), од МОСТ и од Македонското женско лоби.
 
     
  СО ИЗБОРНА ИЗМАМА ДО ПРЕДАВСТВО

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џилиен Миловановиќ, во интервјуто за еден македонски дневен весник, истакна дека нашава држава е на добар пат, а добро е што сите партии имаат иста цел - интеграција во евроатлантските институции. Исто така, таа додаде дека претставници од меѓународната заедница им укажуваат на политичките партии да бидат внимателни и сите да разберат колку е важно тоа прашање. Тоа е натпревар меѓу партии кои сакаат да ја освојат власта и тоа е нормално. Но, амбасадорката Миловановиќ вели дека ако тоа се направи со измама, тогаш тоа е предавство на демократијата и на граѓаните.
 
     
  НАЈВАЖЕН ТЕСТ - ФЕР ИЗБОРИ

Генералниот секратар на НАТО, Јап де Хоп Шефер дојде во посета на Македонија за уште еднаш на власта и на политичарите да им повтори дека не смеат да направат грешка на претстојните парламентарни избори. Шефер кажа дека тоа е поврзано и со напредокот кон наше членство во Алијансата, и со добивањето позитивен абер по тоа прашање од самитот на НАТО закажан во Рига за крајот на годинава.
"На петти јули следи периодот кога треба да го направите најзначајниот напредок, а тоа се вашите парламентарни избори. Како генерален секретар на НАТО сакам да кажам дека јас сум 110 проценти неутрален, и дека тука не доаѓам за да се инволвирам на било каков начин во изборната кампања која следи. Меѓутоа, сакам да потенцирам дека најважниот тест ќе биде да се изведат 110 проценти целосно слободни, мирни и фер избори. Тоа е клучниот критериум по кој Македонија ќе биде оценувана, да се види дека е можно да се изведат такви избори", изјавил Шефер по средбата со премиерот Бучковски.
 
     
 

ТУРСКИОТ ПРЕМИЕР ВО МАКЕДОНИЈА

Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган со висока делегација пристигна во Македонија. При посетата оствари средба со премиерот Владо Бучковски, а во текот на билатералните разговори стана збор и за економската соработка меѓу двете земји, за конкретната поддршка која Турција и ја дава на Македонија за членство во НАТО, како и за поддршката на политиката која македонската Влада ја води за градење на функционално мултиетничко општество. По повод оваа посета Стопанска комора на Македонија организираше македонско-турски деловен совет, на кој Ердоган и Бучковски им се обратија на околу 250 стопанственици.

 
     
  ЦРНА ГОРА ПРИЗНАТА ОД МАКЕДОНИЈА

Република Македонија официјално ја призна Црна Гора како независна и суверена држава. Ова го соопшти премиерот Бучковски информирајќи ја јавноста дека одлуката е донесена на владина седница и дека е почната формалната постапка за назначување ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Подгорица.
И министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург донеле одлука за признавање на независноста на Црна Гора.
 
     
  РЕБРЕНДИРАЊЕ НА МОБИМАК ВО Т-МОБИЛЕ

Неодамна, Мобимак го објави ребрендирањето во Т-Мобиле, што почна со одлука на Бордот на директори на компанијата во февруари годинава. Планирано е да заврши на почетокот на септември 2006 година, со што Мобимак заедно со своите корисници станува дел од Т-Мобиле. Имено, Т-Мобиле е бренд со светско реноме, бренд лидер во Централна и во Источна Европа. На објавувањето на ребрендирањето говореа Мајкл Гунтер, член на Бордот на директори во Т-Мобиле Интернационал, Рубин Зарески, главен извршен директор на Мобимак и Атила Сендреи, главен извршен директор на АД Македонски Телекомуникации.
 
     
  ВЕРОНАУКАТА ЗАДОЛЖИТЕЛНА?

Според анкетата која ја спроведе Центарот за истражување и креирање на политики мнозинството анкетирани граѓани сметаат дека веронауката треба задолжително да се изучува во основното образование. Таа би требало се одржува еднаш седмично, а наставата да ја изведуваат теолози. Со ова се согласува и Г.Г. Стефан. Продолжување на верското наследство и обичаите и зајакнувањето на меѓусебната толеранција се одговорот на прашањето која е главната цел на воведувањето веронаука во јавното образование во земјава.
 
 
     
  КОНГРЕС НА ЛЕКАРИТЕ ОД ОПШТА МЕДИЦИНА

Околу 1.000 лекари учествуваат на Првиот конгрес на лекарите од општа фамилијарна медицина од земјите од Југоисточна Европа, кој се одржува во Охрид. На овој Конгрес, според Јован Тофовски, претседател на Македонското лекарско друштво, се разменуваат искуства во делот на фамилијарната медицина за навреме да се согледаат проблемите кои ќе настанат при усвојувањето на здравствената реформа.
На Конгресот учествуваат лекари од Македонија, Албанија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и Турција.
 
     
  СВЕТСКИ ДЕН НА КРВОДАРИТЕЛИТЕ

Под мотото "Да го прославиме дарувањето крв", Црвениот крст на Македонија и Републичкиот завод за трансфузиологија го одбележаа Светскиот ден на крводарителството. Централната манифестација, проследена со дружење и песна, се одржа во Скопје пред платото на Домот на АРМ.
 
     
  МАКЕДОНСКА ИЗЛОЖБА ВО ЊУЈОРК

Во организација на Националната галерија на Македонија во Македонскиот културен центар во Њујорк беше отворена изложбата "Меморариум" на македонската уметничка Дијана Томиќ Радевска. Изложбата опфаќа дела од последните неколку години, вклучувајќи повеќеслојни графики, објекти, видеоинсталации итн. Таа е отворена до 4 јули 2006 година.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СРЕДБА НА ЕВРО РЕГИОНОТ СКОПЈЕ – СОФИЈА – НИШ

Градоначалниците на Еврорегионот Скопје-Софија – Ниш ќе разговараат денеска во бугарската престолнина за проекти што регионот ќе ги реализира во иднина.
На средбата ќе учествуваат скопскиот градоначалник Трифун Костовски и градоначалниците на Ниш и на Софија, Смиљко Костиќ и Бојко Борисов.
Најавено е потпишување договор за примопредавање на претседателствувањето со Еврорегионот од Ниш на Софија.
Градоначалниците Костовски, Костиќ и Борисов на последната средба, минатиот месец во Скопје, порачаа дека споделуваат заедничка цел - од Балканот да направат достојно место за живеење.
Средба на Евро регионот Скопје – Софија – Ниш
Скопје /22/06/ 08:25
Градоначалниците на Еврорегионот Скопје-Софија – Ниш ќе разговараат денеска во бугарската престолнина за проекти што регионот ќе ги реализира во иднина.
На средбата ќе учествуваат скопскиот градоначалник Трифун Костовски и градоначалниците на Ниш и на Софија, Смиљко Костиќ и Бојко Борисов.
Најавено е потпишување договор за примопредавање на претседателствувањето со Еврорегионот од Ниш на Софија.
Градоначалниците Костовски, Костиќ и Борисов на последната средба, минатиот месец во Скопје, порачаа дека споделуваат заедничка цел - од Балканот да направат достојно место за живеење.