ИНФО                                           
     
  ПАРТИИТЕ ГИ ОБЈАВИЈА СВОИТЕ ЛИСТИ

Минатиот викенд беа скроени партиските листи за идните пратеници. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, чие објавување на листите помина мирно, кај СДСМ беше бурно, со денови имаше реакции. Ниту една од поголемите партии, но и од помалите не понудија некакво изненадување, освежување на кадровскиот состав на листите. Бучковски, Пенов, Поповски, Шекеринска, Митрева и Макрадули се на врвот на СДСМ - листите, луѓе кои во изминативе 4 години беа на истурените позииции во власта. Кај опозицискиот блок ситуацијата речиси идентична. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, Славевски, Ѓорчев, Бонева, Георгиевски и Милошоски, се луѓе добро познати на граѓаните. Слична е состојбата и кај ВМРО-НП на Георгиевски и Новата социјал-демократска партија на Тито Петковски. ВМРО - Народна партија ги објави првите пет кандидати за избор на пратеници во шесте изборни единици на претстојните парламентарни избори. Георгиевски на врвот на листите го стави речиси целиот состав што беше во извршната власт додека тој раководеше со Владата, но со кои и ги загуби изборите во 2002 –та. Петковски, пак, истапува со луѓето кои не успееја да се наметнат во власта во изминативе четири години владеење на СДСМ, а и ДОМ на Поповска го објави името на Љубчо Николовски Фуфо, кој се јавува како носител во двојката. Демократската унија за интеграција и Демократската лига на Бошњаците потпишаа Договор за коалиција. Тие ќе настапат заедно на претстојните парламентарни избори. Демократската лига на Бошњаците во последен момент се "прешалта" во редовите на Ахмети. Партијата, инкогнито ги напушти преговорите со коалицијата "За Македонија заедно".
Најжестоката битка на претстојните парламентарни избори ќе се води во првата, скопска, изборна единица каде што партиите ги предложија своите фаворити, покажуваат партиските листи на кандидати. Таму, како носители на листите, ќе се судрат лидерите на владејачката коалиција и на здружената опозиција Владо Бучковски и Никола Груевски, но не послаби ќе бидат дуелите и во другите пет изборни единици - во "шестката", каде што се среќаваат лидерите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Арбен Џафери, во "двојката" лидерот на ЛДП Ристо Пенов и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славевски, во "тројката" помеѓу Радмила Шекеринска од СДСМ и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
 
     
  МАНИПУЛИРАЊЕ СО БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Во средата (31 мај) при посетета на Хаг, министерката за надворешни работи, Илинка Митрева планираше да ги посети поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во затворот Шевенинген, но, уште пред да замине, Тарчуловски одбил средба со неа. Според извори на МНР, Митрева требаше да му соопшти на Бошкоски дека Владата е подготвена да ја финансира неговата одбрана пред Хашкиот суд. Според ВМРО-ДПМНЕ, посетата на Митрева е уште еден показател дека државата реторички и вербално со Бошкоски и со Тарчуловски.
 
     
  ДОГОВОР ЗА РЕАДМИСИЈА СО БЕНЕЛУКС

Македонија во Хаг потпиша договор за реадмисија со земјите од Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург). Тоа е единаесетиот договор за враќање на нелегалните имигранти што Македонија го има со земјите членки на ЕУ, а е еден од клучните услови за можно олеснување на визниот режим. Министерот за надворешни работи, Бернард Бот оценил дека потпишувањето на договорот е доказ за одличните односи меѓу Македонија и Холандија, како и доказ за поддршка на македонските асапирации за членство во ЕУ.
 
     
  РЕГИОНАЛИЗАЦИЈА, НО НЕ И КАНТОНИЗАЦИЈА

Домашни експерти по меѓународно право, евроинтеграции, локална самоуправа и политичари се на мислење дека во Македонија во наредните години ќе се создаваат регионални општински сојузи што би го замениле концептот за евентуално идно кантонално или федерално уредување. Според нив регионализацијата има многу добри страни, дека регионите нема да имаат политичка моќ, но сепак некои од нив оценуваат дека во иднина тоа може да се промени. Во границите на државава наскоро ќе се формираат осум поголемо региони - југозападен, пелагониски, вардарски, североисточен, скопски, југоисточен, источен и полошки.
 
     
 

КУПОПРОДАЖЕН ДОГОВОР МЕЃУ МАЏАР ТЕЛЕКОМ И МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА

"Маѓар телеком", сопственикот на "Македонски телекомуникации" најави дека Собранието на компанијата го овластило менаџментот да откупи максимум 10 отсто од акциите на МТ од Владата на Република Македонија.
Од друга страна во соопштението од "Македонски телекомуникации" се наведува дека македонската Влада планира да го продаде својот удел во износ од 45 проценти во АД "Македонски телекомуникации" (МТ). Точниот број на акции и цената на аквизицијата ќе бидат објавени по склучувањето на договорот со Владата.

 
     
  ОДРЖАНО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЛЕШОК

На 25 Мај 2006 година членовите на Здружението "Лешок" одржаа Собир на кој беше поднесен Извештај за работата на Здружението за период 2002-2005 година, од страна на досегашниот претседател Митко Спироски и собирот го одобри истиот.
На Собирот беа предложени и едногласно избрани нови девет членови на Собранието, кој е највисок орган на Здружението. За нов претседател беше избран Дракче Коцевски, а за заменик Илија Петрушевски. Новите членови на Собранието ќе продолжат да ја реализираат програмската определба на Здружението "Лешок" во наредните две години.
 
     
  КНАЈНОВОТО СПИСАНИЕ "ГРАДИНА" СО ОМАЖ ЗА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА

Списанието за литература, уметност и култура "Градина" од Ниш, Србија, излегува од 1900 година. Најновиот 12 број за годинава, целосно е посветен на современата македонска литература. Оваа своевидна антологија на автори од помладите генерации во македонската литература е структуирана во четири тематски блока. Дванаесет раскажувачи ги исполнуваат страниците за проза, присутна е и поезијата , третиот дел именуван е како "Скок во монодрамата", а во "Линкови" поместени се од неколку македонски автори. Новото претставување на современата македонска литература во "Градина" претставува едно од највредносните и поцелосни презентации во странство во последниве неколку години. Тоа е извонреден напор и резултат на Зоран Пешиќ-Сигма, кој го дополнуваат и одличните преводи од македонски на српски јазик, чии потписници се Данијела Костадиновиќ, Радомир Виденовиќ и Љупчо Силјановски.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ: НА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ВО РЕГИОНОТ ДА ИМ ОСТАВИМЕ НАСЛЕДСТВО НА ВОСПОСТАВЕНА КОМУНИКАЦИЈА

– Цврсто сум убеден дека со јакнењето на заедничката соработка и поддршката од страна на УНЕСКО, ЕУ и Советот на Европа ќе ги имплементираме нашите одлуки донесени на овие значајни средби и ќе успееме на нашите идни генерации во регионот да им оставиме наследство на воспоставена комуникација кое ќе се базира на нашата взаемна толеранција, култура на мирот, воспоставен дијалог и почитување на културните разлики. Тоа треба да биде новата визија во ЈИЕ, истакна во своето обраќање македонскиот претседател Бранко Црвенковски на самитот на шефовите на држави од Југоисточна Европа, кој се одржува во Опатија на тема Комуникација на наследството:Нова визија за ЈИЕ.
Претседателот Црвенковски, како што јави известувачот на МИА, изрази благодарност до генералниот директор на УНЕСКО Коиширо Мацура за силната поддршка и разбирање што ја дава на земјите во Југоисточна Европа во нивните настојувања и стремежи за зачувување и унапредување на взаемната соработка и забрзаното интегрирање во европските и евроатланските структури.
- Комуникацијата на земјите на ЈИЕ во сите аспекти од културниот, социјалниот, економскиот и политичкиот живот не е само можна, туку и нужна претпоставка на развитокот, интеграцијата и вклучувањето на регионот во современите културни текови на Европската унија, додаде Црвенковски.
Тој оцени дека вистинската смисла на наследството ќе може да се осознае само тогаш кога, како што рече, ќе успееме на неговите темели да изградиме подобра иднина за сите и на најсомничавите еднаш за секогаш ќе им стане јасно дека цивилизациските разлики што ги имаме отсекогаш биле наша предност, а не хендикеп.
Целта на состанокот, кој нуди единствена можност за признавање на клучната улога што културата и науката ја имаат во развојот на ЈИЕ, е да им се овозможи на експертите да се осврнат на главните елементи на културните патишта, а тоа се самите локации познати по природната убавина или културната вредност. Посебен акцент е ставен на консолидирање на знаењето за постоечките активности и иницијативи, со цел да се постигне поцврста регионална соработка, како и координација на постоечките проекти и иницијативи, било да станува збор за проектите на УНЕСКО, Советот на Европа или ЕУ или проектите кои се започнати токму во овој регион.
Самитот го отвори хрватскиот претседател Стипе Месиќ, а на средбата учествуваат и претседателите на Албанија Алфред Мојсиу, на Бугарија Георги Прванов и на Црна Гора Филип Вујановиќ, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Сулејман Тихиќ, потоа хрватскиот премиер Иво Санадер, српскиот министер за култура Драган Којадиновиќ, турскиот државен министер Мехмет Ајдини, романскиот државен секретар Виргил Нитулеску, како и генералниот секретар на СЕ Тери Дејвис и генералниот директор на УНЕСКО Коиширо Мацура.
На маргините на состанокот во Опатија, Црвенковски ќе има билатерални средби со црногорскиот претседател Вујановиќ и со генералниот секретар на Советот на Европа Дејвис.
Во рамките на програмата, предвидено е учесниците на форумот да го посетат градот Пореч, каде ќе ја разгледаат Еуфразиевата базилика, која е еден од шесте хрватски споменици што се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО.